Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.

 

Гувернерот Славески, на прес конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.

Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги – којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања  готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.

 „Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1 отсто од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески. 

Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа  идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.

Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.

Широк сет платежни услуги

Во своето обраќање пред медиумите, гувернерот детално ги појасни олеснителните околности за платежните сметки на граѓаните. Тој меѓу другото рече: 

-Имајќи предвид дека платежната сметка со основни функции во нашата земја сѐ уште не ја постигнала целта како инструмент за финансика вклученост како во земјите во Европската Унија, неопходно е да се отстранат постојните ограничувања и да се ревидира опфатот на услугите коишто граѓаните може ги користат преку оваа сметка.

Најпрвин, со предлогот се предвидува да се отстранат одредени препреки за пошироко прифаќање на платежната сметка со основни функции.

1. На граѓаните ќе им се овозможи користење дозволено пречекорување преку платежната сметка со основни функции. Во моментов не е овозможено користење дозволено пречекорување, коешто вообичаено им е потребно на граѓаните за извршување на секојдневните плаќања тогаш кога немаат доволно сопствени средства.

2. Граѓаните нема да мора да ги затвораат останатите платежни сметки во денари за да може да ја користат платежната сметка со основни функции. Во моментов, Законот предвидува граѓаните да не можат да отворат платежна сметка со основни функции доколку веќе имаат каква било друга платежна сметка во денари во банкарскиот систем, со што се принудени да ги затворат сите останати платежни сметки во денари кај другите банки.

Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена на најмногу 0,1% од неа, што согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, би изнесувала 36 денари на месечно ниво. Граѓаните кои ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани ќе може да ги добиваат услугите бесплатно.

Пакетот на платежни услуги коишто граѓаните може да ги добиваат за овој разумен надоместок, а ранливите категории бесплатно, опфаќа одржување на платежната сметка, користење на електронското и мобилното банкарство, неограничен број уплати и подигања готовина на банкоматите и шалтерите на банката и извршување неограничен број плаќања со дебитна платежна картичка на физичките места на продажба и онлајн.

Понатаму, Народната банка ќе предложи проширување на пакетот платежни услуги преку оваа сметка на следниов начин: 

1. Сите електронски интерни кредитни трансфери во системите на банките да бидат опфатени во пакетот, имајќи предвид дека некои банки и претходно не наплатуваа надоместоци за интерните кредитни трансфери иницирани по електронски пат, а како резултат на иницијативата на Народната банка бесплатното извршување кредитни трансфери се проширува и кај други банки. Покрај ова, ќе предложиме можност за граѓаните да извршуваат пет меѓубанкарски електронски кредитни трансфери месечно во рамките на овој пакет, во услови кога Народната банка значително ги намали надоместоците за извршување на плаќањата во МИПС. Во овој пакет ќе бидат опфатени електронски иницираните интерни и меѓубанкарски кредитни трансфери со цел да го поддржиме започнатиот тренд на дигитализација на плаќањата во земјава и со тоа да го намалиме јазот во однос на земјите од Европската Унија кај кои најголемиот дел од плаќањата се извршуваат електронски. За граѓаните со возраст над 62 години, во овој пакет ќе бидат опфатени и плаќањата иницирани на шалтерите на банките или т.н. хартиени налози. Во моментов, пакетот на платежните услуги вклучува само пет кредитни трансфери месечно, и тоа само доколку се интерни во системите на банката.

2. Во пакетот да се вклучат четири трансакции месечно за подигнување готовина на банкоматите на други банки, а износот ќе биде ограничен на 2.000 денари по трансакција со цел да обезбедиме непречен пристап до готовина за граѓаните по разумен надоместок.

Сегашниот пакет предвидува бесплатно подигнување готовина од шалтерите и банкоматите на банката на корисникот, додека подигнувањето готовина од банкоматите на други банки во земјава се наплатува согласно редовната тарифа на банката.

3. Во услови кога имаме нецелосна и нееднаква покриеност со банкомати во различни делови од земјата, пристапот до готовина е ограничен за голем број од граѓаните заради високите надоместоци коишто банките ги наплатуваат кога готовината се подигнува од банкомат на друга банка. Овој предлог е за да им се овозможи на граѓаните поголема достапност до готовината во земјава, но истовремено за да се поттикнат банките да работат на воспоставување национална мрежа на банкомати преку која граѓаните ќе може непречено да подигнуваат готовина независно од сопственоста на банкоматот. Оттука, Народната банка ќе работи со банките во следниот период на изнаоѓање прифатливо решение за воспоставување национална мрежа на банкомати.

Очекувам дека оваа идеја ќе се оствари најдоцна до крајот на наредната 2026 година. Во меѓувреме, како што истакнав претходно, граѓаните ќе имаат можност да подигаат готовина од банкоматите во сопственост на туѓа банка до четирипати во месецот, во износ не поголем од 2.000 денари.

4. Ќе се изврши појаснување во Законот дека во овој пакет влегуваат услугите поврзани со издавање дебитна картичка и распоредување приливи на платежната сметка со основни функции, со цел да се избегне воведување или зголемување на надоместоците од овој вид за граѓаните,- стои во обраќањето на гувернерот.