Недостигот на работни стручни кадри и масовното иселување на младите во други држави по подобар живот и натаму се рак-рана за нашата држава.

Патот што го изодел младиот менаџер на „Посредник 24“, Даниел Пешов како студент преку програмата Work & Travel во Германија до креирање на сопствена агенција за посредување за работа на студенти во германските компании, е искра надеж дека не сите млади, откако ќе го почувствуваат европскиот начин на живеење ја затвораат вратата од Македонија зад себе. 

Според нашиот млад соговорник, работата и општо самиот германски начин на живот не е само во добрата заработка туку и огромно искуство, поука, забава, нови пријателства, нови гледишта на еден нов менталитет многу поразличен од нашиот, исполнет со дисциплина, одговорност, самоиницијативност и брзи одлуки.

Програмите Work & Travel отвораат други видици

За интересот на младите за практична работа во Германија, за искуството од студентската работа па се до идејата да започне сопствен бизнис со посредување, овој млад генерален менаџер подробно ги пренесува своите искуствени видувања, забелешки, предизвици и храбрите одлуки како пример  за други млади луѓе. Пешов е дипломиран економист (департман финансиски менаџмент, генерација 2018 година), кој за својата професија искрено вели: „Првично кога се запишав на факултет, се носев со идејата дека ќе работам во некој финансиски сектор во некоја банка или институција. Меѓутоа, откако учествував во програмите Work & Travel, наменети за работа на студенти во Германија, добив други погледи, па и идеја за она што сакам да работам.

Иако по првпат престој таму, во северниот дел на земјата, искуството не било многу позитивно, во секој случај било поучно за него. Впрочем тоа било на самиот почеток од неговите студии. Потоа по една година пауза, пак ја користел оваа студентска програма за Германија, но тогаш се фокусирал не само на работниот ангажман туку посетувал и курс по германски јазик. -Тоа беше добар исчекор за мене. Владеењето на јазикот ми овозможи да бидам во контакт со неколку менаџери за човечки ресурси во германски компании, кои ме вклучија во подготовката за летната сезона за следната година. Всушност целата приказна започна кога една од моите колешки побара помош од мене за работа во летниот период во Германија, а на која претходно и раскажував за моето искуство од престојот таму и можностите за работа.

Помош, предизвик и прва реализација

Сакајќи да и помогнам го контактирав менаџерот каде што јас работев. Од таму  потврдија дека имаат потреба од студенти и се договоривме за група од осум студенти за сезонска работа. И секако се обидов да одговорам на тој предизвик.Контактирав повеќе мои колеги и ја склопив првата група, раскажува Пешов, кој скромно признава дека практично тогаш ја реализирал и првата провизија, паушал со пристојна цена.

Склопил група од 13 студенти за да ги пополни понудените работни места, но во меѓувреме добриот глас, во случајов –договорената студентска работа во Германија- брзо се расчул меѓу студентите. Интересот бил поголем од бараниот број. 

Оваа група студенти била договорена за рестораните со брза храна- Subway во Минхен. „Но, бидејќи имаше повеќе пријавени студенти се потрудив и исконтактирав со повеќе компании кои покажаа интерес и за среќа обезбедивме работа за сите студенти. Значи првата група беше од 32 студенти.

Тоа беше јак предизвик за мене и храброст затоа што и јас сѐ уште бев студент, и јас работев, а паралелно пак одев на курс за изучување на германскиот јазик на Универзитетот Лудвиг Максилијан во Минхен“, продолжи младиот менаџер.

Тој ни раскажа и дека парите што ги заработил од таа сезона му се виделе како супер можност, затоа што успеал да си ја финансира следната година на факултет. Да оди на одмор и да си купи компјутер. -И бидејќи студирав економија размислив дека ова може да има голем потенцијал. Затоа што уката директно ја применив во пракса“, се присетува Даниел, па продолжи редоследно да ги пренесува своите следни ангажмани во таа насока.

„И следната, во четвртата година од моите студии, веќе активно работев како посредник на познаници од пиар службите во германските компании и составив група од околу 70 студенти кои отидоа на работа во Германија.“  

Самовработување

По дипломирањето Пешов одлучил да се вработи, а посредувањето за студентска работа да му биде дополнителна дејност. Затоа почнал да оди на пракса, прво во една шпедитерска, па ИТ компанија. Меѓутоа, како што се приближувала сезоната сфатил дека поради бројните телефонски повици, не може да одговори на двете работни позиции.

 „Ми беше незгодно цело време да излегувам и да зборувам на телефон. И одлучив дека токму ова е работата што сакам да ја работам посериозно, и започнав да го истражувам пазарот околу регистрација на фирмата.

Во меѓувреме ја искористил и мерката за самовработување преку АВРМ. Одлука со која практично си ја исполнил желбата – да креира сопствен бизнис, па макар и мал. Бидејќи, како што самиот вели, - јас уште во основно знаев дека ќе студирам економија, па токму во тој период почувствував дека е вистински момент да се впуштам во мојата професија. Успеав преку мерката за самовработување да ја отворам Агенцијата за посредување при крај на 2019 година. И таа, првата година беше супер со голем број на апликанти, но потоа ни се случи корона. За среќа и во тој  период успеавме да реализираме околу 10 отсто од пријавите. Имаше можност и за повеќе затоа што компаниите беа спремни да ги прифатат студентите, ама луѓето се плашеа, беше голема неизвесност. Сепак, околу 30-ина храбри студенти одлучија да ја користат програмата на Work & Travel во неколку германски градови. И тоа беше голем успех- сите се вратија без здравствени последици, со поголеми заштеди бидејќи поради короната не можеа да шетаат“, раскажува Даниел.

