Проектот „m.Health” е победник на Хакатонот “Е-Здравство” на ФИТР и РОШ Македонија. Овој проект понуди најиновативно и најкреативно решение за подобро управување со здравствениот систем, во рамките на првиот хакатон “Е-Здравство”. Хакатонот се одржа изминатиот викенд, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој и РОШ Македонија, а во соработка со Министерството за здравство. На хакатонот, 11 проектни тимови под менторство на врвни експерти од областа на здравството работеа на развој на дигитално решение кое ќе придонесе кон подобар здравствен систем во земјата.



„m.Health”  - сеопфатност на здравствените услуги


Тимот на „m.Health”  е благодарен на Фондот за иновации и технолошки развој и РОШ Македонија, за иницијативата за одржување на првиот е-хакатон за здравство во нашата земја.


-Имавме навистина напорни, но многу продуктивни 48 часа исполнети со интензивна работа со членовите на мојот тим, Софија Христова и Драган Соколовски. На самиот е-хакатон имаше многу добри идеи. Затоа ги охрабрам сите останати тимови да продолжат со работата за развивање на решенија за електронско здравство„ изјави Кирил Солески, тим лидер на победничкиот проект “m.Health”.


Солески смета дека проектот „m.Health” се издвои со својата сеопфатност, бидејќи претставува паметна, иновативна платформа која има за цел да ги интегрира и унапреди здравствените усуги во нашиот систем. Дел од придобивките кои ги нуди ова дигитално решение се:  поголема ефикасност и достапност до здравствени услуги, подобрено следење на пациентите, развивање на здрави навики и зголемена информираност.

Дигитализацијата во здравството- реална потреба


„Сите проектни тимови понудија одлични решенија и покажаа дека дигитализирањето на процесите во здравството е реална потреба со цел да имаме современо и квалитетно здравство. Хакатоните се одлична можност за поттикнување на иновации и токму затоа се надевам дека ваквите соработки ќе ги охрабрат и другите компании од корпоративниот сектор да се вклучат и да покренат слични иницијативи во иднина, со што заеднички ќе придонесеме кон дигитализација не само на здравствениот систем туку и на јавниот сектор пошироко„ изјави Ивана Станковиќ, советник во ФИТР и дел од организацискиот тим на хакатонот.

Победничкиот проект “m.Health” добива финансиска поддршка во износ од 30 илјади евра за реализација на решението кое ќе биде целосно и бесплатно достапно за сите граѓани во текот на следната година.


„На сите учесници им се заблагодарувам за трудот кој го вложија викендов во развивање модерни технолошки иновации, а победничкото решение верувам дека ќе биде од голема корист и полза за здравствениот сектор, за Министерството за здравство и „Мој термин“. Се заблагодарувам на ФИТР и Министерството за здравство за целокупната поддршка при креирањето на овој прв, но не и последен хакатон посветен за унапредување на еден од најважните столбови во секоја држава – јавното здравје. И во следниот период продолжуваме да вложуваме и развиваме иновативни платформи, затоа што технолошките иновации во здравствениот сектор се клучни за подобро функционирање„ изјави Александра Ивановска, директорка на РОШ Македонија.

Проектот „m.Health” е победник на Хакатонот “Е-Здравство”

На 48 часовен Хакатон „Е-Здравство“-11 проектни тимови


Јавниот повик „Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија, беше отворен од 2. до 17. јуни годинава. На него освен трговски друштва, можност имаа да се пријават и физички лица организирани во проектни тимови. Врз база на доставените предлог проекти, Комисијата за оценување и избор направи претселекција на апликантите кои преминаа во следната фаза, а тоа е 48 часовен Хакатон “Е-Здравство”.


За време на хакатонот, единаесет проектни тимови беа дел од повеќе менторски сесии водени од страна на: ФИТР, РОШ Македонија и Управата за електронско здравство. Тие им помогнаа на учесниците да ги искристализираат нивните идеи и да ги насочат кон креирање на прототип или демо верзија на решението.


Во финалниот дел, проектните тимови ги презентираа своите решенија пред Комисијата за оценување и избор кои врз основа на однапред дефинирани критериуми ја донесоа конечната одлука за избор на најиновативно е-решение од областа на здравството.