
Во пресрет на 40-то издание на Скопје џез фестивал, на 18-ти октомври ќе биде отворена изложбата Complicate Simply! Изложба на плакати на Скопскиот џез фестивал. Местото на настанот е Галеријата на Младински Културен Центар, просторот кој е врзан за почетоците на култниот фестивал.
Посебната инспирација за оваа изложба пристигна со новото ремек-дело на Славимир Стојановиќ Футро, плакатот за годинешното, јубилејно, 40. издание на Скопскиот џез фестивал. Изложбата содржи 24 избрани креативни решенија за плакат, без хронолошки редослед, според нас, најдобрите во долгата историја на фестивалот.Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на Скопскиот џез фестивал му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите - единствени во светот од тој тип.

Благодарност до сите дизајнери и агенции (и оние што не се застапени на изложбата) со кои заедно ја градевме визуелната историја на фестивалот. И на кураторот на изложбата, Небојша Гелевски - Бане - велат од Дирекцијата на фестивалот.
Но, та не е единствениот настан.
На 24-ти октомври, пак, ќе се случи на промоција на две нови CD изданија на SJF Records:
- "Intertwining a Fugue" на Yordan Kostov Ensemble и
- "A Wave Returns to the Ocean" на Svetlost + Odron Ritual Orchestra.

Дел од одличниот материјал поместен на "Intertwining a Fugue", новиот албум на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов и неговиот многуброен ансамбл, ќе биде претставен во живо, во рамките на нивниот настап на годинешното јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал (22 октомври, Национална опера и балет), додека, пак, албумот "A Wave Returns to the Ocean" на Svetlost + Odron Ritual Orchestra e, всушност, документ од нивниот извонреден концерт, одржан и снимен минатата година на Скопскиот џез фестивал.
Оваа двојна промоција е дел од програмските активности за одбележување на јубилејот: 40. Скопски џез фестивал.