Америка е сон на многу млади луѓе ширум светот. Сон од кој не отстапуваат и Македонците. Но како да се изоди тој пат и како да се најдете во тој сон и да опстанете, пишува Игор Киприновски, кој го сподели своето искуство од престојот и работата во Америка.

 Книгата „Мојот американски пат низ авантурите на Сидар Поинт“ е еден вид автобиографија на младиот македонски студент, кој на дваесетгодишна возраст преку популарната програма „Работа и патување“ заминува во Соединетите американски држави. Станува збор за Игор Киприновски, човек кој никогаш порано не работел ниту патувал до соседен град во својата земја, а не пак далеку од својот дом. Тој за „Анторис“  ја раскажа својата приказна, идејата да оди во оваа далечна земја, среќата да најде втора работа за да може што побрзо да го врати кредитот што го подигнал  за да замине, и секако идејата сето тоа да го опише во една книга, која според него претставува патоказ за младите кои сакаат да одат во САД.

И заработка и искуство

Патешествието започнало во 2016 година, кога младиот Киприновски како студент решил да си ја проба среќата преку програмата „Работа и патување“. И успеал.  

 Отпатувал во државата Охајо, каде не познавал некого, но имал  цел, да заработи што повеќе и да стекне што повеќе искуство. Или како што самиот вели : „Тоа беше незаборавно четиригодишно патување, четири незаборавни лета што ми го променија животот“. 

Игор Киприновски, импресиониран од сопствениот успех, од истрајноста, од начинот и можностите за работа и напредок, задоволен од исполнувањето на  желбата за нови знаења и достигнувања, по враќањето дома решил да го сподели своето искуство од повеќемесечниот  престој од студентските години во САД, каде доживеал неверојатни авантури кои ги раскажува во својата книга „Мојот американски пат - низ авантурите на Сидар Поинт“.

Инаку овој млад ентузијаст е дипломиран политиколог,  првото работно искуство, на само 20 години го стекнал во градот Сандаски во Охајо, во Америка. 

Инаку овој млад ентузијаст е дипломиран политиколог,  првото работно искуство, на само 20 години го стекнал во градот Сандаски во Охајо, во Америка. 

„Се определив за овој град уште на интервјуто во Скопје, каде реално покасно се пријавив, поради што позициите беа поодбрани, квотата речиси пополнета. Беа понудени три опции: Минесота, Чикаго и Сандаски,  и по случаен избор се определив за студентска работа во Охајо, каде заминав со студентска виза, се присетува овој млад човек.

-Американските работодавци презентираа програма според која имаа потреба за повеќе работни позиции. Во конкретниот случај стануваше збор за забавен парк. Значи беа потребни поголем број на луѓе, кои требаше да пополнат работни места во одделот човечки ресурси, администрација, луѓе за сместување и акомодација, хигеничари. Значи околу 20 до 30 позиции кои се распределуваа во зависност од познавањето на англискиот јазик, оние кои подобро го владееја на места со повеќе комуникации за разлика од технички позиции каде немаше многу допирни точки со говорење. И бидејќи, тогаш моето познавање на англискиот јазик не беше на соодветно ниво, за разлика од денес, беше пресудно да заминам на некоја техничка работа без поголема комуникација со луѓе, раскажува Киприновски.

И ни повеќе, ни помалку секое лето четири години престојувал во тој  град.

Во Америка нема доцнење на плата

За да оди во Америка Киприновски подигнал кредит, па едната работа (32 часа) не му ги покривала давачките, поради што му требало по секоја цена втора работа, но тоа не било можно без социјален број.

 „Значи за да добиеш втора работа во Америка, раскажува Игор треба да имаш еден социјален број, ама за да го добиеш потребно е време од месец и половина. Ме фати паника, бидејќи без социјален број не можев да работам дополнително. Но имав среќа, во Мек Доналд се сретнав со човек, чија сопруга беше од Словенија. Тие живееја во Кливленд, но имаа јахта во градот каде што работев. Јахтата беше на еден час пешки одење од местото каде престојував. Па така  секој ден после работата, по 15 часот одев по еден час пешки до јахтата и назад. Практично во Америка во просек се работи 75 часа неделно, вели Игор.

 Секако втората работа е неминовна  за да се заработи што повеќе  во  ограничениот период од пет месеци колку што трае самата виза.

