Робот-таксито OnePod на Volkswagen - возило на иднината. Германскиот автомобилски гигант се приклучи на растечката група на производители кои ја гледаат урбаната мобилност на иднината преку автономни повеќенаменски електрични возила.

Многу светски автомобилски компании, но и ИТ гиганти, веруваат дека самоуправувачките електрични автомобили треба да бидат во сржта на урбаната мобилност во наредните децении.

Сега им се придружи и Volkswagen, кој го претстави концептот на автономна роботика наречена OnePod на настанот „DRIVE Volkswagen Group Forum“.

Неговата главна цел е да го направи автономното возило достапно на барање.

Концептот е сличен на некои веќе видени, како оној што го користеше лутиот ривал на Фолксваген, Тојота, на Олимпијадата во Токио.

Фолксваген вели дека OnePod може да има повеќекратна употреба - ќе се користи како автономно такси за превоз до четири патници, потоа како семејно возило или возило за лица со попреченост и, генерално, за превоз на разни социјални категории, како што се деца и постарите луѓе, кои инаку не можат сами да се движат низ градот.

OnePod се карактеризира со големи стаклени површини, кои овозможуваат непречен поглед на патниците кон околината, така што употребата на такви возила може да се прошири и на туристичкиот сектор.

Големите дигитални екрани во внатрешноста им ги даваат на патниците сите потребни информации, додека практичноста на возилото се покажува преку опцијата за спуштање или подигнување на кабината, што може автоматски да ја прилагоди висината на ивиците на улиците во градовите, што е многу важно за корисниците на инвалидски колички и мајки со мали деца.

Дополнително, до OnePod се пристапува преку широка лизгачка врата, што го прави пристапот до патничкиот простор многу полесен.

Инаку, овој концепт е дизајниран во Центарот за развој и дизајн на Фолксваген во Потсдам, а јавноста ќе може да го види до 31 декември 2021 година во Берлин на изложбата Go.City - The Future of Urban Mobility.