Инвестициската компанија со седиште во Австрија „Хано Соравиа џи-ем-би-ејч“ (Hanno Soravia GMBH) преку писмено соопштение објави дека продава 90 отсто од акциите во двете нејзини клучни фирми во Македонија – „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ, кои стојат зад Бизнис-центарот „Соравиа“ којшто се наоѓа до Градскиот трговски центар во Скопје.
Договорот за купопродажба на акциите, како што се наведува во соопштението испратено преку електронска пошта од Виена, Австрија е со албанската компанија „Пе-вла-ку“ и македонската „Тор индустрис“, со тоа што, како што наведуваат од „Хано Соравиа“, задржуваат 10 отсто од акциите.
„Хано Соравиа џи-ем-би-ејџ, водечка инвестициска компанија со седиште во Австрија веќе 150 години, објави потпишување на договор за купување акции со ‘Пе-вла-ку’ реномирана компанија со седиште во Албанија, и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ, истакнат деловен субјект од Северна Македонија. Во договорот е наведено дека ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, ‘Соравиа инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ, притоа задржувајќи 10 отсто од акциите. Задржувањето на акциите од 10 отсто ја покажува континуираната верба и посветеност на ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство. Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на ‘Пе-вла-ку ШПК’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ за да се поттикне траекторијата на компаниите“, се вели во соопштението.
Во соопштението е пренесена и изјавата на Хано Соравиа, извршниот директор на австриската компанија кој вели дека се ентузијасти за новото партнерство, кое „означува значајна пресвртница во нашата корпоративна историја“.
„Уверени сме дека ‘Пе-вла-ку’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ се идеално позиционирани да ги преземат уздите и дополнително да го поттикнат растот на ‘Соравија инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ“, наведува Хано Соравиа.
Овој стратешки договор меѓу трите субјекти, како што се посочува во дописот, им овозможува на двете фирми под брендот „Соравиа“ да пристапат до огромното искуство и мрежите на нивните нови сопственици, со што се олеснува поширок опсег на можности за раст на нивните соодветни пазари.
Партнерство за силен раст
Од албанската и од македонската компанија кои ја преземаат контролата над Бизнис-центарот „Соравиа“ велат дека сакаат да работат со динамичните тимови во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
„Ние сме посветени на искористување на синергијата создадена од ова партнерство за да генерираме вредност и силен раст“, се вели во соопштението од компанијата „Хано Соравиа“.
Инаку „Хано Соравиа“ се добро воспоставена инвестициска фирма со седиште во Виена, Австрија. Компанијата е специјализирана за развој на стратегии за раст на своите портфолио бизниси во станови, канцеларии и обновливи извори на енергија.
Попладнево, кратко по соопштението од „Хано Соравиа“, со свој допис по електронска пошта се огласија и од фирмата „Пе-вла-ку ШПК“, во врска со договорот.
Според соопштението, албанската компанија во партнерство со „Тор индустрис“ се стекнува со 90 отсто од акциите во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и 100 отсто од акциите на „Соравиа менаџмент“.
„Оваа монументална аквизиција е во стратешко партнерство со ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ, доверлив и успешен деловен субјект од Северна Македонија. Оваа голема аквизиција претставува значајна пресвртница во тековното проширување на „Пе-вла-ку“ и го означува почетокот на новото поглавје во историјата на компанијата. Ја нагласува посветеноста на „Пе-вла-ку“ да ја прошири својата дејност надвор од Албанија, додека останува посветен на иновациите и растот“, се наведува во соопштението.
За својот стратешки партнер од земјава, од албанската компанија велат дека станува збор за високо почитуван партнер со значителен успех не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
„Нашата соработка со ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ е стратешки избор. Нивната исклучителна репутација и покажаниот успех низ регионот се сведоштва за нивните способности. Ова партнерство не само што ќе доведе до развој на двете компании, туку и ќе придонесе за раст на регионалната економија“, навел претставник на од „Пе-вла-ку ШПК“.
Соопштенијата од двете компании доаѓаат откако медиумите го пренесоа известувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата дека Компанијата „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“ ја преземаат контролата на Бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје.
Фирмите регистрирани на иста адреса
Како што информираа од Комисијата за заштита на конкуренцијата, на 9 јуни годинава до неа е доставено известување за концентрација со која Друштвото за производство, трговија и услуги „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“, со адреса во главниот град на Албанија, Тирана, ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
Во известувањето на Комисијата се наведени и активностите на компаниите учесници во постапката. Па така, за „Тор индустрис“ се вели дека станува збор за друштво основано во 2020 година чија основна дејност е развој на градежни проекти.
„’Тор индустрис’ има подружница во Северна Македонија – ‘Тор ИТ-системс’ Скопје со седиште во Скопје, која врши компјутерско-консултантски дејности. ‘Пе-вла-ку’ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година. Во своето постоење, а особено во последните години, ‘Пе-вла-ку’ има планирано и успешно реализирано десетици градежни проекти. Со искуство од над 14 години, нивната работа, работење и дејствување се проширува и тие се присутни во многу зони на Албанија и Косово“, се наведува во известувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Внимание привлече фактот што „Тор ИТ-системс“ и подружницата на „Пе-вла-ку“ во земјава се регистрирани на иста адреса, односно со седиште на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, како и фирмите чија контрола ја преземаат. Инаку, во медиумите вчера излезе вест дека сопственик на една од фирмите кои ја преземаат контролата врз „Соравиа“, конкретно на компанијата „Тор индустрис“, е Дрин Ахмети, внук од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.