„Премиум производи“- заеднички бренд за пласман на врвни македонски производи

Единаесет производители на македонски уникатни производи настапуваат здружено на пазарот под заеднички бренд, под називот Алијанса на „Премиум производи“. Целта на здружувањето под една капа е зголемена промоција, продажба и видливост пред се кај домашние потрошувачи. Алијансата на „Премиум производи“ се промовира во просториите на фабриката „Био Оил“ кои всушност се иницијатори на оваа идеја - премиум производите да се препознатливи под еден заедички бренд.

„Премиум производи“- заеднички бренд за пласман на врвни македонски производи

Иницијаторот на здружувањето на македонски уникатни производи под еден бренд, Александар Димитриевски, сопственик и управител на семејната компанија „Био Оил“, верува дека атрактивното брендирање и заедничкиот пазарен пристап ќе доведат до поголема можност за привлекување на вниманието кај крајните потрошувачи. На тој начин ќе имаат можност одблиску да ги претстават уникатните карактеристики на премиум производите, а со тоа да влијаат и на зголемување на продажбата.

„Како мал локален производител на ексклузивни прехранбени и козметички производи „Био Оил“ се соочи со предизвици при пласирање на производите на пазарот. Во дискусија со други домашни производители, кои се соочуваа со слични предизвици, предложивме креирање на алијанса, која ќе воспостави заеднички бренд и систем за дистрибуција, а која истовремено ќе ги промовира придобивките од купување на домашните премиум производи. Оваа иницијатива за креирање на алијансата „Премиум производи“ беше препознаена и прифатена од споменатите компании за здружување во едно заедничко портфолио. Врз основа на интересот и мотивацијата на други производители на слични премиум производи, алијансата ќе остане отворена за приклучување и на други компании.“ – вака Димитриевски, ја претстави идејата за креирање на алијансата „Премиум производи“.

Нелојална конкуренција

Идеја што ја препознаа, поддржаа и се вклучија во алијансата уште 10 -ина мали семејни компании: „Шу-ми Берово“ (органски шумски мед), „Биомелан“ (здрави и природни сокови од органски произведена аронија), „Федор сапуни“ (100 процентно природни сапуни), „Јоми Фуд“ (македонски домашен ајвар), „Нелкоски Органик Фуд“ со брендот „Заум“ (органски лешници и намази), „Натуралес Ест“ (оцет и маџун), „Роза Канина“ (алтернативна медицина), „Охридско макало“ (макало од лук по традиционален рецепт), „Евал“ со брендот „Туф“ (македонски тартуфи) и „Винарија Бади“ (бутик винарија).

Овие производители на домашни „премиум” производи се задоволни што успеваат да постигнат речиси двојно пониска цена од увезените во слична или иста категорија.

-Ние всушност, не продаваме скапи производи, туку се соочуваме со нелојална конкуренција, а и потрошувачите не не знаат, не не препознаваат. Сите маркети се рекламираат и велат „купувајте македонски производи”, „земјате наше, македонско”, но само за да привлечат луѓе, зашто кога ќе влезете во маркетот, нашите производи се во втор план – долу или позади. Сакаш да купиш ајвар, најгоре на рафтовите ќе видиш ајвар од Италија, а нашиот е скроз долу. Се водиме по некоја чудна логика. Домашните производи се секогаш после странските. Мора да го смениме мајндсетот сите, и ние и потрошувачите и маркетите. Купувачите како да имаат повеќе доверба во странските производи или повеќе ги препознаваат, а нашите не, рече Димитриевски на промоцијата на заедничкиот бренд „Премиум производи”, што беше организирана во просторот на „Био Оил“.

 

Поддршка

Ваквиот здружен модел беше препознаен како уникатен, а со тоа и поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

– Атрактивното брендирање и заедничкиот пазарен пристап ќе доведат до поголема можност за соодветно претставување на уникатните карактеристики на премиум производите и зголемување на продажбата. Преку креирањето вакви здружени иницијативи се зајакнува конкурентноста кај бизнисите и
на долг рок се помага во создавањето на нови одржливи работни места во земјата. Алијансата ќе придонесе за зголемена конзистентност и квалитет, подобрување на комуникацијата со заедничкиот бренд и проширување кон извозните пазари. Ваквиот модел на заедничка дистрибуција, промоција и продажба на производите е одличен пример и за други домашни бизниси и претприемачи да настапат здружено на пазарот, да додадат дополнителна вредност на производите и да имаат поголема визибилност. Секако, севкупниот процес води до зголемена свест и менување на навиките кај потрошувачите за достапноста и квалитетот на домашно произведените премиум производи, оцени Анета Дамјановска, национален координатор, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Пласман

Инаку, фабриката „Био Оил“ покрај производството на високовалитетни прехранбени производи е еколошки одговорна. Таа користи сопствено производство на еколошко биогориво за своите транспортни возила, кои се употребуваат за целите на самата алијанса.

Брендот „Премиум производи“ содржи природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион со сончогледов путер, ладно цедено масло од бело афионово семе, охридско макало со магданос, доматно макало со лук, сецкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, ладно цеден сок од аронија и грозје, ладно цеден сок од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, кралски крем, путер од лешник и мед, органски шумски мед, органски шумски мед со полен, органски чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, тартуф, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, како и гроздов маџун, но и има и козметичка линија со повеќе видови рачно изработени природони сапуни.

Потрошувачите можат многу лесно да ги препознаат, зашто се наредени на посебни дрвени полици, специјално направени за оваа намена.

Полиците со овие македонски премиум производи засега може да се најдат во: Моринга Здрава Храна, Ками Козле, Нутри Ем, Фреш Маркет, Фреш Маркет 5 Stars (специјализирана продавница за зеленчук овошје и здрава храна), Фреш Маркет Бојди, градска месарница Маргир, Farmer Boy. Врз основа на интересот, се предвидува континуирано да се зголемува бројот на компании и производи како и бројот на продажни места.