sketches.FASHION  е стартап платформата со која се имплементира блокчејн технологија во модната индустрија, што пред претставници на штипските конфекции, неделава ја презентираше Асоцијација за поддршка и развој на иновации и промоција на инвестиции во проекти со блокчејн технологии „Кон месечината“ Скопје, во соработка со градоначалникот на Општина Штип.

Првата NFT платформа за модната индустрија претставена пред текстилците во Штип

sketches.FASHION е еден вид инвестициска платформа со која се овозможува директно вложување во дизајнeрските скици на модните дизајнери за нивна реализација. Платформа која овозможува натамошни дополнителни бенефити и приходи од инвестицијата и на креаторот и на инвеститорот.

Во основа платформата е наменета за дизајнери и креатори од областа на модата, компании од текстилната индустрија, образовните институции, асоцијации, здруженија и кластери за текстилната индустрија.

Ново во светот на модната индустрија

Целта на настанот во Штип, којшто се уште важи за бисер во македонската модна индустрија беше да се објасни како блокчејн технологијата може да се имплементира во текстилната индустрија. Всушност, како да се воспостават нови насоки, начин и решенија за поддршка, промоција, работа и соработка на младите и останатите модни дизајнери со сите инволвирани структури во модната индустрија. Стартапот пред текстилните стопанственици и претставници од наставниот кадар на текстилното училиште го презентираше младата дизајнерка Антонија Локвенец, која ја образложи неговата функционалност, можности, начините и бенефитите на оние што ќе се приклучат, но и ја нагласи потребата од нивната поддршка и соработка.

Првата NFT платформа, според младата дизајнерка, претставува нешто ново во светот на модната индустрија.

-Сакавме да направиме еден многу интересен концепт-поврзан со дигиталниот свет, блокчејн технологија, криптосветот  и НЛФ токени. Зборуваме за непреносливи токени, кои имаат задинска информација – од каде потекнува, кој е авторот, кога сме го купиле, и дека го имате првиот токен,“ нагласи Локвенец. Таа се обиде и да ја објасни врската (спојката) меѓу НФТ светот со модната индустрија: „Секоја креирана дизајнерска скица ја префрламе во дигитален формат и ги ставаме на нашата платформа. Потенцијалниот инвеститор на којшто ќе му се допадне дизајнот може да го купи тој токен и да биде првиот кој ќе вложи во таа дизајн- идеја.

Со таа инвестиција во скицата ние му овозможуваме на дизајнерот да има финансиски бенефит (секако, по креирањето на физичкиот продукт). А, инвеститорот може да го добие првиот модел од таа креација по мерка и понатаму да одлучи во која количина ќе го произведува тој модел. Дизајнерот може да ја искористи истата креација само за ревии и промоција.

Платформата е веќе во фаза на собирање на дизајните со цел тестирањето да биде релевантно“, образложи Локвенец.

 

Дали е изводливо платформа да се стави во функција

Креаторот на Асоцијацијата „Кон месечината“, Здравко Јосифовски рече дека платформата има поширок концепт и ќе содржи регистри на модни дизајнери, на добавувачи и  производители на репроматеријали, како и на производители на финални производи и едноставно ќе претставува конекција меѓу сите овие структури во текстилната индустрија со познати и нови имиња на дизајнери.“

Тој директно ги праша сопствениците на конфекциите и образовните институции за мислење: -Дали според нив е изводливо една ваква платформа да ја ставиме во функција. Да добие логистика, поддршка и повратна информација од текстилната индустрија. Дали вие во погоните имате можност за изработка на такви модели?“

Текстилците ја оценија платформата како позитивна и како едно од можните решенија кое ќе му помогне на градот на текстилот или како што го нарекуваат штипскиот Манчестер да не го снема. Венцислав Филипов од „Астибо фешен груп“, смета: крајно време е да создаваме амбиент за младите наместо во странство овде да работат, пред целосно да изумре потенцијалот и капацитетот на индустријата.“ Начелно овој текстилен стопанственик се согласи да отстапи дел од дизајнерските креации на своите дизајнери, да овозможат едукација во процесот од дизајн до шаблон, да вклучат мајстори и сето тоа да стане реален модел –со цел и практично да профункционира платформата.

Конфекциските стопанственици се едногласни да се прифати овој предизвик за поголема промоција на сите чинители кои се дел од сложувалката во сликата за текстилната индустрија во земјава. Фактот дека уникатните парчиња трпат многу повисока додадена вредност, признаваат дека моментно во актуелната текстилна индустрија е изгубено, и дека таа во најголем дел се врзува со лон-производство.

