Македонски Телеком го заврши првиот квартал од 2026 година со значителен раст на бројот на корисници, континуиран развој и инвестиции во мрежната инфраструктура, како и со стабилни и позитивни финансиски резултати. За ова информираше телекомуникацискиот гигант во објава на официјалната веб - страница на 30 април. 

Од компанијата соопштуваат дека вкупните капитални инвестиции (CAPEX) на крајот од првиот квартал изнесуваат 411 милиони денари. „Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) се зголеми за 2,8 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека нето добивката бележи раст од 0,6 проценти“, наведуваат од Македонски Телеком. Приходите од продажба исто така се зголемени за 5,8 проценти.

Компанијата информира дека повторно ја добила престижната Ookla® награда за најдобра мрежа во Северна Македонија, при што, како што посочуваат, „нашата мрежа е најдобра во пет клучни категории – најбрза мобилна мрежа, најбрза фиксна мрежа, најдобро мобилно видео искуство, најдобро мобилно гејминг искуство и најконзистентна мобилна мрежа“.

„Ова признание се однесува на мерењата за втората половина од 2025 година и претставува потврда за нашата лидерска позиција на пазарот“, додаваат од компанијата.

Од Македонски Телеком истакнуваат дека 5G мрежата е достапна за 97% од населението, со гигабитни брзини во речиси сите градови. Дополнително, компанијата посочува дека оптичката инфраструктура опфаќа 377 илјади пристапни точки, што, како што наведуваат, „е речиси двојно повеќе во споредба со сите други оператори на пазарот заедно“.

„Нашата посветеност на врвно корисничко искуство резултираше со раст на бројот на корисници во сите сегменти“, наведуваат од компанијата.

Бројот на корисници на широкопојасен интернет пораснал за 3,5 проценти и изнесува 226,5 илјади, додека вкупниот број на интернет пристапни точки е зголемен за 3,0 проценти.

Во мобилниот сегмент, корисничката база се зголемила за 1,9 проценти и достигнала 1,284 милиони корисници, додека во фиксната телефонија компанијата останува лидер со 239 илјади корисници.

„Ја задржуваме водечката позиција и на ТВ пазарот со удел од 38,4 проценти. Новата генерација дигитална телевизија – MagentaTV – бележи раст од 6,1 проценти и достигна 171 илјада корисници“, се наведува во соопштението.

Од компанијата додаваат дека новите услуги како Magenta 1 Unlimited, Magenta 1 Business Unlimited и програмата за награди Magenta Moments веќе достигнале 420.000 корисници.

„Според TRI*M индексот за мерење на задоволството на корисниците, Македонски Телеком е број еден телекомуникациски бренд во Македонија“, истакнуваат од компанијата.

Исто така, приходите од системска ИТ интеграција се зголемиле за 17,1 проценти, што, како што велат, е резултат на нивната стратегија за паметни и дигитални решенија.

Од Македонски Телеком нагласуваат дека продолжуваат со активности за развој на инклузивно дигитално општество и намалување на влијанието врз животната средина.

„Нашата грижа за вработените во првиот квартал од 2026 година ни ја донесе наградата ‘Најпосакуван работодавач меѓу телекомуникациските компании на национално ниво’“, наведуваат од компанијата.

„Ќе продолжиме да ја следиме оваа стратегија и да инвестираме во општеството, животната средина и нашите вработени и во наредниот период“, додаваат од Македонски Телеком.