Струмичката компанија „Риверсофт“ е релативно стара компанија, но, и релативно нова со изменета сопственичка структура. Брендот „Риверсофт“ се наоѓа осум години на македонскиот пазар. Претходно, во сопственост на двајца скопјани, а сега во рацете на струмичанец. Сопственикот Тони Костов, вели дека неговото искуство и плодови ги собрал во компанијата пред тој да ја преземе. 

По долгогодишно работење од девет години како генерален менаџер, му се укажала можност да ја откупи компанијата и да стане нејзин сопственик во 2014-та година. 

„Идејата за отпочнување на бизнис не е во парите, туку во нашата желба и мотивација за успех. Започнавме со шест луѓе вработени и нула проценти капитал. Денеска веќе, компанијата брои 100 луѓе и располагаме со над пет милиони евра капитал, со комплетно наш логистички центар, вклучувајќи ги сите можни сектори од маркетинг, продажба, човечки ресурси... Едноставно, изградивме компанија за репер. Честопати некој знае да каже дека бизнисот не е нивни. Да, точно е, не е наш. Имаме партнери и тоа се банките“, вели сопственикот на компанијата, Тони Костов.  

За компанијата која ја поседува вели дека има богато портфолио и важи за исклучително моќен бренд. „Риверсофт“ важи за четврти етаблиран бренд, единствен во техниката кој не е од Скопје. Иако се уште го нема на скопскиот пазар, „Риверсофт“ сепак е моќен играч и релевантен фактор. 

„Скопје е нашата финална цел, ќе го поставиме постулатот во сите градови и на крај ќе дојдеме во главниот град“, најавува Костов.  

Она што генерално претставува проблем за бизнис секторот во државата, сепак, не ја одминува ниту „Роверсофт“. А тоа е кубурењето со нови вработувања. 

„Најголем проблем не е платата. Платата сама доаѓа и се стекнува со труд. Од наша страна како бизнис сектор, најголеми проблеми се два сегмента. Тоа се институциите на системот, односно образованието и иселувањето во западноевропските земји. Образованието не нуди кадри кои на нас ни се потребни, туку некомпетентни кадри. Не смеат младите да живеат во стаклено ѕвоно и да мислат дека родителите ќе им ги отворат вратите за вработување. Факт е дека компаниите и цел бизнис сектор се соочува со недостаток на млад квалитетен кадар во денешно време. Знаеме и самите дека образовните институции лиферуваат кадар кој е недоволно едуциран“, смета Костов. 

Од друга страна, пак, во однос на енергетската криза, периодот кој следува го оценува како најтивкиот период во економијата. „Риверсофт“ пред енергетската криза имала трошоци од 4 000 евра за електрична енергија, додека до пред еден месец, сметките стигнувале и до 25 000 евра. Со цел да можат да ги намалат трошоците, компанијата одлучила да инвестира во фотоволтаици. 

„Направивме сопствена инвестиција од 300 000 евра во фотоволтаична централа. Изградивме своја централа и од минатата недела сме приклучени на енергетско дистрибутивниот систем. Со 380 киловати дневно производство ние сме независни од системот. Но, моравме да се подложиме на одредено финансиско задолжување кон нашите кредитори, се со цел да го држиме курсот на компанијата, бидејќи најголемиот предизвик во моментот е енергетската криза и инфлацијата покрај предизвикот со вработувањето на кадри“, обзнани Костов. 

За последиците кои ги чувствуваат бизнис секторот и домаќинствата од енергетската криза, прстот го вперува во државата, велејќи дека Македонија долги години наназад не успеа да направи ниту еден нов енергетски систем.