„Идејата е, како што нагласи Јосифовски,- дали погоните кои останаа имаат интерес да развиваат свој бренд. Дали нашите компании ќе пројават интерес да се врзуваат за одредени дизајнери и овде да создаваат уникатен производ, и да го процесираат како интерес во одредени количини.... Сметам дека Штип сé уште важи за некој бисер во модната индустрија, односно за потенцијал и капацитет не само локално туку и пошироко. Поаѓајќи од тој сегмент мислевме дека можеме да ја споиме технологијата со модниот свет, каде ќе можеме да ги смениме правилата на лон играта и во соработка со вас и текстилните училишта да создадеме подобра иднина за модната индустрија. Да овозможиме младите дизајнери својот прв дизајн да го постават или заштитат како авторско право и подоцна да го почувствуваат бенефитот од својата креација“.

Пристап до младите дизајнери

Сакавме да ве слушнеме што понатаму може заеднички да направиме. Нас сега најмногу ни треба пристап до младите дизајнери кои не се реализирани и кои ќе може да ги поставиме на платформата. Затоа заедно со вас сакаме да организираме работилници за младите дизајнери од кои ќе ги прибереме оригиналните скици и ќе ги постираме. Да создадеме можност да се сретнат со дизајнери од регионот да се соочат со реалниот пат на дизајнирање, да се запознаат како да ја користат платформата и како нивните скици да ги испраќаат и постираат. Како од 2Д  одредени производи ќе ги претвораат во 3Д за да бидат попопуларни за инвеститорите. Со што практично ќе започне процесот и официјално ќе ги објавиме реалните скицирани креации на младите се уште неафирмирани дизајнери,“ резимираше Јосифовски.

Во основа како што беше образложено од присутните, идејата е од скицата да се произведе шаблон - и со што сé се соочува дизајнерот во тој процес на креација, што материјали се на располагање  за да го осмисли дизајнот... Дизајнерот по правило би требало да учествува во изработка на прототипот на моделот. Откако ќе се дефинираат првите мостри или шаблонот за понатамошно производство од кои може да се развие серијата, дизајнерот не учествува во продажбата. Важно е дека секое парче добива сертификат за оригиналност. И што е посебно важно со објавата на авторската креација на платформата, дизајнерот не заработува само од продажбата на првиот дизајн, туку континуирано од секоја продажба добива надомест како што ќе се договори, во процент или фиксна сума до момент додека некоја конфекција се понуди да ги откупи сите права за понатаму да го произведува моделот во број што му одговара.

 

Недоволната едукација на дизајнерите го кочи процесот на реализација на дизајните

Соработка прифаќа и Јасмина Чанева Лазовска, сопственичката на „Вера Монд“ која  рече: - Ние ја гледаме работата од аспект да создадеме производ, но проблемот е како од дизајнот да се дојде до шаблон, па потоа до производ. Дизајнираната скица до реализација на производ претрпува многу промени. За да се продаде скица прво треба да сме сигурни дека од неа може да се произведе одреден модел. И тука е главниот проблем – неедукацијата. Имаме проблем со кадар- дизајнери, кои не знаат да направат шаблон. Реализираме процес на воведување на 3Д дизајн од самата причина дека веруваме и јас, како и вие, дека постои дигитална технологија која поврзана со модната индустрија може да им помогне на младите луѓе кои живеат во државата да создаваат дигитално и да продаваат дигитално и да можат да заработуваат од тоа.

Едукацијата на дизајнери е неминовна. Затоа што да се состави производ од скица е навистина наука (од скицата се прави шаблонот а од шаблонот 3Д визуелизација). Тоа е комплексна работа која бара и специјализација на одредени сегменти за да бидеме видливи и успешни.“

-Затоа сме тука да се запознаеме – за да видиме заедно како дизајнерите да се запознаат со процесот на реална креација на нивниот модел, со моделари, мајстори, со функционирањето во работилниците. Дали е можно еден дизајн да се сработи во Македонија. Верувам дека Македонија не е технолошки заостаната, интеракцијата е со цел да се приближат ставовите и да се разменат искуствата за кога ќе започне комерцијализацијата да не се направат грешки или судир на интереси ...За да го олесниме патот и на луѓето кои дигитално можат да заработуваат, а и  производителите да ги искористат погоните да се произведат понудените дизајни, заклучи Јосифовски.

Што значи NFT- fungible token

NFT е кратенка од Non Fungible Token што означува незаменлив, единствен дигитален запис, познат како токен креиран врз основа на паметен договор (Smart contract) со којшто се птврдува правото на дигитална сопственост на некоја од постоечките блокчејн мрежи. NFT токен претставува и електронски сертификат за сопственост за дигитален запис што во себе ги содржи сите последователни промени од моментот на креирање на записот, односно издавање на токенот до информацијата за последниот сопственик. Така што самиот токен претставува гаранција, уникатност и сопственост на прикажаниот дигитален запис во дигиталниот и во реалниот свет.

Токму оваа платформа на модните дизајнери им нуди на иновативен, уникатен и единствен начин и можност да ја запишат и потврдат автентичноста на своите скици и креации, користејќи блокчејн технологија со можност за пренос на делумни или целосни права на сопственост на користењето на скиците и креациите преку паметни договори со издавање и поврзување на НФТ токени.