Најновите податоци од релевантните европски извештаи укажуваат дека пазарот на половни автомобили во ЕУ, кога станува збор за резултатите од продажбата, е на речиси исто ниво како и во 2024 година. Поточно, според податоците од познатата веб-страница Autovista24, во првиот квартал од 2025 година, бројот на продадени половни автомобили се зголемил за 0,6 проценти во споредба со првиот квартал од минатата година, што е околу 1,64 милиони единици. Купувачите сè уште најчесто се одлучуваат за модели со бензински или дизел мотори, додека електричните половни возила доживуваат значителен пад на вредноста и се продаваат многу побавно.
Половните автомобили се сѐ повеќе барани - раст на цените низ цела Европа
Според податоците на AUTO1 Group и нивниот ценовен индекс, во април годинава просечната вредност на половни возила се зголемила за 2,8 проценти во споредба со истиот месец минатата година, што претставува најголем месечен скок од јуни 2023 година. Од почетокот на годината, според нивните податоци, цените на половни автомобили во Европа се зголемиле во просек за околу пет проценти.
Како што покажуваат податоците од анализата на Auto1 Group, зголемувањето на цените на половни автомобили е резултат на неколку фактори. Пред се како една од главните причини е зголемувањето на цената на новите возила, но и континуираната побарувачка за половни автомобили. Најголемо зголемување на цените е забележано кај економичните модели од компактната класа, додека ситуацијата е нешто постабилна кај SUV моделите.
Електричните возила, од друга страна, иако се сѐ побројни во понудата, продолжуваат да бележат благ пораст на цените поради послабата побарувачка и сомнежите на клиентите за нивната долгорочна вредност.
Пад на вредноста на возилата во април
Важно е да се напомене дека според извештајот на порталот Autovista24 за април 2025 година, преостанатите вредности на употребуваните возила - односно вредноста на автомобилот по три години употреба - продолжуваат да опаѓаат низ цела Европа. На пример, во Австрија падна на 47,7проценти, во Германија на 47,6 отсто, додека во Швајцарија паднаа за само 43,7 отсто.
Особено интересни се податоците за електричните половни автомобили: во Швајцарија, половни електрични автомобили стари до три години задржале само 38,2 отсто од нивната почетна вредност, а во Германија 37,3 отсто.
Спротивно на тоа, хибридните возила покажуваат поголема отпорност, со вредности од околу 49 отсто во двете споменати земји.
Старите автомобили сè уште доминираат
Детална студија за пазарот на половни возила во ЕУ неодамна спроведе заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC). Добиените податоци покажуваат дека поголемиот дел од употребуваните возила што менуваат сопственици во ЕУ се стари помеѓу осум и 15 години. И ова истражување потврди дека постарите дизел возила се сè уште најзастапени во сообраќајот, особено во земјите од Централна и Источна Европа.
Западот извезува – Истокот купува
Исто така, еден од клучните трендови во 2025 година, според истражувањето на Европската комисија, е силното присуство на прекугранична трговија со половни возила. Имено, голем број автомобили сè уште се извезуваат од Западна Европа, првенствено од Германија, Франција и Белгија, во земји како Романија, Полска, Бугарија и Унгарија, но и на пазарите на Балканот, што секако ја вклучува и нашата земја. Во тој синџир, автомобилите што повеќе не ги исполнуваат еколошките или техничките стандарди во земјите извознички наоѓаат „втор живот“ на пазарите каде што куповната моќ на населението е помала.
Да потсетиме: во Македонија според податоците на Царинска управа, до декември 2024 година се увезени 49 462 патнички возила, од кои 12 170 нови и 37 293 половни. Во основа тоа е значително зголемување во однос на 2023 година, кога биле увезени вкупно 43 212 автомобили, од кои 9 999 нови и 33 213 половни.
Очекувања за наредниот период
Пазарот на половни автомобили во ЕУ останува клучен за милиони граѓани. И додека новите технологии, построгите регулативи и напорите за намалување на емисиите од сообраќајот ја обликуваат иднината на автомобилизмот, добрите стари половни автомобили нема да ги напуштат европските патишта уште долго време.
За домашниот пазар, овие трендови значат и нови предизвици - бидејќи е реално да се очекува дека ако трендот на зголемување на цените продолжи во Европа, нашите клиенти исто така ќе ги почувствуваат овие негативни ефекти, особено ако се земат предвид и другите трошоци при увоз на половни автомобили, како што се трошоците за транспорт, шпедитерските услуги и „внатрешните“ давачки (еколошки данок, тестирање на возила...). Сепак, едно нешто останува сигурно: побарувачката за сигурни половни возила не се намалува, а во нашата земја секоја година се увезуваат повеќе употребувани отколку нови возила.