Во Виница денес се одржа свечен промотивен настан на Академијата за претприемништво и менаџмент, дел од Фондацијата „Прогресив Академија“. На трибината се обратија претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, Глигор Цветанов – генерален директор на „Макпрогрес“ и член на управниот одбор на Академијата, како и директорката Александра Кирилова.
Азески, во својство на претседател на Управниот одбор на „Прогресив Академијата“, нагласи дека оваа институција е клучен столб за современо менаџерско и претприемничко образование во земјата. „Преку вакви програми обликуваме нови генерации лидери кои ќе придонесат за развојот, иновациите и конкурентноста на македонската економија“, истакна Азески, еден од основачите на Академијата.

Генералниот менаџер на „Макпрогрес“ од Виница, Глигор Цветанов, на новите дипломци им порача дека нивниот успех е доказ оти македонската економија има перспектива. Со доделувањето на сертификатите заврши уште еден циклус на теоретска и практична подготовка на младите менаџери и претприемачи, кои, според Цветанов, сега се целосно подготвени да одговорат на современите економски предизвици.
На истиот настан беше означен почетокот на петтата генерација студенти на Академијата, со што се отвора нова страница во изградбата на идни лидери и визионери во домашниот бизнис-сектор.
Обраќајќи се кон дипломираните од четвртата генерација и новите учесници од петтата, Цветанов призна дека Академијата има посебно значење за него, бидејќи и самиот минал низ бројни менаџерски обуки кои му помогнале да биде подготвен за моменти кога животот и бизнисот ставаат на сериозен тест. Тој се потсети на пожарот во фабриката пред дваесетина дена, при што беше уништен еден производствен погон и три магацини.
„Кризата беше суров доказ дека секој бизнис носи сериозни ризици. Но во исто време, тоа беше мојата најголема лекција – дека токму принципите научени на Прогресив Академијата прават разлика: брзината на одлуката, храброста, истрајноста и лидерството. Верувам дека и вие, новите дипломци, сте подготвени да бидете водачи кои не се кршат во криза, туку излегуваат уште посилни,“ рече Цветанов.
Новите учесници на петтата генерација денес ја започнаа шестмесечната програма на обука и едукација. Наставата опфаќа теми како бизнис-стратегија и процеси, организациски трансформации, корпоративна иновација, маркетинг и продажба, финансии за топ менаџмент, лидерство и деловни комуникации.