Во Албанската академија на науките во Тирана, викендов (9. јуни) беше промовиран српско-албанскиот речник на доајенот на албанското новинарство и публицист од Северна Македонија, Реџеп Златку. Ова дело се оценува дека ќе биде важно не само за Балканот, туку и за лингвистиката на глобално ниво. Колку е важно да ги знаеме јазиците на нашите соседи?

Идејата за создавање на ова капитално дело, кое, според авторот Реџеп Златку, го наменил и за Албанците и за Србите, потекнува од средношколските денови во интернатот во Приштина, каде што заминал да учи од родниот Дебар во 1953 година.
„Отидов таму да го продолжам моето образование на мојот мајчин албански јазик и за прв пат се сретнав со српскиот јазик, пред се во интернатот каде бевме сместени во иста просторија со ученици од Србија и Црна Гора со кои одлично се сложувавме. Така беше и во гимназијата, бидејќи и Србите и Албанците учеа во иста гимназија „Иво Лола Рибар“ во Приштина“, рече Реџеп Златку, новинар и публицист од Северна Македонија.
Речникот како своевиден ивентар на зборови и изрази со граматички и синтаксички објаснувања најчесто е дело на тим академици, којшто бара професионална посветеност, подготовка и силна јазична култура, но Златку работеше сам.
„Работев цел живот помалку, но во последните петнаесет години по цел ден само со тоа се занимавав и едвај завршив, бидејќи веќе имам 84 години. Имав многу работа, работев толку многу години и мислам дека уште толку можам, има уште работа во јазикот“, истакна Златку.
Познавањето на странски јазик предизвикува симпатии при комуникацијата, го збогатува човекот, им овозможува на луѓето подобро да се запознаат и да се зближат, смета академик Али Алију, пензионираниот долгогодишен професор на Универзитетот во Приштина.
„Ова е многу важен настан за двата народа, двата јазика и среќен сум што ова дело, овој речник, врв на јазичната наука, пристигна на промоција во Тирана во салата на Албанската академија на науките. Мислам дека вакви настани треба да има се почесто. Ќе биде подобро и за Албанците и Србите и за Балканот и за човештвото воопшто“, порача академикот на Али Али.
Овде стручната јавност верува дека речниците од овој тип се нови прозорци кон светот, и дека ова, како што се слушна на промоцијата, капитално дело, ќе остане од корист за лингвистите, но и за оние кои сакаат да го научат јазикот како придонес за соединување на двата народа.
Српско-албанскиот речник, кој содржи 80.000 зборови и изрази, го отпечати издавачката куќа „Логос А“ од Скопје, а главен уредник е Џеват Лоши.