Дали се чувствувате подобро што сами ја завршивте задачата, наместо да му објасните на некој друг? Бидете внимателни.

Добро познато правило е дека многу работи можеме да направиме сами. Но, сигурно е дека со нечија помош можеме да направиме уште повеќе. Една од можните алатки за управување со времето е дефинитивно делегирањето. Што претставува делегирање? Пренесување на задачи и овластување на примателите кои ќе бидат одговорни за нивното извршување. Тоа е специфичен процес на постигнување резултати преку напор и работа на други луѓе.

 

Делегирањето е една од најважните менаџерски вештини, за која секој менаџер мора да биде свесен, и на која постојано треба да се работи на јакнење и подобрување. Делегирањето е еден од основните фактори на ефективно лидерство. Од друга страна, делегирањето позитивно влијае и на оние на кои им се делегира работата. Луѓето ќе се чувствуваат позадоволни, мотивирани и ќе бидат повеќе проактивни.

 Предности

Секогаш кога делегирате, вие инвестирате во иднината на вашиот бизнис. Не треба да се нагласува дека ова е најдобрата форма на обука во рмки на  работното место за вашиот тим. Со делегирање покажувате дека верувате во способноста на вработените и нивната способност да придонесат. Нема подобар начин да се изгради морал на вработените отколку од ентузијастичките соработници да се побара да ја играат својата улога, на што тие ќе ви бидат исклучително благодарни. Со делегирање ќе се ослободите за оние задачи кои најмногу ви го окупираат вниманието. На овој начин практично му ги пренесувате на тимот очекувањата, нивото на знаење и вештини, како и односот кон клиентите што го очекувате од нив. Исто така, влијаете на оние околу вас да поставуваат и постигнуваат цели или можеби да научат нови вештини. Делегирањето ви дава и поголема лична слобода, бидејќи вашите вработени ќе можат да управуваат со компанијата во ваше отсуство.

Последици

Кога не делегирате, ја пропуштате можноста да развиете подлабоки и подобри односи со вашите вработени колеги. Го зголемувате обемот на работа и се ставате под дополнителен и непотребен притисок. Резултатот е помала продуктивност и губење на фокусот.

Сите вложуваат многу во регрутирање на вистинските луѓе. Има вредни работници, подготвени да бидат ангажирани - затоа направете го тоа. Ако не ги користите, ќе ги лишите од целта, а да не зборуваме за занемарување на ресурс кој е од витално значење за растот на бизнисот. Покрај тоа што ќе ги изгубите талентите и драгоцената енергија, ризикувате да изгубите и добар кадар, бидејќи тие ќе изберат други работодавци кои ќе им овозможат услови  за остварување на целите и амбициите во кариерата. 

Ефикасно делегирање

Клучни чекори во делегирањето се:

• Прикажување на работната задача;
• Расположение за совет и водство додека ги делегирате работните задачи;
• Евалуација.

Всушност, важно е да се обезбеди јасно резиме со инструкции: Што вклучува задачата? За кого е тоа? Кога е крајниот рок? Кој е резултатот? Зошто е важно? Кој е поширокиот контекст? Погрижете се вашиот вработен од тимот да ги разбере упатствата и очекувањата.

За поголеми задачи, за кои се очекува надминување на работното време, да речеме, задачи кои бараат 10 часа интензивна работа, важно е да ја следите  ситуацијата и на секои два часа да бидете меѓу вработените.

 Ако ги следите принципите на делегирање: тоа го правам вака - ви покажувам – покажете ми - направи го ти- ќе бидеш на добар пат да имаш повеќе време, поголема продуктивност на компанијата и, секако, посреќни вработени.

 Наместо заклучок
 Важно е дасте подготвени за: 

Развивање комуникација помеѓу претпоставените и подредените;

Примена на принципот на еднаквост така што претпоставениот мора да делегира доволно овластувања на подредените кои презеле одговорност за решавање на проблемот;

Развивање мотивација за делегирани работни задачи преку зголемување на платите, давање други видови награди и сл.