Денес, во Националната опера и балет во Скопје под мотото „E-commerce: Untangling Potential“, започна Седмата годишна конференција за е-трговија, која во своето трето регионално издание е домаќин на преку 700 учесници од повеќе од 10 земји, а на која свое излагање ќе имаат преку 30 еминентни говорници од земјата и странство. Предизвиците на е-трговците поврзани со доставата, плаќањето, прекуграничнот и меѓународен раст на бизнисите, а секако маркетингот и вештачката интелегенција во е-трговијата ќе бидат главните теми на годинашното издание кои ќе бидат преставени во четири презентации, две студии на случај и четири панел сесии со домашни, регионални и меѓународни говорници.
Конференција ја отвори Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој во своето обраќање истакна дека во претстојниот период, особено внимание ќе се посвети на создавање на поволна деловна клима која ќе го поттикне претприемништвото во дигиталната сфера.
„Сакам да ја нагласам нашата посветеност кон развојот на е-трговијата како клучен двигател на економскиот раст. Нашата визија е насочена кон создавање на динамичен дигитален екосистем преку систематски пристап во неколку клучни области. Планираме да ја зајакнеме дигиталната инфраструктура, да инвестираме во дигитални вештини на населението и да создадеме поволна регулаторна рамка која ќе го поттикне развојот на секторот. Нашата намера е и да работиме на олеснување на прекуграничната трговија, унапредување на системите за плаќање и модернизација на логистичката инфраструктура. Преку адресирање на овие клучни предизвици, можеме да создадеме поинтегриран и поефикасен регионален пазар.“, посочи министерот Андоновски.
Подобрување на регионалната е-трговија
Публиката ја поздрави и Н.Е. Петра Дрексел, Амбасадорката на Сојузна Република Германија во нашата земја која посочи:
„Пред само неколку недели, лидерите од Западен Балкан и Европа се состанаа по десетти пат на самитот на Берлинскиот процес, процес дизајниран да ја подобри регионалната соработка за поддршка на европската интеграција, вклучувајќи го и секторот за е-трговија. Едно од клучните достигнувања на оваа година беа деветте договори за заеднички регионален пазар, од кои три директно го таргетираат секторот за е-трговија. Тие се дизајнирани да ја подобрат регионалната е-трговија, да ја зајакнат заштитата на потрошувачите на интернет и да ги подобрат регионалните услуги за испорака на пакети. Тоа значи: подобри рамковни услови, подобрен пристап до нови пазари и намалување на трансакциските трошоци. Германската дипломатија работеше напорно за да придонесе овој одлучувачки чекор да биде возможен. Поддршката на регионалната соработка и создавањето на заеднички регионален пазар одигра клучна улога за односите на Германија со Северна Македонија и со другите земји од регионот. Последниве четири години, со поддршка од германската влада и Европската унија, ГИЗ имплементира проект во рамките на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа, со цел да го подобриме пристапот на давателите на е-трговија во рамките на ЦЕФТА за пристап до регионалните и меѓународните пазари. “, истакна Дрексел.
Преглед на Е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година
Покрај нив, поздравно обраќање имаше и претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Д-р Нина Ангеловска- Станков.
„Горди сме што сме домаќини на регионална конференција која еднаш годишно ги собира на едно место сите засегнати страни за да ја разгледаме состојбата, предизвиците, решенијата и трендовите во е-трговијата. Во изминатиот период се забележува значително раздвижување на полето на е-трговијата – потенцијалот на регионот почна да го привлекува вниманието и на интернационални компании – од влезот на глобални играчи, до регионални компании кои се шират на повеќе пазари. Регионот има голем потенцијал за раст на е-трговијата но, тој потенцијал е сè уште “заплеткан”, поради што агендата оваа година е конципирана така што детално ги разгледува аспектите и степенот на „одплеткување“ на можностите за е-трговија. Оттаму, темата на овогодинешната конференција нови наслов „Е-трговија: Одплеткување на потенцијалот.“
Ангеловска на конференцијата ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од анализата со наслов „Преглед на Е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година”.
„За да знаеме каде сакаме да бидеме, за да знаеме кои ни се пречките и предизвиците, за да може структурно да делуваме, да креираме планови и политики потребно е да знаеме каде се наоѓаме денес. Ова е шесто издание на годишната анализа на е-трговијата, а прво на англиски јазик и проширено вклучувајќи ги сите земји од Западен Балкан, а е изработено со поддршка од НЛБ групацијата. Претходните пет изданија правеа временска и регионална споредба со регионот и Европа, но беа доминантно фокусирани на Македонија. Може да забележам дека некои земји побрзо некои поспоро се развиваат, но сите се далеку од фаќање на чекорот со поразвиените европски земји.
