Четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.

Државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Се очекуваат 200 000 патници плус со новите линии.

Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.

„Виз Ер“ е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул. 

Субвенциите се одвиваат по нов модел, во кој меѓу новините е тоа што тие се даваат за патник по доаѓање, наместо по заминување. 

Какви се бројките?

На скопскиот и охридскиот аеродром минатата година беа опслужени 3,1 милиони патници. Во првите девет месеци, годинава, според податоците, нивниот број изнесувал 2,4 милиони и се бележи зголемување од 3 проценти во споредба со лани. За аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија кој раководи со двата аеродрома во земјава, новиот модел на субвенционирање е прифатлив и очекуваат дека ќе имаат повеќе патници.

Новиот повик за субвенции беше објавен на 6 септември и заврши на 7 октомври. Тој се однесува за програма за периодот од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027 и за овие три години предвидено е да се одвојат вкупно 375 милиони денари (125 милиони годишно) или околу шест милиони евра. 

Но, тоа не е единствената разлика. Моделот се менува со тоа што субвенциите ќе се исплаќаат по број на патници кои дошле, наместо на тие што заминале. Се зголемува и сумата.

Претходно се субвенционираше по 7 евра од патник во заминување од аеродромот во Скопје и по 4,5 од охридскиот. Сега, државата ќе дава по 9 евра за патник што ќе пристигне на скопскиот односно 12 на охридскиот аеродром.

Со новиот повик се тргна и барањето за задолжително оперирање до дестинацијата што се субвенционира по истекот на периодот за поддршка која досега беше обврзана да сообраќа за онолку време колку што имала субвенции. 

Бројот на патници во 2019 изнесувал речиси 2,7 милиони. Пад се бележи само во пандемиската 2020 година кога поради ковид-19 кризата имало само 782.876 патници. Следната година повторно има нагорен тренд со 1,4 милиони патници, а во 2022 тој изнесува речиси 2,4 милиони.

Лани, на двата аеродроми поминале 3,15 милиони патници. Тие летале со речиси 24 илјади летови.