Никола Јодановски е еден од тројцата ко-сопственици на американскиот старт-ап  „Upshift“, кој е целосно искодиран во Македонија. Тоа е апликацијата која паралелно им помага и на бизнисите и на луѓето во САД. Едните да постираат работни позиции, а другите да најдат работа. Компанијата има 20 канцеларии во САД и една во Скопје. За тоа како функционира апликацијата, објасни Јордановски на неодамнешниот промотивен настан „Како до инвестиција од 25 000 евра“, кој ќе се одржи за еден месец. 


„На пример, се шетате низ Скопје, си велите како да заработите 100 долари денеска? Гледате дека одреден локал бара персонал. Аплицирате, доаѓате на работа, преку апликацијата кликнувате “старт“. Компанијата ви кажува што да работите. Завршувате со смена, кликнувате “стоп“ и ние веднаш ве исплаќаме. Заминувате дома со 100 долари. На крајот на неделата, ние одиме кај компанијата и велиме, на пример, Никола и Сања работеа кај вас, тоа се парите кои ги заработија, толку ќе биде процентот за услугата да ја наплатиме. Тоа што е поразлично кај нас е што им нудиме здравствено осигурување на вработените во Америка, имајќи го во предвид каков е таму здравствениот систем“, вели Јордановски.  
 

Секој може да направи профил да стигне до апликацијата и да почне да заработува пари. Како што вели Јордановски, со растот на апликацијата, пралелно течел и процес на нејзина надоградба. Објаснува дека разликата е во тоа што во Македонија не може толку лесно да се поминат бирократските процедури и мора да се потпишат тон договори. Независно дали се работи за договор на дело, на непределено и луѓето не може да се осигураат. А во САД, за минута може да се пресмета колку пари ќе заработите. 


 Идејатата започнала во 2016 година. Се сеќава дека две години претходно, бил на „Work and travel“ и имал среќа да работи во ресорт. Подоцна, се запознал со другите двајца ко-основачи. Еден од нив беше повратник од Америка, другиот имал ресторан кој не знаел како да ги пополни работните позиции. Така се родила идејата и започнале од нула. Рестораните на еден од ко-основачите биле првите клиенти. 
 

„Беше многу тешко. Верувавме дека ова е решение кое никаде го нема. Немавме инвестиција на почеток, но, бевме дел од еден Акцелератор во Америка, имавме пристап до ресурси. Во меѓувреме, сменивме милион пристапи, маркетингот ни беше најсмешен. Не знаевме како да го движиме напред. Одевме до таму што делевме перзервативи на кои пишуваше „Ние покриваме многу повеќе од вашата сигурност, покриваме здравствено осигурување“, потоа реклама на билборди, со кју ар код. Но, беше тешко“, се сеќава Јордановски.  
 

Инвестиција од речиси 4 милиони долари
 

Јордановски признава дека во тие моменти не биле фокусирани ниту на брендот, ниту на присуството во Македонија. Тимот работел исклучиво да ја постигне неговата цел. Кога дошле до моментот да добијат добра евалуација за инвестицијата од 4 милиони долари, биле спремни да седнат на маса со инвеститорите Recruit`s HR Technology Investments.  
 

„Од тој момент повеќе не бемве старт-ап, моравме поинаку да размислуваме. Инвестицијата што ја добивме, решивме да ја реинвестираме со отворање нови канцеларии и нови вработени. Бордот на директори на секои три месеци слуша што сме направиле. дава сугестии. Досега, не ни кажале дека нешто не чини. Ова ни дава ветер во грб“ вели Јордановски.
 

Компанијата работи многу на полето и на корпорациската култура. 
 

„На „LinkedIn“, им пишавме на луѓе кои имаат познавање во оваа сфера, а имаат искуство во големи компании. Сакавме да научиме од големите корпорации „Spotify“, „Google“. Ни требаа шест месеци да прошетаме и да видиме како тоа функционира во големите компании. Ова не е нешто што ние го имаме измислено, туку постои“, вели Јордановски. 
 

Но, „Upshift“  се грижи и за вработените во компанијата.
 

„Ја сменивме културата. Сфативме дека поминуваме многу време работејќи и не сакаме да се разбудиме на 40 години и да се прашуваме каде ни е поминат животот. Работиме на раст личен, физички, ментален, персонален. Бидејќи стресот и работата често се забораваат и треба да се посвети време на сите работи. Од друга страна, на секои три месеци правиме евалуација на вработените и им нудиме акции во компанијата. Кога станува збор за покачување на плата, секој вработен знае како може да стигне од точка А до точка Б. Точно знае што треба да направи за да се подобри и во работењето и во делот на финансиите“, рече Јордановски. 
 

Тој беше еден од тројцата говорници на настанот „Како до инвестиција од 25 000 евра со победнички pitch desk“, кој ќе се одржи на крајот на мај во Скопје. Настанот е замислен да биде најдолгата 30 часовна бизнис презентација на која 90 старт-апи ќе ја презентираат својата идеја пред инвеститори. Најдобрите ќе имаат шанса да добијат 25 000 евра неповратна инвестиција. Со овој подвиг, организаторите сакаат да го срушат Гинисовиот рекорд во времетрање на настанот.