Дигитализацијата носи значајни промени во начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Во последните години, употребата на дигиталните канали за плаќање во земјава се зголемува, а овој тренд се задржува и во 2024 година, што се потврдува и со најновите податоци за платежната статистика коишто ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка. 

Според овие податоци, како што објави Народна банка, во текот на 2024 година, граѓаните повеќе ги користеле кредитните трансфери (т.н. платни налози) за извршување на плаќања во земјава во споредба со претходната година. Притоа, забележан е годишен раст од 11,2 отсто кај бројот и 16,3 проценти кај вредноста. Податоците го потврдуваат и менувањето на навиките на граѓаните, т.е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 40,2 отсто кај бројот и 47,0 проценти кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, во услови на значително понизок раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (0,2 и 10,0 отсто, соодветно).

Кај електронските плаќања, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47,3 отсто кај бројот, односно 72,1 отсто кај вредноста на остварените трансакции.

Исто така, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата. Така, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава во 2024 година забележаа годишен раст од 14,6 проценти кај бројот и 15,4 проценти кај вредноста.

Растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто на крајот на 2024 година броеле 1,9 милиони. Притоа, 98,6 отсто од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата.

Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 8,3 отсто и достигна 34.778 уреди поставени кај 14.717 трговци. Притоа, 96,4 проценти од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст од 4,4 отсто е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата. 

До објавените податоци може да пристапите на следнава врска:  https://www.nbrm.mk/platiezhna_statistika.nspx