Предлог законот за игри на среќа е влезен во собраниска процедура и ќе се носи преку редовна постапка. Ова законско решение носи значителни промени во начинот на кој државата ќе го регулира коцкарскиот бизнис, вклучувајќи казина и обложувалници. За Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, овие промени се екстремни и ќе резултираат со целосно затворање на бизнисот.
Коцкањето во Северна Македонија е на прагот на најголемата трансформација во својата историја, со новиот Закон за игри на среќа кој ќе донесе драстични измени што ќе го измени целиот пејзаж на индустријата. Најважните промени се содржани во членот 24. Согласно со него, казината и автомат-клубовите со видеолотариски апарати ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Оваа норма ќе важи исто така и за казината кои се сместени во рамки на хотелите. За разлика од нив, обложувалниците нема да бидат предмет на ова ограничување и ќе останат на своите постојни локации. Но, во обложувалниците ќе биде забрането да има повеќе од пет ВЛТ апарати, и тие мора да бидат сместени најмалку 500 метри од училиштата.
Во новиот закон геодетите добиваат нова улога, станувајќи клучни фактори при одредувањето каде може да се отвори казино, за разлика од досегашната состојба каде што казината беа присутни речиси на секоја улица. Начинот на мерење на оваа оддалеченост ќе биде според "најкраткиот безбеден пат" од училиштето до казиното, како што е дефинирано со геодетски елаборати изготвени од овластени геодети.
Покрај тоа, законот значително ја ограничува бројката на ВЛТ апарати на територијата на целата држава, од сегашните 7.000 на најмногу 3.000, пресметано месечно. Рекламирањето на игри на среќа ќе биде ограничено, така што од 6 часот наутро до 22 часот вечерта нема да биде дозволено рекламирање на ТВ и радио, како и на надворешните фасади на објектите за игри на среќа. Казината и автомат клубовите ќе се соочат со зголемени давачки - од 20% ќе се зголемат на 23% од разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ. Од овие приходи, дел ќе одат за Агенцијата за филм и Министерството за култура и туризам.

Секако, ќе се зголемат и цените за лиценците. Казината ќе плаќаат лиценца од 750.000 евра за секој објект за шест години, додека обложувалниците и автомат клубовите ќе плаќаат пониски суми, со дополнителен надоместок за секој следен објект.
Владата потврдува дека ќе биде оставено доволно време до јануари 2027 година за приредувачите да се усогласат со овие промени. Сепак, од Асоцијацијата на спортски обложувалници ја критикуваат ваквата постапка, барајќи повлекување на законот и нагласувајќи дека тој ќе предизвика затворање на објектите и драматичен пад на приходите за државата. Тие истакнуваат дека ваквите законски решенија, без јавна расправа и разговор со засегнатите страни, ја загрозуваат стабилноста на индустријата и економијата.
Од друга страна, ваквите мерки се мотивирани од намерата да се заштитат граѓаните и особено младите, притоа регулирајќи ја индустријата на игри на среќа со нови, поостри правила за корпоративно управување и контрола.
Обидите за регулација на оваа индустрија беа направени и во претходниот период, но законот не беше усвоен поради различни политички и правни причини, па ова е новиот обид кој сега се движи низ законските процедури.
Во март 2024 година, Собранието не ги изгласа Законот за игри на среќа и забавни игри со кое објектите за игри на среќа ќе требаше да се оддалечат повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Тоа беше втор обид за донесување на законско решение откако на 7 фебруари пратениците го изгласаа законот, но тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша Указот, со што законот беше вратен во собраниска процедура.