Во организација на Министерството за дигитална трансформација, денеска се одржа конференцијата „Национален портал за електронски услуги: нов изглед, нови електронски услуги“, на која се промовираа новините и функционалноста на платформата.

Презентацијата за трансформацијата на порталот и за неговите најзначајни новини ги презентираше Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерот меѓу другото нагласи дека со неговиот тим интензивно работеле изминатите пет месеци со цел да ги подобрат перформансите на е-порталот имајќи го предвид искуството на корисниците на е-услугите. Идејата била да се воведат што поголем број корисници, како и да се овозможи пристап за лицата со попреченост, водејќи се од принципот – транспарентност, достапност и ефикасност.
Редизајнираниот портал uslugi.gov.mk нуди 100 нови услуги, а во изминатите пет месеци има и нови 30 000 корисници. Инаку покрај надградбата на овој систем, паралелно се отвораат и центри за услуги за граѓаните низ целата држава.
Како што соопшти Андоновски, по преземањето на ресорот пред пет месеци порталот нудел 125 услуги, а сега има повеќе од 200. Порталот вклучува нови електронски услуги од повеќе сектори, меѓу кои култура, енергетика, социјална заштита и правда.
-Целосно ги дигитализиравме 80 услуги директно на порталот, но и поврзавме дел од услугите што се даваат на други портали да бидат достапни и на нашиот портал, изјави Андоновски.
Најкористени електронски услуги досега од граѓаните, рече министерот, биле од Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поврзани со работен стаж и пензионирање, а популарни, рече, биле и дигиталните услуги од Управата за водење матични книги – за добивање извод од родени, како и потврда од казнено-кривична евиденција.
-Од новите услуги, убедливо најпопуларна е услугата од Министерството за внатрешни работи за лиценцата за поседување оружје, затоа што целосно го редимензионира процесот на аплицирање – не ги завршувате сите работи па да чекате согласност со месеци или со години, туку прво аплицирате, добивате позитивно мислење од Министерството, па потоа полагате, земате часови и ја добивате лиценцата. Но, исто така, тука се и годишните конкурси на Министерството за култура, програмата за поддршка на институциите од културата, каде што исто така имаме огромен интерес, рече Андоновски.
Меѓу новите е-услуги што ќе бидат достапни во 2025-та, тој го издвои дигитализираното добивање уверение за државјанство.
-Тоа ќе биде меѓу топ пет услугите што ќе бидат најкористени на порталот. Мислам дека државјанството ќе биде многу рано – очекувам во јануари да биде целосно автоматизиран процесот на издавање државјанства, соопшти Андоновски.
Министерството се стреми кон целосна дигитализација на општеството што ќе овозможи полесен пристап за граѓаните до административните услуги, и ќе им заштеди време и трошоци.
Како новина Андоновски најави и дека со измени на Законот за електронски услуги, кои се очекуваат во јануари, секој документ што ќе биде изваден од електронскиот портал, со електронски потпис, QR-код и печат, ќе може, со печатење, да се користи исто како и документ што институциите досега го издаваат со нивниот печат.
На презентацијата присуствуваа претставници од министерствата за култура, правда и за внатрешни работи, како и од државни институции (Агенција за храна и ветеринарство, Регулаторна комисија за енергетика и ПИОМ). Сите заложби се во една насока да им се овозможат што повеќе онлајн услуги на граѓаните во наредната година.
Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон модернизација на јавната администрација и доближување на институциите до граѓаните преку дигитализација. Министерството за дигитална трансформација најавува дека новиот портал ќе продолжи да се развива со цел да одговори на потребите на современото време.