И покрај забележителниот пораст во изминатите години, може да заклучиме дека не е доволен – за пример во Албанија и покрај порастот од 380% во однос на 2017 и Црна Гора од 98.1% тие се сепак на последните места во Европа во онлајн купување. Србија како најголем пазар со најголем потенцијал е најнапредна во регионот, каде 65% од интернет корисниците купуваат онлајн, додека во Македонија 54%. Сите земји од Западен Балкан се мали пазари сами за себе но регионот заедно има значаен потецијал за е-трговија. Сепак подготвеноста за да се искористи тој потенцијал не е се уште на високо ниво. За недоволната дигитална подготвеност говори и ниското ниво на дигитални вештини, како и релеватни индекси според кои регионот е рангиран најниско споредено со европските земји. Понтаму платежниот систем и доставата како клучни алки од ланецот на е-трговија треба уште да се развиваат. Регионот има најниско ниво и на иматели на платежни картички и нивно користење, следствено плаќањата во готово се доминантен платежен метод додека во развиените земји дигиталните плаќања се норма. Од друга страна, доставата е главен предизвик за е-трговците, заедно со сивата економија, плаќањата и наоѓањето и задржувањето на стручен кадар. Регионот има уште многу работа за да се доближи до поразвиените земји. Што се однесува до македонскиот онлајн купувач, не се разликува многу од балканскиот, во главно е прилично добро поврзан на интернет, но најмногу го користи за зборување и учество на социјални мрежи, со дигиталните вештини не е многу подготвен, освен со комуникациски, не користат многу платежни картички и преферираат кеш плаќања, а онлајн купуваат најмногу облека до 50 евра еднаш до два пати во три месеци и најмногу од домашни е-трговци. Сите детектирани предизвици од анализата ни преставуваат основа за креирање на иницијативи и препораки за делување.” – истакна Ангеловска.
„Подобрување на услугите за достава во е-трговија“
Во својата презентација Ангеловска ги посочи и изминатите и тековни иницијативи на АЕТСМ како на локално така и на регионално ниво, кои помагаат во намалување на предизвиците и бариерите за раст и отплеткување на можностите на е-трговијата.
Инаку, на конференцијата ќе се обратат еминентни странски говорници, меѓу кои Челесте Фејзо, AI Data Trainer во Опен АИ („Open AI“), Катиа Назарова, Раководител на корпорациски партнерства во ТикТок („TikTok“), Бобан Љубиноски, Продукт менаџер во Кларна („Klarna“) и многу други.
Исто така, на конференцијата ќе можат да се слушнат четири панел дискусии на кои што ќе учествуваат бројни домашни и странски експерти, меѓу кои на првата панел дискусијата на тема „Подобрување на услугите за достава во е-трговија“ ќе се обратат претставници од брендовите Ананас, Корпа и Еко логистик, во втората панел сесија „Што е следно во плаќањата во е-трговија“ ќе се даде фокус на новите можности во електронските плаќања, во третата панел сесија на тема “Е-трговија без граници” ќе разговараат претставници од Царинската управа, М-Оне и Албанската асоцијација за е-трговија и четвртата панел дискусија ќе биде на тема „Маркетингот во е-трговијата покрај социјалните мрежи” каде што ќе се стави фокус на искористување на маркетинг податоците и вештачката интелигенција за раст на бизнисте.
Од АЕТМ уште еднаш го потенцираат одличниот интерес кој овие теми го имаат помеѓу македонската експертска јавност, а истото се потврдува и со големата заинтересираност за годинешното издание кое брои преку 700 учесници од преку 170 компании, здруженија, организации и државни институции.
Инаку, конференцијата оваа година беше органзирана со поддршка на организацискиот партнер – Проектот за надворешна трговија поддржан од ЕУ и Германија а спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), платинум партнерот Visa дигиталниот партнер А1 Македонија, како и златните партнери – Ананас, CaSys и НЛБ Банка, сребрените партнери – Халк Банка, Корпа, Филип Морис Интернационал, Комерцијална Банка, ИУТЕ, Сава Пензиско, Fashion Group и Cubes.rs.