Од пред една година, апликацијата „Разговор.мк“ започна со работа. Апликацијата овозможува виртуелно закажување термин преку едноставен и анонимен пристап за разговор со психолози. Првата година од работата ја крунисале со добар успех – генерирани 50 000 евра за психолозите, а луѓето се задоволни од услугите. Нејзиниот основач, Георги Михаилов, вели дека од 500 рејтинзи на апликацијата, оценката е 4.95.

„Се работи за дигитален пазар за психолошки советувања. Имаме лиценцирани психолози за луѓе на кои им е потребно тоа и сакаат да се советуваат. Тоа е основната функционалност на апликацијата. Моментално имаме над 40 лиценцирани психолози и над стотици корисници. Го создадовме и првиот дигитален дневник за расположение на македонски јазик и има добра интеракција ќе продолжиме да го развиваме и понатаму“, вели Михаилов.
Неколку млади психолози ги почнаа кариерите на оваа платформа и веќе имаат десетици клиенти кои редовно се советуваат. Финансиски, првите 5 до 7 психолози на платформата во последните 3 месеци од минатата година, генерирале приходи повеќе од дупло од просечна македонска плата. Михаилов се надева дека трендот ќе продолжи да расте и ќе бидат достапни за повеќе луѓе.

Tелефонските разговори со психолозите не се зачувуват. Михаилов вели дека тие како компанија немаат пристап до нив. Во однос на пораките, се зачувуваат 45 минути. Откако ќе заврши разговорот се бришат. Не се собираат комуникациите помеѓу клиентите и психолозите. Од друга страна, психолозите на платформата можат да имаат до 10 различни специјалности или психотерапевтски правци кои ги практикуваат. Апликацијата ги покажува сите слободни психолози кои се достапни во моментот.
Како започнала приказната на „Разговор.мк“?
Георги Михаилов, родум во Штип, завршил Економски факултет, отсек финансиски менаџмет во Скопје. Пред дипломирањето, одлучил фриленсерски да се занимава со програмирање. Се запишал на една од академиите, запознавајќи се со програмскиот речник, нешто за кое немал никакво искуство од претходно.
„Брзо најдов пракса. Прво работно искуство ми беше во мала компанија, во која имаше вработено неколку луѓе. Од овој агол имав доста слобода од аспект на тоа како да ги правам работите. Морав сам да истражувам и да учам. Морав да учам различни вештини од маркетинг. Не мора да си експерт во нешто само треба да го направиш првиот чекор другото се учи. Продолжив во поголема компанија, каде се фокусирав на програмирање, учев технологии за мобилно програмирање. Додека бев таму, почнав да размислувам за кариерата и што да правам. Одлучив дека сакам да пробам свој бизнис и своја компанија“, се сеќава Михаилов.
Како што вели, најмногу се фокусирал на учењето. Додека работел на приказната за тоа каква компанија да отори, работел фриленс. Но, таа кариера траела кратко.
„Еден од проектите кој што работев додека мислев каква компанија да оторам, беше мобилна апликација. Каде луѓето блиски ќе се доразвиваат заедно и ќе си поставуваат цели. Почнав да ја програмирам, но, другарите не секгоаш го даваат најдобриот совет, така што решив да вметнеме професионалци во работата“, вели Михаилов за почетоците.

По стартот на апликацијата, постоел скептицизам на првиот психолог при ангажманот како тоа ќе функционира. Подоцна, нивната бројката се зголемила. На почеток, апликацијата се сведувала само на допишување на клиентите со психолозите. Биле обезбедени 50-тина бесплатни сесии за да тргне работата. Се искористиле во еден ден и сфатил дека тоа може да функционира. Но, од следниот ден кога за услугата почнало да се наплаќа, не било толку едноставно.
„Бев во „Сивус акцелераторот“ кој ми помогна да се усовршам. Во меѓувреме, ме контактираа од „Start up wise guys“. Тоа е еден од водечките акцелератори во Европа. Требаше за краток период да се спремиме, имавме преку 25 интервјуа при изборот. Не’ прифатија во Акцелераторот и од тука почна работата. Инвестираа сума на пари во нашата компанија. Следен чекор е интернационализација на бизнисот, направивме ребрендинг. Ние не се интернационализираме за да ги донесеме странсите психолози во Македонија, туку обратно. Нашите психолози одат за да се усовршат“, вели Михаилов.
Според Михаилов, географската бариера е веќе надмината. Бидејќи, како што вели, секогаш било проблем лице од мало место да треба да избира да отиде кај еден од двајцата психолози во градот, бидејќи сите се знаат. Но, тоа веќе не е проблем. Сега нагласува дека е проблем јазичната бариера бидејќи се отвора голем пазар. Следна држава како таргет за ширење на апликацијата е Романија.