Моника Ризовска е чест говорник, поддржувач на младински иницијативи и здруженија и креатор на заедници за поддршка на претприемништвото, фриленсерството и изучување на технологија. Таа е маркетинг менаџер во „Emteq labs“, Амбасадор на глобалната организација Woman in tech во Македонија со докажано искуство во ИТ индустријата. Понатаму, ко-основач на „Ways2help“, основач на алумни на МААА и алумни и поранешен советник на AIESEC Македонија.

Осврнувајќи се на периодот кога ИТ технологијата почна да зема сериозен замав во државата, нејзина оцена е дека оваа индустрија се сметала за повеќе интровертна, бидејќи поголем дел од времето се поминува пред омпјутер. Како неоправдани стереотипи ги смета ставовите дека доколку човек е комуникативен, не треба да биде дел од оваа професија.

„Од денешна перспектива, доколку сте направиле погрешен избор на кариера, може да се пренасочите. Веќе не постои изговор дека не можете. И од медицинска струка може да се смени професија. Еве на пример, во организацијата „Woman in tech“ имаме многу членови кои се правници или медицинари i во суштина и самите си дозволуваат да пробаат нешто ново. Меѓутоа, да сумирам, има доста успешни приказни. Но, не доволно. Кога некој ме прашува кои ти се идолите од жени во технологијата во Македонија, доаѓа момент да се замислиш. Треба да има повеќе. Можеме да кажеме интернационални, но, се додека нема повеќе од 10 автентични жени во Македонија, ништо не правиме,“ смета Ризовска.

Она што во моментот се појавува како предизвици, според неа, е популаризацијата на работата во ИТ секторот на сметка на другите индустрии. Причина за тоа е што во ИТ индустрија секој може да се пронајде поради широкиот спектар на работни позиции, а паралелно, голема е и потребата за ИТ инженери.

„Трендовите се подобруваат кога станува збор за жени во технологијата. Во моментот, тоа изнесува од 20% - 30% во технологија во домашните компании. Мора да се има предвид дека инклузивноста ги подобрува работните односи во тимовите. Треба да посочуваме успешни приказни. Промени се потребни. Од друга страна, се’ уште лидерските позиции ги држат мажите. Во споредба со мажите, жените имаат само 18% на позициите генерални извршни директорки на ИТ компаниите во Македонија. Тоа е многу мал број за толку голема индустрија“, смета Ризовска.  

Награди и поддршка за „Woman in tech“ и „Waste2help“

Како што се пофали Ризовска, минатиот месец организацијата „Woman in tech“ доби награда на светско ниво за најдобра земја за едукација, влијание и развој на ИТ технологијата и свесноста на различните технологии во нашата земја.

За „Waste2help“, пак, неодамна добиле поддршка и од „ Македонски Телеком“. Тоа е вмрежувачка платформа која обезбедува пристап за сите хумани луѓе, донатори и поединци кои нудат помош на сиромашните и ранливите категории на граѓани, со плаќање на нивните сметки.   

„ Досега се собрани и платени речиси 50 000 евра за подмирување на сметките за 200 семејства кои немаат струја и вода. Тоа се семејства кои немаат светло за да можат децата да учат. Кога бевме на терен беше страшно. Морам да напоменам дека тоа е наше квалитетно потрошено време. Во нашиот случај, се собравме тим и решивме да најдеме дигитално решение во време на пандемија, каде многу лесно со два клика ќе можеш да помогнеш на загрозените луѓе. Тоа квалитетно време треба да се чува и троши рационално бидејќи може да направи добри дела“, децидна е Ризовска.