Дали животот се враќа во нормала? По се изгледа дека – ДА! Во тој правец, лека-полека и настани кои градот во кој живееме го прават пошаренолик.

Имено, во организација на Младинскиот културен центар во Скопје на 6, 7 и 8 мај ќе се одржи „Мини Земјотрес“, 9-ти по ред.

„Мини Земјотрес“ е фестивал на свежа домашна музика. Место на одржување е Кино Фросина во МКЦ.

Заради КОВИД-от, и овој пат строго ограничен број на билети (70 билети по вечер) по цена од 200 ден.

Еве ја програмата:

06.05.21 (четврток)
• Дина Јашари (фото)
• Перија

07.05.21 (петок)
• 3ject
• The Local Blue

08.05.21 (сабота)
• Александар Велики
• Кантон6

Еве како организаторите, подржан од Градот, го најавуваат фестивалот:

Скопје е град под опсада.
Ребрендиран страв навлегол по куќи и станови, па анксиозно ползи долж пукнатините на подот и ѕидовите. Внесува немир во ноќните преговори помеѓу будните и заспаните. Глупав, досаден страв кој додатно ја компликува размената на мислења на љубовниците помеѓу вечерата и појадокот. Најкасно докај 5 часот и 16 минути наутро, секој од нас го пие првото утринско кафенце, подготвен да се втурне во денот, во кој нема каде да се оди и нема со кого да се види. Градот е под опсада. Ја викаат Пандемија. Ја викаат страв.

Баш мислевме што да направиме. Мора нешто да се направи, почна да не боли газот од седење. Помисливме ајде да испровоцираме серија микро потреси, онакви мали земјотреси кои удираат секои два-три месеци, колку да не потсетат дека сме живи. Да потврдиме дека сме живи, а? Да се сетиме дека сме музика. Серија мали... маааали, малецки концерти по два на ден во три дена. Три дена ЗЕМЈОТРЕС. Мал, мини... сладок, земјотрес. Колку да не му се тресеме на стравот и да и се насмееме на опсадата директно во глупавото лице.

Ние, децата на Скопје, го паметиме и она што било пред да се родиме. Паметиме како изгледа кога најубавата младина на оваа земја ќе проструи низ коридорите на НАШЕ МКЦ. Земјотрес е масивен музички и социјален удар, кој го слави животот со двојно повеќе живи од човечката загуба во 1963. Прослава на живата култура и младешка енергија, која му пркоси на концептот на деструкција. Оваа година ќе пркосиме скромно, но решително. Земјотрес МИНИ. Земјотрес #9.