„Преспино“ е сокот произведен од земјоделското стопанство на Пере и Рахела Транталовски. Заеднички со нивните деца, фамилијарно учествуваат во процесот на собирање на јаболкото, негова преработка и во создавањето на „Преспино“ како краен производ. Сокот воопшто не содржи индустриски примеси. Фамилијарната приказна на Транталовски ја препозна Националната федерација на фармери, со поддршка на Шведската организација за развој „We Effect“ и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – SIDA, вели за „Анторис“, производителката Рахела.

„Да, во Ресен соработуваме преку земјоделското здружение во нашиот регион. Сепак, значајна е соработката заради повисоката цена на јаболката. Продажбата е тешка затоа што голема е конкуренцијата на пазарот. Засега, не можеме да понудиме на големите маркети бидејќи тие во принцип бараат големи количини. А во моментот, нашето производство е ограничено на 10 000 литри“, вели Транталовска за нашиот медиум.  

Инаку, „Зголемен пристап на пазарот на преработки од јаболка“ е првата интервенција која Националната федерација на фармери (НФФ), ja започнa со спроведување во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители на храна од руралните области со цел зголемен приход“, подржан  од Шведската организација за развој We Effect и  Sida. Целта на интервенцијаta е  решавањето на проблемите на вишокот со јаболка (индустриско јаболко), правење на преработки од јаболкта, воспоставување на договорни односи помеѓу откупувачите и јаболкопроизводителите, како и  маркетинг и промоција  на финалните производи.

Од Националната федерација на фармери за „Анторис“ објаснуваат дека пред да се направи самата интеревнција, пристапиле кон спроведување на теренска анлиза со која се идентификувани пет главни проблеми во секторот за производство на јаболка (малите фармери имаат ограничувања во пристапот до пазарот, ниски откупни цени, зголемен увоз на овошје и преработка на овошни производи, непланирано производство, ниски стандарди за производство на квалитет (недостиг на капацитети ), малите земјоделци имаат недостаток на знаење и претприемачки вештини за диверзификација на производството на овошје.

„Јаболката учествува со 60%, а грозјето 30% од вкупното производство на овошје во државата во последната деценија. Индивидуалните земјоделски стопанства поседуваат речиси 95% од површината под насади со јаболка. Јаболковите насади на малите фармери се наоѓаат на мали парцели, најчесто од 0,1 до 2 хектари. Најголем процент од производителите (над 95%) поседуваат површина под насади со јаболка до 3 хектари. Само мал број деловни субјекти имаат организирано производство на јаболка на поголеми површини. Приносите во просек се движат околу 30-40 тони/ха. Очигледно, во земјава има редовен вишок на јаболка, бидејќи малите фармери имаат ограничувања во пристапот до пазарите. Водечките причини се недостатокот на компании за преработка на овошје и непостоење на современи технологии на производство и постбербени активности (фрижидери, калибратори во задруги, трговци на големо, зелен пазар). Од друга страна, на пазарот се бараат преработени јаболка, од кои најголем дел се увезени. И кај овошјето и кај зеленчукот, најзастапена форма на извезено овошје и зеленчук е во непреработена форма, односно 86% од извозот на овошје се свежи или разладени производи“, вели Билјана Петровска Митревска од НФФ.  

Пилотирањето на интервенцијата е напраево со семејното земјоделско стопанствo Транталовски од Ресен, производител на јаболка и преработки од јаболка и лешник и е регистриран оператор за храна согласно АХВ правилникот за продажба од куќен праг на производи од растително производство.

„Преспино“ е ладно цеден свеж 100% природен сок од јаболко, кој се нуди на домашниот пазар и преку проектот се поминаа сите фази:  производство, стандардизација на производот, брендирање, идентификување на пазари за негова продажба, маркетинг и промоција. Со оваа интервенција се покажа дека со малите оператори на храна како што е семејството Транталовски, треба да се работи во делот на маркетинг и промоција и да има финансиски поддршки преку државните програми за мали оператори за храна. За ваквите производи има интерес од потрошувачите и треба да се развиваат добри канали на дистрибуција и да постои поголема промоција“, објаснува Петровска Митревска.

Сокот „Преспино“ во моментот се продава директно на откупувачи. Направени се и промоции во неколку кафичи во Скопје и Битола, и станува добро препознаен производ.