Хонорарната платформа Upwork неодамна објави листа на најбарани вештини на пазарот на труд за 2024 година врз основа на заработката од хонорарните фриленсери. Меѓу најбараните вештини оваа година се маркетингот на социјалните мрежи, сметководството и виртуелната асистенција.

 

За да ја состават листата, експертите на Upwork анализираа кои вештини од година во година стануваат се побарани на пазарот на трудот, а кои ја губат популарноста, објасни за CNBC Маргарет Лилани, потпретседател за испорака на таленти во компанијата.

Меѓу најбараните вештини се наоѓаат маркетингот на социјалните мрежи, сметководството и виртуелната асистенција, а оваа година пособено се бараат аналитичари на податоци.

Инаку, аналитичарите на податоци ги проучуваат необработените деловни податоци, вклучувајќи ја и продажбата, сообраќајот на веб-страниците и регулаторните ризици и извлекуваат увид за тоа како да се подобри работењето на компанијата.

Нивните работни места имаат големо влијание врз деловните процеси, вели Вики Салеми, експерт за регрутирање на Monster. Таквите експерти обично имаат диплома од областа на статистиката или поминале онлајн курс преку универзитет, Google или слично.

Својата експертиза на Upwork, тие ја наплаќаат до 156 евра на час.

Анализата на податоците е вештина која континуирано се развива, особено со неодамнешниот бум на вештачката интелигенција (ВИ).

Иако оваа вештина не е нова на пазарот на трудот, денес таа се сведува на „употреба на вештачка интелигенција за пронаоѓање подлабоки, побрзи и пошироки увиди“ за бизнисот, објаснува Лилани.

Поради ова, најдобри аналитичари на податоци на пазарот се оние кои при извршувањето на својата работа знаат вешто да ги користат можностите на алатките за вештачка интелигенција кои „се развиваат со луда брзина“, заклучи Салеми.