Банкарскиот гигант UBS (Јунион банка на Швајцарија) го купува проблематичниот ривал Credit Suisse за речиси 3,25 милијарди долари, во договор организиран од швајцарските регулатори, за да се избегне понатамошно потресување на пазарот во глобалниот банкарски систем.

Швајцарските власти извршија притисок UBS да го преземе својот помал ривал, откако планот Credit Suisse (која западна во длабока криза) да позајми до 50 милијарди франци (54 милијарди долари) не ги увери инвеститорите и клиентите на банката. Акциите на Credit Suisse и другите банки паднаа оваа недела поради разнишаните институции во глобалниот финансиски систем.

Credit Suisse е меѓу 30-те финансиски институции познати како глобално системски важни банки, а властите се загрижени за последиците доколку пропадне. Процената е дека УБС и Кредит Свис заедно имаат имот кој е два пати поголем од БДП-то на Швајцарија, заради што тамошната влада не може да си дозволи да не ја спаси проблематичната банка и некогашен симбол на земјата.

Договорена продажба за избегнување на финансиски колапс

UBS по притисокот од од швајцарските власти се согласи да ја купи конкурентската швајцарска банка Credit Suisse за над три милијарди швајцарски франци, што е околу 60 отсто помалку од вредноста на банката на последниот ден на тргување (во петокот). Акционерите на Кредит Свис за 22,48 акции од својата банка ќе добијат една акција на УБС. А Договорот за преземање поминува без одобрение на акционерите. Додека, USB прифаќа да преземе загуби до пет милијарди франци, за да се избегнат дополнителни пазарни шокови во глобалните банкарски превирања.

Договорот вклучува 100 милијарди швајцарски франци (101 милијарди евра) поддршка за ликвидност за UBS и Credit Suisse од швајцарската централна банка. За да може UBS да го преземе Credit Suisse, федералната влада обезбедува гаранција за загуба до девет милијарди швајцарски франци за јасно дефиниран дел од портфолиото, соопшти владата.

Ова ќе се активира доколку навистина се појават загуби во ова портфолио. Швајцарскиот регулатор FINMA признава дека постои ризик Credit Suisse да стане „неликвидна, дури и ако остане солвентна, и дека властите треба да преземат акција“.

 Решение за финансиската стабилност на швајцарската економија 

Credit Suisse, која има 167-годишна историја, е најистакнатата банка фатена во пазарните превирања предизвикани од неодамнешниот колапс на американските банки Silicon Valley Bank (SVB) и Signature Bank, кои ја принудија американската централна банка да осигура 54 милијарди долари во средства минатата недела.

„Со преземањето на Credit Suisse од страна на UBS, најдено е решение за обезбедување финансиска стабилност и заштита на швајцарската економија во оваа исклучителна ситуација“, објави швајцарската централна банка.

Властите се обидоа да ја спасат Credit Suisse пред повторно да се отворат финансиските пазари во понеделникот.

И UBS и Credit Suisse се во група од 30 глобално системски важни банки кои се внимателно следени од регулаторите, а неуспехот на Credit Suisse би влијаел на целиот финансиски систем.

Соопштението е објавено во текот на викендот, бидејќи некои ривали станаа претпазливи за нивните зделки со швајцарскиот заемодавател кој се мачи, при што регулаторите го повикаа да склучи договор со UBS.

„Најдобар можен исход“

FINMA, која соопшти дека го одобрила преземањето, рече дека неодамнешните мерки за нејзино стабилизирање се „сепак недоволни за да се врати довербата во банката, а исто така биле испитани повеќе далекусежни опции“.

Минатата , 2022 година, UBS имаше профит од 7,6 милијарди долари, додека Credit Suisse загуби 7,9 милијарди долари. Акциите на Credit Suisse се намалени за 74 проценти во текот на изминатата година, додека акциите на UBS се релативно непроменети.

Швајцарската влада соопшти дека исто така ѝ дава на UBS гаранција од девет милијарди швајцарски франци за „да ги преземе потенцијалните загуби“ од средствата како дел од трансакцијата. Извршниот директор на UBS, Ралф Хамерс и претседателот Колм Келехер ќе останат на чело на комбинираната банка.

„Трансакцијата ја зајакнува позицијата на UBS како водечка универзална банка во Швајцарија“, соопштуваат од UBS.

За претседателот на Credit Suisse Аксел Леман, спојувањето е „најдобар можен исход“.

ЕЦБ ја оцени брзата реакција на Швајцарија за успешна

Спојувањето на двете банки настана по повеќедневен притисок и маратонски состаноци од претставници од банките, надзорните органи и политичари.

Фузионирањето е најзначајното во Европа по глобалната финансиска криза пред 15 години. На овој начин настанува една од системски најрелевантните финансиски институции во Европа - поголема и од Дојче банк.

Брзо преземените мерки за спас на Кредит Свис според проценките на ЕЦБ се клучни за смирување на финансиските пазари. Брзото постапување и одлуките на швајцарските власти се клучни за повторно воспоставување на пазарни услови и обезбедување на финансиската стабилност, појасни претседателкат на ЕЦБ, Кристин Лагард.