„Раде Кончар-Трансформатори и електрични постројки -ТЕП ДООЕЛ преку Македонската берза соопшти дека има намера да објави понуда за преземање на компанијата „Раде Кончар-Апаратна техника“АД Скопје.

„Согласно член 22 став 1. од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Раде Кончар-Апаратна техника АД Скопје дека имаме намера да објаваме -Понуда за преземање на целното друштво Раде Кончар-Апаратна техника АД Скопје по цена од 2.435 денари по акција“, пишува во објавата споделена преку Македонска берза, потпишана од управителот на Раде Кончар-ТЕП ДООЕЛ, Горан Антевски.

Како што е наведено, понудата за преземање ќе биде објавена откако Комисијата за хартии од вредност ќе ја издаде потребната дозвола.

Според податоците објавени на Берзата, друштво Раде Кончар – Апаратна техника минатата година ја завршило со добивка од 548 илјади евра. Во текот, пак, на првата половина од годинава, остварен е профит од над 233 илјади евра, проследен со пад во споредба со истиот лански период (285,4 илјади евра).

Исто така, податоците велат дека во последните 52 недели со оваа акција се забележани седум тргувањ со 252 акции и вкупен промет од 634.400 денари. Вредноста на акцијата при овие тргувања се движела од минимум 2.000 до максимум 3.000 денари. Последната купопродажна трансакција била реализирана на 9. јули, со просечна цена од 2.500 денари за акција. Тогаш биле истргувани 79 акции со промет од 197.500 денари.

Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, во „Раде Кончар-Апаратна техника“ моментално има седум акционери кои поседуваат над пет проценти од акциите од кои две се правни лица, а пет се физички лица.