Чувство на немање перспектива, демотивираност од работната позиција, несоодветно вреднување на трудот и ниска плата, нефер пристап до работни места според квалификации, политизираност на институциите, распространета корупција и непотизам, проблеми во квалитетот на живот - во здравствениот систем и животната средина - се некои од причините што ги одвраќаат младите Македонци што дипломирале во Словенија да се вратат во земјава.
„Сакаме да придонесеме во државата, да бидеме тука со нашата фамилија и пријатели, но сакаме да видиме и реални промени, порача еден од студентите на панел на конференција организирана од Амбасадата на Словенија за одливот на младите од земјава и како тие по дипломирањето во Словенија да се вратат за да го вложат својот капацитет и потенцијал за економски развој на нашата држава.
На конференцијата насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот“ тие зборуваа за искуствата и предностите за студирање во Словенија - студентскиот стандард, модерната универзитетска инфраструктура и опременост со лаборатории, платената студентска пракса, можностите за претприемништво...
На конференцијата беше презентирано истражување на Македонската студентска организација во Словенија (МСОС) од анкета на наши студенти кои студираат на словенечки универзитети. Во учебната 2023/2024, според податоците на МСОС, 1.697 македонски студенти се запишале во Словенија каде што им е овозможено бесплатно студирање.
Претседателот на МСОС, Кристијан Поповски, ги презентираше резултатите од истражувањето со причини што ги одвраќаат младите да се вратат дома, заедно со препораки тие да се надминат.
„Младите не си заминуваат само поради можностите за поголеми финансиски примања или, пак, поради тоа што навистина сакаат да си заминат. Иселените млади се чувствуваме како да не можеме да опстоиме во моменталната средина што не опкружува. Станува збор за целокупни промени во образованието и трансформација на процесот на стекнување знаења. Станува збор за недоверба дека некои работи воопшто можат да се променат. Мотивацијата и надежта згаснуваат. Станува збор за недоверба дека институциите и сите ние како општество ќе си ја завршиме својата работа“, рече Поповски.
Конференцијата ја отвори словенечкиот амбасадор во земјава Грегор Прескер кој истакна дека во неговата земја има потреба од квалитетен високообразован кадар, но дека тој и е многу потребен и на земјава. За таа цел ја организираат конференцијата со цел, рече, да ги поврзат сите заинтересирани чинители во креирање можности, механизми и услови кои се неопходни младите да се вратат во нивната татковина.
Во март годинава, Државниот завод за ревизија утврди дека државата преку Министерството за образование троши милиони евра за стипендирање на македонските студенти во странство, но од нив нема никаков бенефит.
„Во делот на стипендирањето на студентите воспоставени се неколку мерки кои се соодветни, но истите не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група на стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите дел од стипендиите не се доделени. Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата“, се вели во извештајот на ДЗР.
Ревизорите утврдија дека за студирање на еден од првите 100 Универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти, исплатени се средства во износ од 188.361 илјади денари (околу 3 милиони евра) кои имаат учество од 44,4% во вкупните средства за стипендии. Притоа максималниот износ кој МОН го исплаќа за еден студент износува до 40.000 долари и за престој месечно од околу 45 илјади денари за вкупно 10 месеци во текот на годината. Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по завршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени.