Саемот на кретивни индустрии што ќе се реализира неделава во киното „Синеплекс” во Скопје и на 23 ноември во Офицерскиот дом и киното „Манаки” во Битола е можност на едно место да се претстават различни гранки од креативните индустрии. Целта на саемската манифестација е да се поттикне домашната креативност и пред јавноста да се прикажат оригинални идеи и сиот потенцијал на креативните индустрии.

Здружението „Балкан синема ситис”, организатор на саемот, информира дека тој е осмислен како изложба за креативниот сектор проследена со работилници, настапи во живо, галериско изложување и централна изложба.

 -Соединувањето на цела инфраструктура сочинета од дизајнери, уметници и водечки организации е иницијатива чија цел е да го подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии. Настанот ќе ги обедини сите креативци без оглед од кој сегмент на креативните индустрии доаѓаат. Спојот на креативните индустрии, бизнисите од истата област, образованието и младата работна сила се од витално значење за здраво креативно општество. Саемот ќе придонесе и за популаризација на креативните индустрии и нивно акцентирање, можностите за работа што ги нудат како и вмрежувањето на поединци и асоцијации, соопшти организаторот.

Работното време е од 10 до 19 часот. Во двата саемски дена во Скопје ќе изложуваат 40-ина компании, асоцијации, институции и поединци. Саемот ќе биде поделен на повеќе сегменти според блискоста на креативните индустрии, од кои некои комбинираат две и три гранки од креативните индустрии, како мода и уметност, архитектура и софтвер итн. Ќе може да се поиграат видеоигри созададени во нашата земја, да се погледнат анимирани филмови, макети од познати филмски сцени, скулптури од метал, 3Д-принтани фигури, уникатни литературни изданија за деца, да се вкусат гастрономски уникатни производи, да се посетат филмски проекции…

Вториот дел на саемот ќе се одржи во Битола на 23 ноември во Офицерскиот дом и киното „Манаки”.

Здружението „Балкан синема ситис” го организаира Саемот на креативни индустрии во соработка со киното „Синеплекс” и Културен и информативен центар – Битола, со поддршка од Министерството за култура.