Скопје ќе биде домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) од 28 до 30 октомври, на кој се очекува присуство на повеќе од 600 лица, претставници на владите, меѓународните организации и банките, академската заедница, приватниот сектор и граѓанските организации од 70 држави.
Над 150 експерти ќе дискутираат на 35 панел сесии. Целта е да се даде широка перспектива за глобалниот енергетски премин преку споделување национални и регионални стратегии за забрзување на чистата енергија, презентирање на иновативни технологии и решенија од меѓународни организации, приватниот сектор и академската заедница. Ќе бидат промовирани механизми за финансирање и партнерства, со обезбедување на инклузивно учество на младите, жените и граѓанското општество.

Домаќин на форумот е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН (UNECE, UNESCSP, UNECLAC, UNECA и ESCWS).
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека форумот е од голема важност и дека со УНДП работеле една година на неговата подготовка. „Обезбедивме над 150 експерти кои ќе учествуваат како панелисти, а ќе имаме 35 панел сесии. Тоа ќе биде од исклучителна важност за целиот регион и на светско ниво, бидејќи учествуваат сите пет региони, има и од Африка, Латинска Америка, Азија.
Со овој настан Скопје и Македонија се ставени не само на европската туку на светската мапа. За учеството пројавија интерес над 1000 лица, но по спроведена селекција, ќе присуствуваат околу 600 до 700 лица.
Ќе има многу интересни панели кои се поврзани и важни и за Македонија – праведната транзиција, млади во енергетиката. Ќе ги слушнеме искуствата кои се применуваат на светско ниво и ќе се запознаат со работата на Министерството. Очекуваме претставници од над 70 држави“, изјави Божиновска, по денешниот брифинг во МЕРМС посветен на организацијата на форумот.
Таа најави дека на последниот ден од форумот ќе биде потпишана Декларација Скопје која, потенцираше, ќе остане забележана на ниво на ОН, што значи дека Скопје ќе биде на таа мапа.
Од цели кон акција
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Грегоријан, оцени дека темата „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ е повеќе од слоган, бидејќи ја одразува итноста која сите ја чувствуваме. „Енергетската сигурност и климатската отпорност се две страни од истата паричка бидејќи светот се соочува со зголемени ризици во однос на климатските промени, поплави, топлински бранови, пожари и сето она што предизвикува стрес во однос на инфраструктурата и економиите. Одржливата енергија претставува клучна двигателна сила за одрживоста во иднинатата, така што на глобално ниво УНДП завршува голема работа на оваа тема. Заедно со енергетскиот акциски план на ОН, Стратешкот план на УНДП сака да постигне трансформативна енергетска цел, а тоа е да имаме уште дополнителни 500 милиони луѓе кои ќе имаат пристап до одржлива, достапна и веродостојна енергетика. За да се постигне оваа визија, потребно е сите заеднички да делуваме и нема подобро место за дискутирање на такви теми од овој форум на кој ќе имаме претставници од многу земји, меѓународни организации, бизнис заедници, финансиски институции“, рече Грегоријан.
Тој посочи дека децентрализираните енергетски системи веќе не се опција, туку стратешки пристап. „Сите сме свесни дека во Северна Макоднја генерирањето на еектричната енергија доаѓа од термоелектраните, но исто така сме и сведоци на трансформативните промени. Децентрализираните енергетски системи не се веќе нешто што е опционано, тие се веќе нешто што е стратешко, а децентралзацијата значи и отпорност и пониски трошоци и енергетска независност. исто така ги поддржува целите на Владата, а тоа значи да се постигнат сите цели според патоказот за праведна транзиција“, рече Грегоријан.
Укажувајќи дека финансиите мора да ги следат амбициите, тој посочи дека на овој форум ќе се презентираат различни механизми кои ќе обезбедат да се спојат и јавниот и приватниот капитал за да се модернизираат и мрежите, за да се овозможи употреба на обновлива енергија и да се направи соодветното прилагодување.
Форумот IFESD-14 во Скопје ќе се надогради на резултатите од минатогодишното издание, што се одржа во Бангкок, а со цел да се обезбеди платформа за конкретни акции и политики кои ќе ја забрзаат праведната и инклузивна енергетска транзиција.