Во екот на пандемијата на коронавирус, кога итноста за транспорт на основни стоки како што се медицинска опрема, храна и лекови стана исклучително важна, еден систем одигра клучна улога во олеснувањето на царинските процедури- CEFTA SEED (Системска размена на електронски податоци), систем за електронска размена на податоци.

Првично, овој систем, кој беше основан уште во 2010 година, беше насочен кон размена на царински информации помеѓу царинските управи потписнички на Договорот ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија). Меѓутоа, со текот на времето, неговата функционалност и важност значително се проширија за да поддржува различни видови пратки и процеси.
Како се разви идејата за системот SEED?
Долгите редици камиони кои чекаат на границите, комплицираните процеси на размена на информации меѓу царинските управи, бирократските пречки, купиштата хартија, нетранспарентните и бавните процеси одамна беа аларм дека работите мора да се менуваат. Се трошеа часови, па и денови, чекајќи на границите, стоката пропаѓаше, а трговијата се доведуваше во прашање.
Концептот на системот SEED е создаден како решение за креирање на електронска платформа која би овозможила автоматска и брза размена на информации на царината. Целта беше да се елиминира губењето време и папирологијата, да се овозможи транспарентност и точност на податоците и да се обезбеди подобра координација меѓу ЦЕФТА страните при обработката на стоката на границите. Стана јасно дека царините се тесни грла кои мора да се модернизираат и дигитализираат, бидејќи тоа беше предуслов не само за побрза и поефикасна, туку и посигурна трговија.
Што ова значи во пракса?
Ефикасната размена на податоци и документи носи директна корист за економските субјекти, намалувајќи ги оптоварувањата и олеснувајќи ги трговските процедури. Преку дигитализацијата се поедноставуваат процесите, и се намалуваат доцнењата и трошоците.
Од перспектива на еден возач на камион и неговата компанија, имплементацијата на системот SEED има неколку клучни предности: помалку чекање на граничните премини, поедноставни инспекции и намалување на бирократијата, пониски трошоци за транспорт на стоки, односно целокупна логистика – гориво, работни часови и трошоците за возилото.
Ако овој процес го посматраме од царински агол, како службеници кои ги прегледуваат стоките што влегуваат или излегуваат од земјата за да се уверат дека се усогласени со законите и прописите, и овде работите значително се менуваат. Пред воспоставувањето на системот SEED, царинските службеници се потпираа на големи количини на физичка документација и рачни проверки. Процесот вклучува преглед и споредување на хартиени документи како што се фактури, сертификати, декларации, како и испраќање на стоки на физички прегледи за проверка.
Со SEED системот, овој процес станува поефикасен и автоматизиран. Царинските службеници имаат пристап до електронски податоци и документи, што овозможува побрза проверка, автоматско усогласување на податоците и идентификација на потенцијалните ризици. Така се олеснети царинските процедури, намалено е времето потребно за проверка,а обезбедена е и точноста на информациите. Сето тоа резултира со побрз проток на стоки преку границите, но и поефикасно функционирање на трговските текови.
Нека бројките зборуваат
Благодарение на поврзувањето преку SEED, за само една година времето на чекање на граничните премини е намалено за седум минути по камион. Просечното чекање на сите премини во рамките на ЦЕФТА во 2023 година беше 86 минути, а имајќи предвид дека оваа година имало повеќе од 1.300.000 премини на камиони, ова претставува вкупно намалување на чекањето за 17 години во 2023 година. Најголемото намалување на чекањето, од 19 отсто е забележан кај стоки придружени со фитосанитарен сертификат, што пред се е резултат на електронската размена на фитосанитарни сертификати што беше воведена на крајот на 2022 година преку SEED.
Како функционира SEED?
Од почетокот на имплементацијата во 2010 година до денес, системот SEED го подобри управувањето на границите на Западен Балкан, поттикнувајќи соработка и размена на информации меѓу царинските управи. Низ годините тој значително придонесе за надминување на неефикасноста, комплицираните и долготрајни процедури. Дополнително, придонесе за намалување на безбедносните ризици во регионот. Една од најзначајните придобивки е секако трговијата без хартија, бидејќи SEED ја елиминира потребата од физичка документација.
Финансиски поддржан од Европската Унија, овозможи воспоставување на правни основи за електронска размена на податоци во целиот регион, врз основа на Меморандумот за разбирање потпишан меѓу соседните царински администрации и ЦЕФТА Дополнителниот протокол 5, којшто ги обединува и генерализира спецификациите од Меморандум за разбирање. Секоја царинска управа има усвоено оперативни упатства и упатства за користење на SEED системот. Воспоставена е ИТ инфраструктура и систем за работа 24/7, како и автоматско усогласување на царинските податоци и алармен модул на податоците пред камионот да пристигне на граница.
SEED инфраструктурата се базира на 7 SEED јазли (Тирана, Бања Лука, Подгорица, Скопје, Белград, Приштина и Рим), а секој јазол се состоеши од SEED сервер и комуникациска опрема.
Проширување на SEED+
Со цел да продолжи позитивното влијание врз трговските текови, се јавува потреба од надградба на SEED системот со дополнителни функции и способности кои произлегуваат од ЦЕФТА Дополнителниот протокол 5 (АП5). Така е развиен SEED+.
Од платформа за размена на царински податоци во рамките на ЦЕФТА, системот прерасна во ИТ платформа и систем кој ја поддржува целокупната дигитализација на политиките на ЦЕФТА, овозможувајќи ефикасна размена на податоци и документи во различни трговски сектори како царина, ветеринарство и фитосанитарна контрола, контрола на јавното здравје, надзор над пазарот и други сектори.
Во изминатите три години процесите се развиваа во насока на преземање на моментните системи на ЕУ и нивно прилагодување на нашите потреби, поддржувајќи го патот на ЦЕФТА како Европска Унија. Овие нови системи, на пример TRACES NT (TRAde Control and Expert System New Technology), сега овозможуваат размена на фитосанитарни и ветеринарни сертификати, потоа размена на дозволи за увоз и извоз на лекови кои содржат контролирани супстанции. Оваа приказна има огромен потенцијал за понатамошно подобрување, така што во моментов се работи на воспоставување база на податоци за овластени економски оператори на ЦЕФТА (AEOS) која треба да помогне во олеснувањето на движењето преку ЦЕФТА, како и на воспоставувањето на база на податоци за небезбедни и неусогласени производи откриени на пазарот на ЦЕФТА, со цел да се спречи трговијата со вакви производи и да се заштитат потрошувачите.
Мотор на регионалната соработка
Планот е CEFTA SEED+ да продолжи со дигитализација и размена на податоци и документи во рамките на ЦЕФТА во областа на царината, безбедноста на храната, фитосанитарни и ветеринарни инспекции, трговија со лекови, но и да се прошири во нови области, како што се трговијата со услуги, електронска трговија, квалитет на инфраструктура и слично. На овој начин се отвора патот за попросперитетен трговски екосистем, со имплементација на Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ).
Системот ќе иницира и олеснува размена на информации од областа на овластувањата, лиценците, квалификациите, европските професионални картички и слично, согласно Дополнителниот протокол 6, како и заедничките одлуки врз основа на тој и други протоколи. Дополнително, ќе обезбеди советодавна поддршка кога е потребно во други дигитални иницијативи, како што се e-Freight и e-PoC (electronic Proofs of Origin Certificates), како и поддршка за операционализација на ЦЕФТА договорите, протоколите и одлуките преку забрзување на дигиталната транзиција во процесите на овозможување слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе во рамките на ЦЕФТА.