Следната година, бројот на реализирани ангажмани беше уште поголем. Во 2021 сите патуваа, работеа и беше подобро. А минатата година, како четврта веќе ја бележиме како успешна бидејќи реализиравме 100-ина студентски патувања. И бидејќи 2021 година имавме некои административни тешкотии во Германија заради промена на регулативата околу студентска работа,  одлучивме да испратиме студенти и во Хрватска. Имавме една тест-група со мал број студенти, кои супер поминаа. Тоа беше увертира, можност за нов пазар за студентска работа. Па, лани имавме една група со околу 60 апликанти кои успешно ги реализиравме.

 

Во фокус, автомобилската, производната и индустријата за логистика

Фокусот на „Посредник 24“ за разлика од другите агенции кои претежно нудат работа во гастрономија и фаст фуд ресторани или хотели, се позиции во автомобилската индустрија, логистика или други производни индустрии.

„Сметавме  дека  ова е поинтересно за студентите, бидејќи можеа да видат како работат едни од најголемите, технолошки напредни компании во светот, како Сименс, Дајмлер, ЕЛЏИ, Мишелин, Крамп, ДХЛ“, потенцира Пешов.

Иако, вели тој- работевме и со една од најпознатите beer gardens во Минхен кои имаат над 100- годишна традиција каде луѓето можат да ја искусат таа баварска култура.“

Инаку, пакетот за работа во Германија што го нуди Агенцијата опфаќа работната позиција, работна дозвола, сместување, организација на транспорт, здравствено осигурување. А од лани и бесплатни телефонски броеви. Патем „Посредник 24“ асистира и при отворање на германска сметки, а доколку се формира група организираат и изучување на германски јазик. По враќањето студентите добиваат помош околу процедурата за повраток на данокот од доход.

Надоместот за студентите кои аплицираа преку „Посредник 24“ до 2022 година изнесувал околу 250 евра (15 500 денари) за сите работни позиции. Карактеристично за минатата година се и промоциите за бесплатна програма на околу 100 студенти и попуст од 50 проценти за 100 студенти. Тоа во суштина значи дека трошоците за апликација за работна дозвола им биле бесплатни, додека осигурувањето, превозот и сместувањето сами го плаќаат.

Младиот менаџер објаснува дека минатата година успеале да договорат со капацитети од автомобилската индустрија додаток за сместување од 200 евра за оние кои биле лоцирани надвор од градовите, или пак обезбедиле автомобил за групно доаѓање на студентите.

Саатницата за практиканти лани се движела од 10,82 евра до 11,5 или 12,5 па и 13,5 евра, а годинава, очекуваат саатниците да бидат повисоки. Покрај, студентите, кои се таргет пазар, агенцијата нуди услуги за виза, и за европски пасоши...

По студентската пракса во странство, помалку заминуваат

Пешов исто така образложи дека нивните интерни истражувања покажуваат дека бројот на студенти кои се одлучуваат да заминат на работа во Германија по завршување на програмата Work & Travel се движи максимум од пет до седум проценти, додека другите сепак сакаат да си работат овде, дома.

Иако сите бројки покажуваат дека има иселување на работоспособниот кадар, младиот и амбициозен менаџер пренесува дека повеќето од тие што одат не се заинтересирани да останат, бидејќи секој старт и таму е тежок. - Младите си се сакаат себе си, се ценат и не сакаат цел живот да бидат на некоја стартна позиција, се гледаат поразлично во својата кариера особено откако ќе апсорбираат, квалитети, вештини и работни навики.

Лично, Пешов, исипувањето на младиот кадар го лоцира како проблем во образованието, но и кај родителите кои ги поштедуваат своите деца од работни активности, па наместо да ги учат децата да работат од мали нозе тие ја поттикнуваат мрзливоста. „Во странство за разлика од нас, сите уште додека студираат работат, вредни се дисциплинирани, рано се стекнуваат со работни навики....

За крај Пешов нагласи дека практичната летна работа во други држави ја гледа како многу добро искуство и можност студентите да отидат да видат како функционира една бизнис култура и работните навики во западно- европски држави. 

„Всушност и мојата идеја така произлезе, од работата, контактите, учење јазик. Значи да не биде приматот само финансискиот бенефит. Туку младите да вложат во себе, да ги подобрат и унапредат своите вештини, да научат како стекнатите средства да ги оплодат, бидејќи тие пари сами по себе нема да им го решат животниот статус. Секој кој ќе успее да примени и реализира некоја своја идеја ќе се чувствува задоволен овде во Македонија, и ако успее во тоа нема да  му биде  битна локацијата туку успешноста на бизнисот – можноста за супер заработка за себе...

Инаку амбициозноста продолжува, па Пешов вели дека планира дигитализација на работата и агенција во соседството ... Воспоставивме соработка и со други агенции и целта ни е да отвориме наши претставништва надвор од Македонија – „Посредник 24“ да стане препознатлив бренд.