Се формира првиот македонски „Крипто клуб“. Формирањето на  оваа крипто заедница со 99 основачи (анг. Founders - фаундери)   именувана како „Крипто клуб“ (CRYPTO CLUB) е иницијатива на Александар Тасевски, човекот кој неколку години наназад е активен на крипто пазарот.

Практично, „Крипто клубот“ донекаде претставува пилот-проект на Независната угостителска комора, која за потребите на истиот ќе креира и издаде вредносни ваучери во електронска форма користејќи блокчејн технологии во вид на крипто - виртуелно средство - токен. Овој вредносен ваучер ќе биде во согласност со предлозите и промените во новата даночна регулатива на Македонија. Како резултат на делувањето на клубот по неговото формирање, се планира да се регистрира и во правно формално Здружение за унапредување, развој и промоција на виртуелни средства базирани на блокчејн технологии во Македонија.

За тоа како тече организацијата околу оформувањето на крипто клубот, која е неговата цел, начинот на функционирање и бенефитот по однос на нејзините членки, за Анторис магазин говори нејзиниот иницијатор Александар Тасевски.

Александар Тасевски

Формирање на крипто клуб е потреба


Сега тече активноста за приклучувањето и оформувањето на иницијалните 99 фаундери, како основачи на овој прв македонски крипто клуб, којшто официјално би требало да стартува од први март оваа година. Реално од почетокот на примена на новата даночна и законска регулатива за работа со дигитални и виртуелни средства. Во меѓувреме, предлозите за промена на Законот за  додадена вредност и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, според кој би требало да се официјализира „Крипто клубот“ се во собраниска процедура.

За идејата и целта за формирање на ваков тип на клуб, нејзиниот иницијатор Тасевски вели дека се поврзани со потребата за подигање на свеста за употребата и работењето со виртуелните средства.

„Потребата е нешто што јас го чувствувам многу интензивно последниве неколку години. Лично јас како 'криптаџија' со крипто средства се занимавам од 2016 година. Нормално започнав лаички како и повеќето луѓе на овие простори без некои претходни знаења. На почетокот се интересирав за биткоини, а подоцна и со токени. Така почнав да се запознавам со блокчејн технологијата, да навлегувам и да го откривам крипто светот поврзан со неа.

Но, во последниве години секаде каде се движам забележувам дека употребата на поимите крипто валути и крипто средства заземаат се поголем сегмент од нашиот живот и секојдневие. Не велам за сите. Има луѓе кои сѐ уште не слушнале за нив. Но, можам да речам дека поголемиот дел од населението, слушнале или се запознале со крипто кралот – биткоин.  Тој е поим во крипто светот, иако го поистоветуваат со останатите криптовалути, а нив со блокчејн технологијата, а  всушност сето тоа е различно.

Со продирањето на крипто валутите во секојдневието на луѓето, не мислам на ИТ стручњаците или хакерите, туку зборувам за обичниот човек, се повеќе се појавува потреба за подетални информации. Затоа што речиси насекаде околу нас, каде има собрано повеќе луѓе се водат дискусии за можностите и бенефитите кои ги нудат криптовалутите и блокчејн технологијата. Интересот на луѓето за оваа тема практично е првиот момент за потребата за формирање на нашиот крипто клуб.

Второто нешто, што е подеднакво важно и произлегува од потребата - е место каде би се собирале и место каде би се разменувале идеи и искуства од крипто бенефитите. Место каде што луѓето кои имаат слични размислувања би дискутирале на определена тема, би претставувале свои проекти, би добиле совети и насоки или едноставно би ги нашле потребните ресурси и експерти кои би можеле да ги воведат во крипто светот и помогнат да се приклучат во крипто работењето. Всушност во Македонија веќе постојат познати, безмалку 10-ина крипто проекти со свои крипто средства - токени, кои веќе наголемо се рекламираат на социјалните мрежи“, објаснува Тасевски.

Се формира првиот македонски „Крипто клуб“

Зошто токен?


