Македонија има огромен ИКТ потенцијал, одлични и квалитетни кадри кои излегуваат од универзитетите. Сега е шанса да ги искористиме во приватниот сектор, за потоа тие да и помогнат на државата во дигиталната трансформација, порача денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски по почетокот на конференција MASIT 2.0 – „Recode Reality”.

ИКТ компаниите во функција на дигиталната трансформација на земјата?
Владата, како што изјави Андоновски, одлучи да се потпре на приватниот сектор во процесот на дигитализацијата и сега двете страни треба заедно да градат проекти кои ќе значат реализација дома, но и извоз на продуктите.
Според претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ИКТ индустријата учествува со 4,5 отсто во националниот БДП на Македонија што е 1,65 милијарди евра годишен приход. Секторот брои над 3 000 компании со над 25 000 вработени, чија просечна бруто плата надминува 2 500 евра.
-Продолжуваме со поддршка на приватниот сектор. Немаме агенција оперативно одговорна за дигитализација и затоа се потпревме на приватниот сектор во сите најкрупни проекти на државата, а потоа и во нивното одржување. Сега прашањето е како тоа да го надградиме, како да стигнеме до следното ниво – европски проекти во државата кои треба да бидат реализирани од македонски компании или македонски компании да бидат носители на тие проекти зашто тоа е начинот да донесеме и европски стандард и да ги поттикнеме домашните фирми да растат, но и администрацијата да ги следи. Вториот елемент на нашата домашна задача е државните институции да обезбедат доволно квалитетен кадар што ќе остане да ги води проектите во институциите. Мислам дека сме на добар пат и дека ќе имаме резултати, нагласи министерот.
Tехнологијата – не само како алатка, туку како двигател на промена
Претседателот на МАСИТ, Димитровски е дециден дека македонскиот ИТ сектор е во добра кондиција и дека ги следи трендовите.
-Очигледен е растот на на ИКТ секторот, а тоа го покажуваат и прелиминарните бројки за 2025 година. Македонските ИТ компании ги следат европските стандарди. Многу од нив кои се на ниво на европските, работат за странство, посебно за европските држави. Ги следиме трендовите во Европа, но и предизвиците. Сепак, ИТ секторот кај нас е во добра кондиција и секоја година бележи раст над 10 отсто, подвлече Димитровски.
Темата на овогодинешната конференција Recode Reality претставува повик да се реосмисли улогата на технологијата – не само како алатка, туку како двигател на промена, како сила што ја редефинира економијата, институциите, образованието и општеството.
На конференцијата „Recode Reality” што ја организира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) присуствуваат преку 300 гости од земјава и регионот, како и говорници од врвот на ИКТ-индустријата во Европа. Тие денеска во Скопје разговараат за модернизација на дигиталната инфраструктура и телекомуникациите, како за реалните можности што ги отвора вештачката интелигенција.
За Комората на ИКТ-индустријата во Македонија, МАСИТ, целта за наредните три години е јасно одредена – остварување на конкретни резултати во дигитализацијата на земјата, подобрени регулативи и силни политики за поддршка на технолошкиот сектор, во партнерство со институциите на државата.