Производството на котли за греење со пелети- успешна приказна на „Метал арт “. -Котлите се сериозна работа кои на компанијата и донесоа уште еден позитивен стадиум, иако засега се пласираат само во Македонија, вели Душко Герасимовски, сопственик на претпријатието за производство, проектирање и изведба на широк спектар на метална галантерија „Метал арт “ од Брвеница, Тетово.
Производството на котли за греење со пелети- успешна приказна на „Метал арт “
Меѓутоа, кога говориме за топловодните котли за греење на пелети на оваа тетовска компанија, говориме за „напредни системи на греење“, или како што ги опишува сопственикот:„ Тоа се автоматизирани котли кои функционираат со неколку команди. Котелот е програмиран: сам се пали, сам се исклучува и дозира со огревниот материјал.“
Патот на оваа добра приказна на приватната тетовската компанија, односно на стопанственикот Герасимовски е многу интересен, испреплетен со неочекувани идеи, согледани можности и храбри одлуки за поставување производни програми и вложување во високо напредни технолошки машини. Дозиран со многу упорност, истрајност и верба во новите прогресивни идеи за производство на нови производи.
Герасимовски во разговор за Анторис магазин раскажува дека е дипломиран градежен инженер- статичар, но од самиот почеток на својата кариера запловил во приватниот бизнис со железарија. Практично приказната за приватниот бизнис започнува заедно со уште тројца негови партнери во 1999 година и тоа „од лав муабет“ на маса во кафеана до погон за преработка на железарија-браварски услуги.
-Јас заедно со мој колега градежник, и двајца наши повозрасни пријатели со долгогодишно искуство од кои едниот инвеститор, другиот бравар, ја отворивме компанија „Еуро метал 99“ со визија за сериско производство. Првиот сериски производ ни беа санки, со основна метална конструкција. Меѓутоа, таа прва серија од 100 санки не се покажа многу успешна, но продолживме со браварските услуги.
Компанијата ја опремивме со автоматски машини за виткање и автоматска машина за фарбање од Германија. Во 2001 година кога беше косовската војна, НАТО не ангажираа околу поправки на некои врати во нивните хали. Но мора да признаам дека бевме професионални и квалитетни (имавме добри заварувачи). Потоа соработката со нив продолжи во нивната база на скопскиот аеродром. Работевме со „Еколог“ во базата на натовците – железни скали, столбови, хали, пожарникарски скали. Значи градежни работи, ама во делот на метални конструкции. Како се зголемуваа работните ангажмани, така станувавме побројни, 15 вработени, поголем обрт, повеќе пари...И по две години како и секоја македонска приказна, штом дојдоа парите, се раскаравме и се разделивме. Вака Герасимовски го опишува почетокот на својата кариера во приватниот бизнис.
Производството на котли за греење со пелети се реализира во овој погон
Главна работа –сталажи за мастики на „Wrigleys“
Потоа, нашиот соговорник заедно со едниот од основачите, инвеститорот на бизнисот Ане Стојановски, формирале нова браварска фирма. Така „Метал арт“ од 2001/02 година започнала со работа со железарија. Главната работа, раскажува Герасимовски била прифаќањето на нивната понуда од компанијата “Wrigleys“ . Таа побарала мрежна сталажа за мастики за џвакање.
„ Побараа мала сталажа од жица. За таа една сталажичка релацијата, Тетово –Скопје ја поминав 20 пати. Или кажано народски 20 пати не враќаа со одредени забелешки за моделот, се додека не ја постигнавме саканата форма со милиметарски наштелувани падови под одредени агли. Истрајноста и упорноста ни ја донесе работата. По што следеше 20 години соработка (2001 -2021). Односно нашата фирма беше главен снабдувач на сталажите на Врикли за сите поранешни југословенски републики, Бугарија, Албанија, Блискиот исток. Значи носев сталажи за мастики и во Пакистан, Катар, Оман, Сомалија, Дубаи, Индија (контејнери и контејнери, тони мали сталажи). Еден контејнер и во Нигерија. Тие, мали жичени сталажи ми донесоа стабилна работа.
