Индиската вселенска сонда „Чандрајан3“ успешно се спушти на површината на Месечината. Модулот успешно ја заврши својата секвенца за автоматско слетување. Индија стана четвртата земја што слета на Месечината - по САД, Советскиот Сојуз и Кина.

Вселенското летало „Чандрајан 3“ слета на јужниот пол на Месечината, објави Индиската организација за вселенски истражувања (ИСРО). Ова беше втор обид на Индија да слета вселенско летало на Месечината и доаѓа помалку од една недела откако руската мисија Луна-25 не успеа.

Индиската мисија „Чандрајаан 3“ заврши уште една успешна мисија - роверот успешно го напушти леталото и ја истражуваше околината само неколку часа откако Индија стана четвртата земја во светот која постигна „меко слетување“ на Месечината.

Впишувајќи историја со успешно слетување на неистражениот јужен пол на Месечината, индиската мисија „Чандрајан 3“ донесе ровер на површината на Земјиниот сателит, кој веќе почна да ја истражува околината.

Наречен „Прагјан“, што на санскрит значи „мудрост“, роверот со шест тркала и тежок 27 килограми го напушти леталото четири часа по слетувањето и веќе ги испрати своите први фотографии.

Мисијата е дизајнирана да работи 14 дена за време на кои ќе изврши серија експерименти.

Роверот е дизајниран да се движи со брзина од еден сантиметар во секунда, а опремен е со инструменти кои го проучуваат составот на почвата и атмосферата на Месечината.

Спектрометар на рендгенски алфа честички ќе го анализира составот на почвата, особено присуството на магнезиум и алуминиум во почвата околу местото на слетување.

Тркалата на роверот исто така ќе остават отпечатоци од ознаката на Индиската вселенска агенција и националното обележје на Индија во земјата. Бидејќи на Месечината нема ветер, се очекува отпечатоците да останат засекогаш на површината на Земјиниот сателит.

Ако роверот успее да најде мраз на површината на Месечината, тоа би можело да ги поттикне надежите за воспоставување на долгорочно човечко присуство, како и екстракција на гориво и кислород.