„Винска Визија на Отворен Балкан“ е мотото под кое започнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам во Белград, од 1. до 4. септември годинава. Саемот е дел од иницијативата „Отворен Балкан“, а под покровителство на владите на Србија, Македонија и Албанија.

-Учеството на Македонија на Саемот за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските производи. Истовремено, преку Саемот ќе се обезбеди силна и ефективна промоција на туристичките капацитети на Македонија и привлекување нови туристи пред се од регионот, но и пошироко. Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е фокусирана на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Целта на овој Саем, меѓу другото, е и на уникатен начин да ги поврземе винските патишта на Балканот и да ги собереме најдобрите винарии од регионот на едно место, низ соработка.
„Винска визија на Отворен Балкан” ќе понуди богата програма која вклучува дегустации на вино, натпревар „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година, едукативни еснафски работилници, дискусии за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и средби меѓу претставници на производителите и откупувачите со цел проширување на економските потенцијали за компаниите и за економиите од регионот.
На Саемот во Белград ќе се претстават повеќе од 330 изложувачи од 22 земји од кои 233 се од земјите членки на Отворен Балкан.
„Вкуси го животот”
Од Македонија ќе учествуваат 42 винарии и три дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а целосната координација во овој дел од претставувањето ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На Саемот ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна од Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.
Македонија на Саемот ќе се претстави со слоганот „Вкуси го животот” фокусирано на регионална, глобална, но и домашна промоција на туристичките, гастрономски и винските капацитети на Македонија.
Учеството на Македонија на Саемот е вистинска промоција и на културолошките и идентитетските обележја, традиции и обичаи, вклучително и македонскиот фолклор, музика и кујна, но и обележјата на сите други заедници кои живеат во земјата и останатите национални вредности.
Стотици илјади очекувани посетители на Саемот ќе може да дегустираат автентична македонска храна која ќе ја подготвуваат македонски врвни готвачи како и храна од српската и албанската кујна подготвена од српски и албански врвни готвачи.
Ќе биде организирано и меѓународно оценување на виното од 25 меѓународни судии, а пет од нив се носители на најпрестижната титула во светот на виното – master of wine.
Во рамките на саемот планирано е да се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија и премиерите на Македонија и на Албанија.
Во рамките на агендата од активностите во Белград, македонскиот премиер ќе биде домаќин на промотивен настан од економски карактер односно „Македонска вечер” посветен на промоција на македонската економија преку презентација на македонските вина, храна, музика и туризам.