Во тие добри години достигнавме до 80 вработени. Се работеше во три смени... ... Во 2010 беше пикот, од тогаш наваму сум во слободен пад. Минатата година со пандемијата многу паднавме сега сме на шест луѓе, а пред ковидот броевме 25 вработени.“

За производството на жичните производи, сопствениците инвестирале во машини за обработка на жица. Герасимовски вели дека сега Метал арт е компанија број еден во производство, проектирање и изведба на широк спектар на метална галантерија. Компанијата располага со комплетна линија за изработка на жица, на лим, а подоцна поминале и на плексиглас, лед диоди, па брендирање на церади, печатење...
Nestle - наш голем партнер
Во моментот „Метал арт“, повеќе не е главен снабдувач на сталажи за мастиките на Врикли, нив ги презеле компании од Белград, Загреб и делумно од Полска. Понудите на „Метал арт “ во моментов не се прифатени, или како што вели нашиот соговорник: „ Давам понуди, ама ме одбиваат.“
Меѓутоа од 2010 година, како голем партнер го имаат и Nestle. Тетовската компанија го има приматот како главен добавувач на сталажи за производите на Нестле за поранешна Југославија.
-Се работи исто така за жични маркетинг сталажи. Инаку, Нестле е многу поголема од Врикли. Тоа е одлична соработка која уште трае. Овие две компании многу влијаеа на мојот начин на работење. Тие ме научија на дисциплина, во однос на рокови, квалитет, а и наплата за сработеното. Нема неплатени фактури... Генерално финансиски проблеми немам. Мојата компанија не користи кредити, немам ни субвенции.
Технолошки опремени
За квалитетот, роковите, навремените испораки, покрај стручноста во многу придонесува и технолошката опременост на компанијата. „Имам современи пробивачи, една од нив е 'трумфот' – машина за обликување и сечење на лимот, која се смета за врв во оваа технолошка обработка. И кога ја набавив беше нешто за Македонија. Технолошки за мојата бранша сум подготвен многу, имам современи компјутерски автоматизирани машини. Од машини за исправање жици, за заварување, за пробивање, ЦНЦ машини, ласери цели производни линии. Потоа се проширив на уште еден сектор за маркетинг, печатење на излози, церади, сечење на плексиглас , обработка на дрва, за сите овие имам машински линии за обработка.
Трумфот е Мерцедес во нашата струка
Сега компанијата располага со сопствен -погон од 800 метри квадратни сместен во Брвеница, Тетово. Од 2012 /13 година, претпријатието доживува голем пресврт со производството на котлите за греење со пелети. Креатор на котлите, главен проектант е мојот надворешен соработник, Никола Маркоски, добар инженер машинец од Струга. Човек со големо искуство и знаење, со многу поминати саати во погон. Многу потрошена енергија, крунисана со успех, ги направивме моделите. Во тој период го додадов терминот котли во името на компанијата-Метал арт котли.
- Производството на котли за греење со пелети беше период кога повеќе вложив во маркетинг. Почнав да посетувам саеми ( во Загреб, Белград). Ги рекламиравме котлите на пелети. Котлите се наменети за загревање на поголеми површини од 200 м2 па нагоре, за хали, куќи, хотели , индустриски објекти .
Разликата од другите котли за оваа намена , вели Герасимовски е во тоа што котлите од мојата компанија покрај пелети како огрев можат да користат и сечкани лозови гранки, семки и лушпи од вишни, коски од бадем и од лешник и струготини. Отпадот од овие овошја и од обработено дрво не треба да се фрла, туку да се користи за огрев. Во тој сегмент многу се развиени во Турција и Србија.
Порано откупував цели реколти на коски од вишна од Тетово, каде машински се вадат за конзервна преработка. Првата година товарив два шлепери, бесплатно. Втората година ми ги продадоа по еден или два денари, а третата година не ми ги дадоа, сами ги користеле оти давале многу енергија.
Котлите функционираат, работат, штедат и ја остваруваат целта, го поддржуваат процесот на греење и се издржливи. Имаат век на трајност. Имаат гаранција, пет години на котелот и две на електроника.
Напредни системи на греење
Герасимовски појаснува дека тие во компанијата ги произведуваат котлите и спроведуваат обука за нивното користење. Значи, топловодниот котел е само една единица, а инсталацијата си ја изведуваат други фирми. За да биде комплетно заокружен процесот на инсталирање на системот за греење во одреден простор соработуваат со повеќе компании кои се занимаваат со монтирање.
