Лутината од покачувањето на функционерските плати од 78% уште не е оладена. Таа ќе трае и ќе се спомнува додека некако не се исправи неправдата, зашто за таа плата поголемиот дел од граѓанството може само да ја сонува. Молкот на владата по пршањето - кога ова несимпатично, иритирачко функционерско покачување, во услови на голема сиромаштија, ќе се ревидира, личи на преќутна намера народот да си леган на брашно, покачувањето на платата на функционерите да го покрие прашинта од новита облаци што се дигаат секој ден, како што се случувањата во Контролата на летањето. За утеха, на публиката и се сервираат податоци дека минимланта плата се зголемува, дека за тоа во буџетот има пари, дека финснсиската консолидација напредува, дека секој ден во секој поглед се’ повеќе и повеќе напредувамe.
Власта речиси секојдневно потсетува дека годинава минималната плата ќе порасне на 22.500 денари, дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, изнесува 38 843 денари.
Дали стигнува?
Но, тоа не значи дека просечна плата земаат поголем дел од вработените. Носители на зголемените показатели се секторите: Јавната управа и одбраната; задолжителното социјално осигурување (26.2 %), снабдувањето со вода; отстранување на отпадните води, управувањето со отпадот и дејностите за санација на околината (20.2 %), снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (20.0 %).
Значи на прво место е јавната управа, што наведува на заклучокот дека ништо не е сменето, односно дека најпирмамливо е вработувањето во државната администрација.
Но, не е важно колкава е минималната или просечната плата. Важно е дали може да се живее со неа и колку дена може да се издржи, дали има просотор за комоција , дали останува некој денар за да се купи нешто за дома што е дотрајано??? Во таа дупка лежат незадоволствата и депресијата која се чита во очите на огромниот број граѓани кои по сите светски параметри се сиромашни.
Што велат синдикатите?
Сојузот на синдикати на Македонија неодамна ја презентира новата методологија на синдикалната минимална кошница, која ќе претставува основa по којa тие од оваа година (2024) ќе се залагаат за зголемување на платите на работниците.
Според пресметката на професорите и поранешни министри за финансии, што ја пресметаа новата цена на синдикалната минимална кошница, Никола Поповски и Драган Тевдовски, за основните потреби на семејство од двајца родители и две деца ученици, потребни се 56.522 денари, што значи дека минималната плата од 22 500 денари треба да ја земаат 2,5 члена од семејството за да преживеат, односно да ги задоволат основните (!) потреби за живот.
При презентацијата на новата методологија беше истакнато дека структурата на кошницата, не е сменета од 2011 година, што значи дека е стара и дека сега има четири нови ставки или вкупно 11.
На презентацијата беше наглчасено дека потешко им е на семејствата што плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа за 21.324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
Власта која беше присутна на презентацијата, односно министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, истакна дека, парафраза: „оваа методологија ќе биде земена предвид“. Но, едно е науката друго е политиката и можностите. Проблемот е во приватниот сектор во кој платите се многу помали од платите во јавниот сектор.
Највисоките претставници на власта гостуваат по емисии и мафтаат со бројките за зголемување на минималната и просечната плата, но ниеден новинар не ги прашува кој го дига просекот на платитие, дали самите функционери кои си ја зголемија платата за 78 проценти, дали платитер на директорите на јавните претпријатија, на членовите на управните одбори, на директорите и на високиот кадар на големите фирми, и колкумина ја земаат таа плата просечната.
Одговорот се наоѓа во цените во продавниците и во дебелината на нашиот паричник.