Сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителите кои ќе ги применуваат протоколите за работа, ќе  издава Независната угостителска комора. Како што соопштија од НУК, тие од среда, 14 април започнуваат со издавање на сертификатот „Чисто и безбедно“( Clean &safe) за сите угостителски објекти кои во целост ги почитуваат и применуваат препораките и протоколите за работа во услови на пандемија.

Сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителите кои ќе ги применуваат протоколите за работа

НУК, како што стои во денешното соопштение, доби овластување за издавање сертификати „Safe travels“ по потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на туризмот со Министерството за економија.

„Чисто и безбедно“- бесплатно


НУК е првата комора што ќе го издава сертификатот со печат „Чисто и безбедно“( Clean &safe) за македонските угостители, а по примерот на европските и соседните балкански земји. Сертификатот е бесплатен и за период од шест месеци. Со него им се дава до знаење на посетителите дека посетуваат трговски и угостителски објекти кои се обврзале да ги почитуваат сите правила, процедури, препораки и протоколи за работа со кои се обезбедува чист и безбеден престој.

-Во време на здравствената криза во која сме затекнати повеќе од една година за секој наш гостин најважно е здравјето и неговата сигурност во престојот на угостителските објекти кои ќе мора да покажат и докажат дека ги исполнуваат бараните стандарди, препораки и услови за безбедност и превеција во заштитата на здравјето,нагласуваат од Комората.

Сериозните угостителски објекти (ресторани, кафетерии, барови, хотели и клубови) сега имаат можност преку единствени процедури кои ги обединуваат сите препораки дадени од СЗО, како и препораките кои се применуваат во соседството и Европската унија, заедно со протоколите за работа дадени од Комисијата за заразни болести, насоките и препораките за справување и спречување на ширењето на вирусот од Министерството за здравство и Владата, да направат проверка и да го усогласат своето работење. Целта е да се здобијат со глобално признаени сертификати со кои на домашните и странските гости им се гарантира поголема безбедност при посетата на овие објекти.

Глобални стандарди


-Добивањето на сертификатот „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО” е од посебно значење не само за време на актуелната пандемија, туку и за постковид периодот. Затоа што не само локалните гости туку и на останатите потенцијални туристи и посетители на Македонија сакаме да им укажеме дека сме тука да се грижиме за нивната сигурност и здравје при нивната посета и престој во нашите реномирани угостителски објекти, потенцираат од НУК.

Сертификацијата и добиениот печат угостителските објекти можат да го користат во своите рекламни материјали, на социјалните мрежи, на своите веб страни во електронска форма, како и на влезните врати на рестораните и хотелите.

На овој начин се добива единствена потврда дека угостителските објекти ги исполниле не само одредени локални стандарди туку дека исполнуваат и многу глобални стандарди за превенција и заштита на личното здравје, со што можат слободно на своите гости да им гарантираат чист, безбеден и пријатен престој.

Безбедносните сертификати се користат во повеќе земји


Овие сертификати се веќе неколку месеци во примена во земјите на Европската унија и Балканот. Повеќе илјадници угостителски објекти кои ги исполниле условите и правото на нивното користење веќе ги имаат.

Дополнително со донесувањето на препораки или протоколи за организирање на настани (разни прослави, семејни веселби, свадби и корпоративни настани) како и за работа на ноќните клубови и дискотеки ќе бидат изработени и соодветни сертификати. Тие ќе бидат во согласност со препораките за работа на истите наменети за овие угостителски сектори и специјализирани објекти.

Сите заинтересирани угостители, менаџери и сопственици на угоститителски објекти кои сакаат да аплициаат за сертификатот, треба да ја пополнат апликацијата на следниот линк: АПЛИКАЦИЈА - БАРАЊЕ ЗА ДОБИВАЊЕ СЕРТИФИКАТ И ПЕЧАТ “ЧИСТО И СИГУРНО” .

Швајцарските здруженија и асоцијација за трговија и туризам се првите кои започнаа со издавање на ваквите сертификати и печати “Clean & Safe”. Швајцарската кампања „Clean & Safe“ е поддржана и од Switzerland Tourism.