-Во тек се тестирањата на првиот електричен автомобил произведен во Србија во фабриката Fiat Chrysler Automobiles, потврди претседателот на независниот синдикат на FCA Србија, Саша Ѓорѓевиќ. Неофицијално, како што објави РТС, се очекува наскоро првите модели да бидат тестирани на улиците во Крагуевац.

Првите тестови, како што пренесува српскиот медиум се извршени во Крагуевац, бидејќи фабриката располага со писта за тестирање на нови автомобили, но главните сигурносни тестови - таканаречени „креш тестови“ се вршат во странство.

Ѓорѓевиќ објаснува дека кога бил тестиран моделот „Фијат 500Л“ пред почетокот на сериското производство, биле направени околу 200 примероци само за тестирање.

„Секој од тие модели мора да биде подложен на опсежни тестирања - сигурносни тестови, тестови од страничен удар... Секој од тие примероци на тие тестови  треба да добие безброј ѕвезди за да биде целосно безбеден“, наведува Ѓорѓевиќ.

Тој верува дека новиот модел наскоро ќе се најде на улиците на Крагуевац

-Може да се очекува дека новиот електричен автомобил ќе се тестира на улиците на Крагуевац, барем ако ја следи досегашната практика на моделите на „Фијат“.

Кога се тестираше постариот брат „Фијат 500Л“, тој беше заштитен, во камуфлажна (маскирна) фолија и се возеше низ улиците на градот, но и во Шумадија, за еден дел од тестовите.

Ѓорѓевиќ очекува дека истото ќе се случи и со новиот електричен автомобил.

Тој говорејќи околу бројот на вработените во фабриката во Крагуевац и дали се подготвени за сериско производство на новиот модел, вели дека се спремни.

Во тој контекст додава и дека работниците кои се обучувале во странство во неколку фази се враќале во Србија и веднаш биле вклучени во производниот процес на новиот автомобил на соодветни работни позиции.

Исто така нагласува дека наскоро ќе бидат отворени и конкурси за вработување на нови работници кои по поминување на потребната обука ќе бидат вклучени во производството.

Нема потврди од „Стелантис“

Од компанијата „Стелантис“, како што пренесува РТС, не ја потврдиле информацијата за произведените први модели во Крагуевац, ниту пак потврдиле дека тестовите се во тек. Единствено нагласиле дека проектот е во тек.

Сѐ уште не е познат точниот датум кога на јавноста ќе и биде претставен електричниот првенец од Крагуевац, ниту каде ќе биде. Ѓорѓевиќ забележува дека тоа е првиот електричен автомобил произведен на Балканот и дека би било убаво да биде претставен во Србија.

Во оптек се неколку датуми, а речиси сигурно е дека новиот модел ќе биде претставен на лето.

Иако во јавноста се зборуваше дека овој електричен автомобил ќе биде рестилизиран модел на Fiat „Panda“, од компанијата „Stelantis“ не го потврдија тоа ниту го објавија официјалното име на новиот модел.

Домашната јавност постојано шпекулираше за изгледот на автомобилот и цената, но од компанијата се уште не ги обелоденуваат деталите околу формата и изгледот на моделот на електричното возило.