Рудникот за олово и цинк „САСА“, и годинава ќе обезбеди вкупно 12 стипендии за студенти запишани на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Градежниот факултет при УКИМ. Поддршката на талентирани студенти и ученици е традиција која трае уште од почетоците на работењето на Рудникоот „САСА“. Новина е тоа што од пред три години,  процесот на избор на стипендисти се преку јавен повик – конкурс. Од компанијата за „Анторис“ велат дека за прв пат оваа година, конкурсот и целата поддршка ќе биде реализирана преку новата Фондација за поддршка на одржливиот развој на Рудник „САСА“. „Анторис“ испрати неколку прашања до компанијата и во однос на стипендирањето, процесот на обука и пракса, како и можноста за вработување. 

За колку студенти досега рудникот Саса има обезбедено стипендии?

„Во текот на годините „САСА“ стипендирала голем број студенти. Се работи за десетици млади луѓе кои досега добиле финансиска поддршка од „САСА“ за додипломски и постдипломски студии. Како во земјава, така и странство. Во моментов трае поддршката за шест стипендисти кои студираат на програмите за „Рударство“ и „Заштита на животна средина“ на Факултетот на природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.  Покрај нив, стипендирани беа уште седум студенти, од кои четворица студираа „Рударство“ на факултети во Русија и Бугарија. Се разбира, од оваа година, бројката на стипендисти ќе се зголеми уште за дополнителни 12 лица. Инаку, вкупната финансиска поддршка на „САСА“ наменета за веќе одобрените и новите стипендии изнесува повеќе од 10 000 долари годишно.“

Дали како компанија се соочувате со поголем број пристигнати пријави од бројот на стипендии кои ги нудите? На кој начин се врши селекцијата?

„Јавниот повик за кандидати за стипендирање е штотуку објавен и ќе трае до 5. октомври. Се надеваме дека неговото објавување ќе биде дополнителен мотив за што поголем број млади луѓе да се запишат на студиските програми, за кои ние обезбедуваме стипендии. Но, и дека по завршување на уписните рокови ќе се пријават на нашиот конкурс. Инаку, кандидатите кои ќе аплицираат на јавниот повик за добивање стипендии, треба да имаат остварено солиден успех во досегашното школување, (и студирање, за кандидатите кои аплицираат за стипендии за постдипломски студии). Но, и да се лично мотивирани за натамошно стручно усовршување и стекнување дополнителни знаења. Како компанија која постојано води сметка за развојот на локалната заедница во која се наоѓа и стопанисува, при бодувањето на пријавите посебно внимание ќе им биде дадено на кандидатите од Македонска Каменица и околните места, како и на оние од социјално ранливите семејства.“

Дали со добивањето на стипендијата, на студентите им е овозможено и студентска пракса во „САСА“?

„Покрај финансиската поддршка во текот на студирањето, „САСА“ на сите своите стипендисти им овозможува да доаѓаат на пракса во компанијата за да можат директно да се запознаат со сите работни процеси и да стекнат првично искуство за тоа како функционира еден современ рудник. Меѓу другото, ова е опфатено и во меморандумите за соработка кои САСА веќе ги потпиша со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Градежниот факултет во Скопје.“

Каков е фидбекот кој го добива „САСА“ во однос на инвестирањето и помошта во образованието на младите студенти? Колку од досегашните стипендисти успеале да добијат вработување и развој на нивната кариера токму во Вашата компанија?

„Една од стратешките определби на САСА е да вработува и ангажира високо стручен кадар и затоа оние стипендисти кои ќе покажат најдобри резултати во текот на студирањето добиваат дополнителни поени при аплицирање за вработување во „САСА“. Па така, петмина од стипендистите кои во изминатите неколку години успешно ги завршиле студиите веќе се дел од тимот на компанијата.“

Покрај овозможувањето на стипендии, „САСА“ дава и бесплатна обука за електричари и механичари во нејзиниот тренинг центар. Обуката беше предвидено да започне на 1 мај годинава. Во колкава мера е заинтересираноста на локалното население?

„Вкупно 11 млади лица имаа можност да ги зголемат своите знаења и да стекнат практични вештини од областа на електротехниката и машинството во рамки на обуката која во изминатите три месеци беше организирана во Тренинг центарот на Рудник „САСА“. За да учествуваат на обуката, кандидатите требаше да се пријават на огласот што беше објавен од компанијата и воедно да ги исполнуваат одредени услови - да имаат соодветно средно образование, да поседуваат организаторски способности и да се прилагодливи на тимска работа. Ние сме задоволни од интересот на младите луѓе за ваквиот вид обуки и од нивните залагања за време на обуката. Намерата е поголемиот дел од овие млади луѓе кои ќе ја поминат обуката да бидат работно ангажирани во компанијата, а останатите да добијат соодветен сертификат кој е признаен од страна на државата, што ќе ги подобри нивните шанси за вработување на друго место“, велат во одговорот од компанијата.

http://antoris.mk/sasa-paricno-gi-nagradi-vrabotenite-i-donirase-120-000-dolari-za-nov-gradski-park/