Денот на лозарите и градинарите Св. Трифун, Православната црква го чествува на 1. февруари според јулијанскиот календар, односно на 14 февруари, според грегоријанскиот календар. Св. Трифун се слави како великомаченик кој пострадал за христијанската вера, не исклучувајќи ја неговата важност како заштитник на брачната љубов и верност, кои се дел од христијанската проповед.

Според црковното учење уште во детството додека чувал гуски врз него имало голема Божја благодат и можел да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови.

Според верувањата, Свети Трифун е чувар на растенијата и ги штити од разни штетници. Лозаропроизводителите обично се молат да ги заштити нивите и лозја од скакулци, гасеници и други инсекти.

Обредно закројување

Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници. И годинава, на денот заштитник на лозарите и винарите, посакувајќи плодна година, македонскиот премиер, министри, дипломати, пратеници, лозари и винари свечено ги закроија лозјата во кавадаречкото село Ресава.

Денес лозjaта се закроија со желба и надеж за уште една поплодна година со следниот традиционален благослов: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“.

Во регистарот на производители на вино во Македонија се регистрирани 164 винарски визби, од кои 87 се семејни винарии и 77 се правни лица, регистрирани како производители на вино.

Минатата 2022 година, вкупниот извоз на вино достигна рекордни 58 милиони евра, што е за речиси девет милиони евра повеќе во однос на извозот од 2021 година. Веќе трета година по ред, бележиме континуиран раст на извозот на флаширано вино, а со тоа и постојан раст на девизниот прилив и јакнење на домашната економија. Се стабилизира домашното производство на грозје со просечно производство од околу 270 илјади тони на годишно ниво и просечното годишно производство на вино од околу 100 милиони литри.

Во насока на подобрување на амбиентот за стопанисување на лозарите и за винариите во подготовка е и нов закон за вино, кој е усогласен со ЕУ регулативите. Исто така, во подготовка е и петгодишна Национална стратегија за развој на лозарството и винарството.

Веруваме дека со новиот закон за вино македонската винска приказна ќе продолжи да испишува нови успеси и во 2023 година.

 
Ден на вљубените

Денес, покрај Свети Трифун, младите во Македонија го празнуваат и католичкиот празник Свети Валентајн – Денот на вљубените.

Но, без разлика дали го славите Свети Трифун или Валентин, го славите будењето на новиот живот.

За тоа како 14-ти февруари стана синоним за романтична љубов, односно како Свети Валентин стана заштитник на љубовниците постојат две теории кои се засноваат на анализи од Универзитетот во Нотр Дам.

Едната е според римскиот празник Луперкалија - древна паганска прослава на плодноста, во чест на Јунона, кралицата на римските богови и божици и божицата на жените и бракот, која се одржувала на 14 февруари. За време на фестивалот, жените пишувале љубовни писма и ги оставале во голем ќуп. Мажите потоа ги ваделе пораките и ја барале жената која ја напишала пораката што тие ја извлекле.

Втората теорија се заснова на верувањето дека во средината на февруари сите пердувести животни бараат партнер за претстојната пролет и новата сезона на парење. Затоа на многу честитки за Денот на вљубените може да се видат птици како симбол на споменатата традиција и верување.

Во 496 година, папата Геласиј го именувал 14 февруари во чест на Свети Валентин за заштитник на заљубените. Папата Павле VI го отстранил од календарот во 1969 година. Меѓутоа, спојот на римскиот фестивал и христијанското мачеништво се зацврстило и Денот на вљубените преживеал.