-Од втората година позицијата ми напредуваше, продолжи Киприновски, а веќе од третата година ја имав највисоката позиција што може да ја постигне еден интернационалец. Тоа значи и поголема саатницата. -Започнав со 8,35 долари од саат во 2016, наредната година веќе беше 12 долари и третата година со највисоката позиција 15 долари. Тоа што е добро е, што секој саат по 40-от, односно 41 саат во неделата е 22,5 долари. И што е најинтересно за Америка – доцнење на плата нема. Секогаш навреме, на први и на 15, нема секунда задоцнување.

И од Македонија преку дигиталниот свет може да бидеме конкурентни

И секако, слушајќи го раскажувањето на ова младо момче за искуството во далечната земја, што е позитивното, а што негативното, неминовно се наметнува прашањето, кога веќе успеал, стигнал до позиција, повисока плата, зошто одлучил да се врати во Македонија?

„Прво постои една емотивна линија која се вика фамилија, пријателство, другарство. Колку сакаме да зборуваме дали државата чини или не чини, каменот тежи на местото, нема тука многу дилема.

 Инаку, Америка ја сметам за држава која е водечка по економија и второ, таа е најпросперитетната држава каде еден млад човек може да напредува, бидејќи таму имате избор што сакаш да правиш.

Прво имаш опција дали сакаш да плаќаш осигурување или сакаш повеќе кеш. Нашите не плаќаат осигурување, затоа потоа им се скапи услугите. Луѓето сами си бираат што сакаат“, објаснува Игор и продолжи:

„Јас не се вратив со идејата да останам овде, меѓутоа фати короната. И плановите се сменија. Потоа одлучив сето стекнато знаење да го имплементирам овде. Тоа ми е главната идеја. Затоа ја напишав книгата:„ Мојот американски пат низ авантурите на Сидер поинт “- тоа е местото, забавниот парк каде што работев во Америка. А, Сандаски е локацијата. Интересно е што во близина на ова место на 50-60 километри има гратче што се вика Македонија.

И како што реков, продолжува младиот соговорник, одлучив стекнатото знаење да го применам кај нас.

-Конкретно тоа се однесува на две работи. Едната работа е да се прескокнат теориите на заговор, митовите –она што го гледаме на филмови, што се случува преку лажни вести, медиуми и она што навистина се случува таму. Тоа се големи разлики.

 А втората, е дека има многу идеи каде како држава иако е мала по големина во дигитална смисла можеме да се натпреваруваме со кого сакаме. Тоа значи дека ние можеме да извезуваме услуги по дигитален пат кои ќе бидат соодветно платени и многу подобро од кој било стандард во Македонија. Тоа значи дека добар програмер во Америка треба да го платите 20 000-30 000 долари, а во Македонија, 5 000 долари.

Мојата идеја е преку тој дигитален свет, бидејќи тој не познава граници и бариери а за волја на вистината ние не сме ниту Индија ниту Пакистан кои даваат лоша услуга, во тој сегмент можеме да понудиме квалитет.

 Мојата идеја е сите услуги кои може да се извезат по многу подобар приход. И на тоа работам...

Патешествие и искуство

Во книгата го опишав целото мое патешествие и препорачувам да ја прочитаат  сите што сакаат да заминат во Америка, бидејќи во неа детално ги опишувам постапките како полесно да најдете втора работа. Како да се снајдете во таа средина низ конкретни примери.

Значи не е само теорија. Тоа е едниот дел од книгата, а вториот дел е она што јас го нарекувам американски приватни права, кои се врзани за нивната култура и американската политичка филозофија од 1976 па се досега.

Вториот дел е повеќе академски и се однесува на специфична група луѓе. Првиот дел е за секој млад човек што сака да замине да види со што се може да се соочи и да дознае како полесно низ тоа да преброди...

И затоа препорачувам секој млад човек да си го креира и да си го создаде својот пат, бидејќи книгата е „Мојот американски пат низ авантурите на Сидер поинт“. Секој треба да си направи свој пат, но можностите  и начините во овој денешен свет каде реално границите се поневидливи од било кога и во физичка смисла е многу полесно да се замине, но и во дигитална смисла. Во зависност од самиот човек, ако сака повеќе да се осамостои, да се изгради не е исто во Србија,  во Германија и во Америка - комплетно различно.

 Самото осамостојување ќе ги дигне на повисоко ниво и една моја препорака да не бараат роднини. Верувајте дека самите многу полесно ќе се снајдете и полесно ќе напредувате. Патем и самите газди многу повеќе ќе ве ценат.

И за крај, вели Игор, -пак ќе го дадам изборот на луѓето дали сакаат да останат или да се вратат. Ама кога би останале ги советувам тоа да го прават на легален начин, а не на црно, бидејќи има многу замки и мал милион проблеми.