-Производството на котли како систем е посебна приказна. Се уште мислам дека сум единствен или меѓу ретките на пазарот, кои произведуваат котли од 150 киловати, 200 кв до 300 кв сразмерно за просторот и што е најважно користат комбиниран начин на огревен материјал. А доказ за тоа се добрите резултати и задоволни корисници.
-Котлите се сериозна работа кои на компанијата и донесоа уште еден позитивен стадиум, иако засега се пласираат само во Македонија.
Меѓутоа, кога говориме за котлите за греење на пелети од „Метал арт котли“, говориме за „напредни системи на греење“, или како што ни опиша Герасимовски: „тоа се автоматизирани котли кои функционираат со неколку команди- сам се пали, сам се исклучува, дозира.“
Односно, автоматизираниот котел има силос, што се полни еднаш на три дена, и сам си дотура. Електрониката која се користи за котелот е од Италија , а останатите 98 отсто од репроматеријалите, (изолации, фитинзи, лагери) се од домашно производство. Герасимовски појаснува дека електрониката, сензорите се вградуваат насекаде во котелот. „Тие му даваат информација на компјутерскиот систем во кој се вградени потребните параметри (дотури пелет, воздув, застани, пушти вода) за да имате одредена температура за греење. Софтверот се програмира според условите и потребите на корисникот.
Во 2010 беше пикот, од тогаш наваму сум во слободен пад. Минатата година со пандемијата многу паднавме. Сега сме на шест луѓе, а пред ковидот броевме 25 вработени. Особено последните шест месеци, сум загрижен за иднината на компанијата. Од извозно ориентирана компанија, наместо да раснеме со актуелната состојба се затвораме, работата се намалува. Мене ми треба работа, а не пари од субвенции.
Греењето со котлите на пелети -исплатливо
Производството на котли е добра приказна – но не наидовме на државна поддршка, можеби и ние не бевме доволно агресивни. Засега нема некој голем интерес од институциите, иако од овој систем на греење веќе има и позитивни искуства не само во загреаноста на просторот туку и во исплатливоста. Добар пример за тоа претставуваат 10-ина градинки во Скопје , Битола и Тетово кои ги користат котлите на оваа компанија (преку тендери) за греење. „ Тоа беше во период кога Градот Скопје даде субвенции за котли. Па им вратија пари на корисниците кои се префрлија на овој начин на греење. Акцијата не се однесуваше само на нас туку на кој било производител .“
Или на пример, компанијата „ Мимако“ од Ѓорче , веќе користи четири наши котли. „Микро тим“ од Куманово речиси секоја година купува по еден котел, за секоја работна хала.
Пелетите како гориво се обновлив извор на енергија, со чисто согорување и најниска цена во споредба со сите други енергенси. Во однос на прашањето за исплатливоста, Герасимовски посочува и математички пример во однос на нафтата и други ресурси.
-Ако за загревање на одреден простор се трошеле два тона нафта во една градинка, тоа приближно ги чинело 2 500 евра годишно. Сега со користење на пелети им треба околу 1000 евра, со тоа што нафтата загадува. Додека греењето со пелети е био нула. Односно, има издувни гасови, но науката вели колку си исекол дрва , толку се рециклираат. Додека нафтата ја загадува планетата.
Во просек „Метал арт котли“ произведува околу 590 котли годишно, кои во зависност од капацитетот чинат во просек околу 2000 евра.
Човек треба да е отворен за нови идеи
Проблемот со стручен кадар со којшто се соочуваат сите производни погони е проблем и за Герасимовски. Тој објаснува дека тешко се доаѓа до потребниот кадар. Иако тој се потрудил и во однос на обуките за своите вработени. Заварувачите, стигнале и до сертификати за својата стручност. Меѓутоа, тешко е да се задржат мајсторите, иако јас можам да се пофалам дека покрај мојот партнер Ане Стојановски ,испратив во пензија уште еден мој мајстор кој работеше кај мене 18 години. Додека со Стојановски се разделивме и како партнери заради пензионирањето, па сега сум единствен сопственик на компанијата.
Перспектива секогаш постои. Имаме убави производи, ќе се врати економијата, ќе се гради... Жално е што децата одат надвор, но сепак знаењето и ако имаш визија и стратегија, парите ништо не значат. Човек треба да е отворен за нови идеи. Речиси сите наши клиенти и нови муштерии се од „допрен“ глас препорака од корисник...
М.Балдазарска