Нашиот соговорник вели дека крипто клубот има препознатливост во блокчејн технологијата искажана како крипто - виртуелен токен, кој од формално правен аспект всушност е електронски ваучер. „Е-ваучерот е битен  финансиски инструмент, бидејќи ние не само во нашиот „Крипто клуб“, туку и во Македонија не смееме да користиме крипто валути и крипто средства за плаќање на услуги и производи. Македонскиот финансиски систем не го дозволува тоа, но новата предлог законска регулатива ќе дозволи употреба на ваучер во хартиена или електронска форма со кој може да се добиваат и разменуваат определени услуги, односно електронскиот ваучер (е-ваучер) да се разменува за определени производи. Тоа на секој од нас му дава можност да инвестира и да се стекне со е-ваучер со денари за кој ќе добие соодветна фискална сметка. И тој е-ваучер ќе може да го искористи како потврда за сопственост или право на користење за определена услуга или производ.

Крипто клуб - чекор за токенизација во угостителството


Практично овој крипто клуб ќе претставува прв чекор и пилот-проект за токенизација во угостителството и неговата можност на примена и користење во угостителските објекти. Всушност со купување на е-ваучер се стекнувате со токен за кој можете да добивате одредени услуга во некои угостителски објекти. Конкретно во нашиот случај во познатиот угостителски објект The House или по ново „Крипто хаус“ (Crypto House).

Во контекст на ова Тасевски вели дека „Крипто хаус“ излезе во пресрет на неговите потреби и барања да ја реализира својата иницијатива. Воедно, и проектот заедно со фоундерите ќе можат во пракса да го спроведат и да ја тестираат примената на крипто средствата преку е-ваучери во угостителските објекти.

Клубот е замислен на почетокот да функционира од полузатворен тип со можност да го посетуваат не само членките и основачите туку и сите оние кои сакаат да се запознаат со крипто заедницата и повеќе за работењето и секојдневната примена на крипто средствата. Во принцип планирано е секој кој сака да ги користи повластените услугите на клубот, мора да има свое членство. Во моментов предвидена е месечна членарина по цена од 1000 денари, која на основачите им овозможува да набават е-ваучери-токени до 50 отсто попуст. Инаку, номиналната вредност на е-ваучерите, односно токените за кои ќе може да се добиваат соодветните услуги во „Крипто хаус“ е вредноста на едно премиум еспресо кафе кое во моментов изнесува 80 денари. Основачите и останатите членови ќе може на своите сметки, е-ваучерите-токени да ги надополнуваат во угостителскиот објект при што со секоја уплата ќе добијат и фискална сметка.

На пример, доколку во моментот на купување на е-ваучер во вредност на 100 токени, чија номинална вредност е 8000 денари, членовите во согласност со количината на вредноста на е-ваучери-токени, ќе се здобијат со право од 10 до 50 отсто попуст. Сите овие попусти и бенефити се темелат на авансните плаќања и договорите за годишна членарина.

Или како што објаснува Тасевски: „Вредноста на еден токен кај нас, во клубот е врзана со цената на едно премиум еспресо кафе, од 80 денари. Значи ако еден член кој е основач-фоундер набавил е-ваучер во висина од 100 токени со попуст, тоа значи дека се стекнал со правото да добие услуга, односно 100 кафиња за која има попуст од 50 отсто. Всушност, кафето кое го консумира во угостителскиот објект го платил авансно по цена од 40 денари наместо реалните 80 денари. Сите останати услуги - пијалаци и храна, како што е на пример, пиво или омлет се исто така изразени во висина на токени (во два или 2,5 токени) и истите може да ги користи според сопствената потреба и динамика. Доколку, членката има потреба може во континуитет да се снабдува, односно да купува е-ваучери и да се стекнува со правото на користење на токени.

Крипто клубот - место за промоција на нови проекти


Меѓутоа, луѓето не треба да го гледаат клубот и угостителските објекти поврзани со клубот како место само каде ќе заштедат или ќе добијат попусти. Целта е овие клубови, корисниците и членовите да ги гледаат и како место каде ќе можат да добијат идеја, да се здобијат со знаење, контакти и искуства кои вредат многу повеќе од пијалаците со попуст. Додека фаундерите очекувам да го чувствуваат и доживуваат клубот како дел од себе, односно како свој клуб и место каде што ќе се чувствуваат привилегирани и повластени.“

Реално овие клубови и места ќе ја даваат основната привилегија на фаундерите и на другите членови, битните информации да ги споделуваат и добиваат меѓу првите. Врз основа на нив ќе можат брзо и на време да реагираат во своите одлуки при работењето, вложувањето и тргувањето со крипто средствата. Покрај сите овие бенефити, фаундерите учествуваат и во креирањето на политиката и развојот на клубот. Тој нема да биде централизиран, а  носењето на плановите ќе се базира на предлог идеите, советите и новите иницијативи од сите фаундери.

