Српскиот атомски физичар, професор д-р Владан Вулетиќ со својот тим од Универзитетот МИТ во Бостон го пушти во употреба првиот квантен компјутер којшто користи неутрални атоми. Преминот кон квантните компјутери би можел да биде пресвртница за унапредување на многу полиња, бидејќи тие можат да обработуваат информации во секунди за кои на обичен компјутер би му биле потребни илјадници години.

Развојот на лекови и симулацијата на нивното дејство врз телото без тестирање на луѓе е само една од областите каде што квантниот компјутер веднаш ќе има своја примена поради уникатните иновации на професорот Вулетиќ.

„Она што го прави овој компјутер, квантниот симулатор, посебен и многу моќен е тоа што пред секоја пресметка може да се конфигурира распоредот на атомите во две димензии. Тоа е како да можете на вашиот класичен компјутер да го доведете микропроцесорот до најоптималната состојба пред секоја пресметка“, вели проф. д-р Владан Вулетиќ, атомски физичар.

Компјутерот е физички базиран во Бостон и е достапен за изнајмување преку платформата на Amazon три пати неделно. Истражувачите и научниците ќе го користат пред другите, а професорот Вулетиќ и неговиот тим продолжуваат да ги подобруваат неговите карактеристики.

 

 

„Потенцијално таков квантен компјутер би бил многу моќен. Тоа би можело да помогне во дизајнирањето на нови лекови, и истите поефикасно да се тестираат, да се предвидат временските и климатските промени, а исто така би помогнало и во логистиката и транспортот за намалување на трошоците“, објаснува професорот Вулетиќ.

Технолошките гиганти, врвните универзитети и владите инвестираат милијарди во истражување и развој на оваа технологија. Светските трендови во областа на квантната информатика се следат на нашите универзитети, но само на теоретско ниво.

 „Се појавува одредена промена која ветува дека квантните компјутери, дури и во нивната сегашна фаза на развој, можат да бидат многу значајни на ова поле. Многу сме горди што еден од нашите луѓе развива врвен квантен компјутер кој ја има можеби најдобрата функционалност во споредба со другите системи засега“, изјави атомскиот физичар Владимир Арсоски, професор на ЕТФ.

Како член на одборот на директори на Фондот за наука на Србија, професорот Вулетиќ активно учествува во афирмацијата на науката на овие простори.