Скоро една четвртина од младите во земјава се загрижувачки пречесто на социјалните медиуми. Во однос на употребата на социјалните медиуми, 5% од испитаниците спаѓаат во критичната група на висока зависност од социјални медиуми, но забележителен е и процентот на испитаниците (19%) што се блиску до критичниот резултат за дијагностицирање на ваквата зависност.
Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.
Анкетниот прашалник беше спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени).
Информирање од социјални мрежи
Убедливо најчесто користен извор за добивање информации за случувањата кај нас и во светот за младите испитаници (за 72,5% од нив) се социјалните медиуми (Фејсбук, Инстаграм, Тикток, Твитер, Јутјуб…). Следни најчесто користени извори на информации за младите испитаници се семејството, пријателите и колегите (за 42% од младите), генераторите на вести (за 40,9%) и експертите со свои јавни профили (за 39,4%).
Традиционалните медиуми, односно телевизиите, радијата и весниците како извори за информирање ги одбираат 38,8% од младите луѓе. Најретко користени извори за информирање за младите се личностите што креираат објави на социјалните медиуми, односно инфлуенсерите и јутјуберите (31,1%), и специјализираните веб-страници или научни/стручни списанија за определени области и интереси (28,4%).
Меѓу другите извори на информирање што ги имаат наведено младите се: социјалната мрежа Телеграм, медиумски корпорации што имаат профили на социјалните мрежи и платена верзија на ГТП (GTP), односно напреден виртуелен соговорник што користи производствена вештачка интелигенција со цел да пребарува конкретни информации од интерес и да ја проверува нивната валидност.
Социјалните медиуми што младите најчесто ги користат за следење вести се Инстаграм (73,8%) и Фејсбук (61,7%), додека на трето место е Јутјуб (45,2%). Следна најчесто користена социјална мрежа за добивање вести е Тикток (29,3% од младите), а најретко користена е Икс (Х, претходно Твитер). Како извори за следење вести младите наведоа и други медиуми, како: Гугл, Линкдин, Телеграм, Редит, Снепчет, Спотифај, Ревиста онлајн, Тајм.мк и други интернет-страници
Кај младите читањето вести често предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите на вестите од други луѓе, поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест, но важно е да се напомене дека коментирањето е почесто на социјалните медиуми споредено со интернет-страниците.
Интерес за образование, технологија и култура, не и за политика
Во однос на темите, кај младите постои помал интерес за политичките случувања во државата, економијата и социјалната правда, додека во фокусот на нивниот интерес се образованието, технологијата, културата, локалните вести, здравјето, но и криминалот и корупцијата. Темите за кои испитаниците забележале неточни или погрешни информации биле за политика, познати личности и за криминал и корупција.
Во однос на нивниот граѓански ангажман, околу половина (53%) од испитаниците биле вклучени во некаков вид волонтерска активност за решавање на локалните проблеми. Некоја организација за млади, деца и образование е групата каде што околу половина (58,5%) од испитаниците најчесто волонтираат. Во однос на редовноста на волонтерскиот ангажман, од испитаниците што се изјасниле дека биле вклучени во некаков вид волонтерски ангажман, една четвртина (26,4%) редовно се вклучуваат во активности на организациите за млади, деца и образование, 13,8% редовно волонтираат во активностите на граѓанските организации од областа на здравството и социјалните услуги, 12,6% во еколошки организации, а 8,2% во активности на религиозните организации. 64,2% од испитаниците повремено или воопшто не волонтирале во некоја од посочените групи.
Истражувањата потврдиле дека платформите за социјални медиуми предизвикуваат лачење допамин во мозокот, со што ги стимулираат корисниците постојано да се навраќаат на нив. Според Ненси Деанџелис, директорка на Центарот за здравје во однесувањето, „социјалните медиуми се дизајнирани да го ‘закачат’ нашиот мозок, а тинејџерите се особено подложни на зависност од нив“. Споделувањата, лајковите и коментарите на овие платформи го активираат мозочниот центар за наградување, што резултира со високо ниво допамин, слично на она што луѓето го чувствуваат кога се коцкаат или користат дрога, објаснува Деанџелис.
Една неодамнешна студија утврди дека тинејџерите што користат социјални медиуми повеќе од три часа дневно може да бидат изложени на зголемен ризик од нарушување на менталното здравје (пораст на депресијата и анксиозноста, ниска самодоверба, нарушување на исхраната и сонот, како и нарушување на сликата за сопственото тело).
Овој тип зависност спаѓа во категоријата зависност во однесувањето. Кај младите сè почесто се случува навиката на користење на социјалните медиуми да се движи кон фазата на зависност, па истражувачите низ целиот свет развиваат различни скали за да ја проценат таквата зависност. Кај лицата што се зависни од социјалните мрежи може да се забележат следниве обрасци на однесување: појава на вознемиреност, особено во случај кога нема достапност до социјалните мрежи; постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување; при поставување слика на социјалните мрежи постојано се проверуваат коментарите и лајковите: користењето на социјалните мрежи е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина; настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“. Блиските забележуваат дека лицето поминува повеќе време на социјалните мрежи отколку во вистинско дружење со нив.