 

Воедно клубот треба да биде и место каде ќе бидат промовирани, дискутирани разгледувани и развивани нови идеи и проекти.  Место каде секој заинтересиран ќе може да добие одговори за она што го интересира и место кое ќе ги обединува луѓето со исти идеи и слични интереси. Тоа е замислата за функционирање на клубот.

Или уште поконкретно, морам да напоменам дека „Целата идеја на клубот не е профитот на луѓето од членството или е-ваучерите изразени преку крипто средствата - токените или од советувањата и трејдување, туку од знаењето и размена на искуствата и идеите што можат да ги добијат веднаш на самото место од пријатели и колеги инволвирани во оваа проблематика. Токму преку клубот се пренесуваат и информациите како да тргуваме со други крипто средства и крипто валути, како да се вклопиме во и со нови проекти, како и каде да се здобиеме со едукација и детални работилници за се што е поврзано со крипто пазарот.

Секако немаме лимити и граници каде ќе застанеме или каде ќе се ограничиме. Планираме поврзување и со други бизниси меѓу другото можеби и да ја разработиме и идејата на еден наш веќе основач, љубител на македонските вина и познат сомелиер, а тоа е токенизација и воведување на приватните семејни винарии во крипто индустријата преку токени и NFT-a.

Со токенизација или воведување на т.н. NFТ вински токени можеме да го гарантираме производството и брендовите со што би овозможиле да се зголемува и вредноста на самите вина и вредноста на семејните винарии како што ќе се зголемува нивната вредноста на крипто пазарот. Во принцип ќе овозможиме ќе покажеме и докажеме дека процесот на токенизацијата може да се искористи во скоро секој бизнис.

Големите планови започнуваат со мали чекори


По однос на прашањето - Дали токените, односно услугите од овој клуб ќе се користат само во Македонија или ќе можат пошироко да се применуваат?- Тасевски е јасен:

„Ние имаме големи планови. Но сите големи планови започнуваат со еден прв чекор. Нашиот прв чекор е да го формираме и отвориме овој клуб во Скопје и Македонија. За таа цел, наша задача е да изнајдеме 99 иницијални основачи т.н. фаундери. Луѓе кои ќе имаат најголеми привилегии,  привилегија да поседуваат персонализиран чип, паричка или картичка и секој од нив доколку сака да биде претставен на сајтот од Крипто клубот.

Друго нешто што е битна основа за клубот е фактот дека овие основачи-фаундери ќе бидат лимитирани на 99. Тоа не значи дека некој што ќе дојде по една година не може да биде фаундер, но треба да чека некој да се откаже или излезе, па тој да стане еден од членовите, фаундери.

Генерално клубот очекуваме да има барем 99 фаундери и уште 999 членови до крајот на годината. Оваа бројка се надевам дека ќе биде оформена со препораки од фаундерите и самите членки. Тоа е таа нивна привилегија и обврска - да имаат можност да го промовираат својот клубот, да го шират за што и самите ќе бидат дополнително  наградени преку програмата на работа и препораки.

Зборувавме дека овој клуб е првиот чекор по кој планираме и повеќе други места и локации во Скопје да го прифатат овој модел, па и во други градови во Македонија. Ќе започнеме и процеси на соработка со клубови надвор од земјата и воведување на заеднички токени без разлика дали носител ќе биде нашиот или нивниот токен, битно е да соработуваме и споделуваме идеи, знаења и искуства.

Крипто светот и целиот блокчејн свет е премногу голем. Добро упатени познавачи во оваа индустрија велат дека блокчејн технологијата е многу поголема од  интернетот.  Може да замислите интернетот каква револуција направи пред 30-ина години. Па според тоа, блокчејн технологијата во која криптовалутите се само еден мал сегмент се очекува дека ќе направи поголем импакт, поголемо влијание на  целокупниот живот, на економијата, на општеството, многу повеќе отколку што направи интернетот.

Имајќи го предвид ваквото струење на крипто пазарот, најголемиот бенефит од формирањето на клубот се информациите, кои според Тасевски се повредни од месечното членство. Неговиот слоган вели: „Не троши туку  вложувај – кафето во секое кафуле е трошок, а овде во клубот чувствувајте го како инвестиција која ќе донесе профит.“

Македонка Балдазарска