Во присуство на многубројни гости од домашната културна сцена, вчеравечер (11 ноември), во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“ беше промовирана првата прозна книга на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“. Промоцијата на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја водеше уредничката Оливера Ќорвезироска.

„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател. Почнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење.


– Најзначајно за оваа книга на Синоличка Трпкова е што истовремено и нѐ изненадува и не нѐ изненадува. Знаејќи ги нејзините мошне луцидни и популарни искажувања за многу актуелни и горливи прашања од секојдневието на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“, како и нејзината висока писменост во најширока смисла на зборот, ни се чини нормално да објави книга. Тоа не нѐ изненадува. Но, откако ќе ја прочитаме „Никогаш не кажувам“, сепак сме изненадени, зашто книгава е многу повеќе од ангажирано и умно „пишување“ и коментирање. Таа е уметничка проза. Книжевност. Нарација со есеистички поттекст. Автобиографија со минимум исповедност, со максимум литерарност – истакна Ќорвезироска.


Авторката Синоличка Трпкова откри дека расказите се пишувани во подолг временски и првично не планирала да ги објави.
– Расказите ги пишував неколку години, за себе, и не беа за јавност. Да не беше иницијативата на уредничката Оливера Ќорвезироска, можеби немаше да бидат објавени... Живееме во време во кое секој секому забива нож в грб. Ова е време на ножеви, од зад грб. Сите станавме експерти за тоа. Па, во едно таков немилосрден период, си реков, зошто да не пробам еднаш сама да удрам по себе, да видам како тоа изгледа кога јас би си забила сама нож. Значи, како прво ова (објавувањето на расказите) е еден вид експеримент. Како второ, сметам дека, во суштината, не можеш да бидеш уметник ако не се изложиш себеси комплетно на јавноста. Јас сум актер и навикната сум да работам со своите емоции и мене тоа ми недостига веќе 20 години (не ги сметам улогите во студентските филмови, затоа што не сум актер во нив, а имам потреба да бидам актер). Во даден момент, тоа соголување и тоа саморанување преку овие раскази ми дава можност да ослободам еден актерски и филмски дел од себе. Човек што не е ранлив не може да создава. Човек што не се критикува себеси, што не си го забива ножот, не може да забива на другите луѓе нож. Прво треба да си критичен пред себе, а потоа треба да си критичен кон другите. Тоа е мојот став генерално за животот. Така сум и воспитана... Мојата опсервација на себеси е доведена до совршенство, во добра и во лоша смисла на зборот. Од една страна да се сосечам себеси, а од друга страна да си дозволам себеси некои работи. А си дозволувам само кога ќе се сосечам – истакна Трпкова.

За себе вели дека е импулсивен пишувач. Дека кратките раскази во нејзината замисла се како кратки филмски сцени, кои ги пренесува онака како што изворно ги доживува.
– Кратките раскази се нагло пишувани. Ако ги документирам точно како што биле, тоа би било документарна репортажа за мене. Но, како актер, јас имам должност на улогата да ѝ дадам некаква естетска форма. Па, така, и на овие раскази што излегле како дел од мене, како месо откинато, си отстојале извесно време и по средувањето по извесен пат сум пробала да им дадам целина, естетска форма, може и малку метафора. Овие раскази не се плански пишувани. Не сум писател што ќе седне и ќе пишува, прв, втор, трет роман, туку сум импулсивна. Се гледам повеќе како актер, кој немал каде да бега и седнал да пишува... Кога пишувам е како да ги гледам филмските сцени што што не можам да ги снимам – бидејќи не сум режисер, а и не можам да го одглумам – бидејќи немам можност да играм. Ги запишувам, токму онака како што ми доаѓаат во главата, како сцени, а потоа ги средувам. Ако не го фатам тој миг кога ќе ми дојдат идеите, можат да избледат... Моите раскази можам да ги споредам со кратки филмови направени со еден кадар. Не сум режисер, но кога би можела, би напишала сценарио врз основа на овие раскази и би снимила краток филм. Тоа е мојата најголема желба – рече Трпкова, која пред присутните на промоцијата прочита два расказа од „Никогаш не кажувам“.


Во книгата се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката. Наидуваме на омажи, вистински медалјони за Данчо Чеврески, но и за другарката Соња; во оваа книга „гостуваат“ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски, но и мириси, вкусови и одамна починати деца во една болница во Франција – митскиот топос на Синоличка, точката во која е забиена боцката на нејзиниот емоционален шестар. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири. Се разликува дури и по насловувањата.

Наспроти книжевните насловувања од претходните четири циклуси, во петтиот, сите четиринаесет цртички се со ЗА: ЗА интернетот, ЗА емпатијата, ЗА половите, ЗА талентите, ЗА фашизмот итн. Ова не е напуштање на книжевноста, на раскажувањето, туку еден вид проширување на фокусот со поангажиран социјално-културолошки пристап; еден вид дијагностика на раскажувачките состојби од претходните циклуси. Токму во овој спој на нарацијата и пошироката општествена размисла се добива хибридната глазура на книгата. „Никогаш не кажувам“ е топло, но не и нежно справување со времето, со спомените, со болките и радостите на живеењето пред и во пандемијата. Кажано со зборовите на авторката, ова е „хроника на интимата“, но и брутално искрена книга во која острицата на ножот е насочена навнатре, кон самиот раскажувач, не нанадвор кон раскажаното.

Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актера. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста“ на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што го мислат другите. Затоа многумина мислат дека ја знаат. Во оваа хроника на интимата, наречена „Никогаш не кажувам“ нè води до нејзините скришни места и самата ни кажува која е всушност.