Со музика од Бранислав Николов и Гоце Јованоски, поезија од Дејан Трајкоски и сцени од филмови на Вим Вендерс и Роберто Бењини, во понеделник (26 октомври, стартот во 20 часот) ќе се одржи проектот „Реобмислување на европски режисери: филм, музика и поезија“.

Интердисциплинарниот проект во развој подразбира фузија на поезија, филм и музика.

Се работи за три песни инспирирани од сцени од филмовите „Париз, Тексас“ од Вим Вендерс, „Тигарот и снегот“ од Роберто Бењини и „Хотел од милион долари“ од Вендерс.

Поезијата од Трајкоски ќе биде изведувана од Бранислав Николов, со музика создадена од Николов и Јованоски, инспирирана од оригиналните филмски композиции, а сето тоа вкомпонирано со филмските сцени. Видео и аудио монтажата е на Гоце Јованоски.

Идејата на проектот е реобмислување на едно уметничко дело и создавање ново, во сосема поинаква форма од оригиналното.

Настанот е отворен за публика, но со ограничен број на гости, според протоколот за организирање настани.

Настанот ќе може да се проследи и во живо преку стрим.

Проектот се реализира со финансиска поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје.