Скопјани веќе со години се жалат на несоодветниот јавен превоз, но сега градот се соочува со нова шанса – електричните автомобили за изнајмување доаѓаат како современа, зелена и практична алтернатива. Додека автобусите остануваат постари, поретко се појавуваат и често не се доволно навремени, „Avant2Go Car-Sharing“ станува симбол на промена и надеж за поубав живот во урбаната средина.
Скопје е град каде што јавниот превоз е синоним за несигурност и неудобство. Недостатокот на возила, нередовните линии, дотраените автобуси кои често се расипуваат и доцнат, а неодамна и целосен колапс поради недостаток на гориво – само 25 автобуси дневно го опслужуваа градот, додека илјадници граѓани чекаа на постојките без гаранција дека ќе стигнат до работа или дома.
Политичките препукувања и блокираните сметки на ЈСП го одложуваат обновувањето на возниот парк, а проектите за брз автобуски превоз и нови еко-автобуси остануваат само на хартија. За многумина, јавниот превоз стана последна опција, а градот се гуши во сообраќаен метеж и загадување.
Нова ера: Електрични автомобили за изнајмување
Во ваква атмосфера, „Avant2Go Car Sharing“ се појавува како свеж здив и пример за европски урбан тренд. Скопјани сега можат да изнајмат електричен автомобил преку мобилна апликација, за само 22 денари по километар додека возат и 5 денари по минута додека стојат во место. За почеток, достапни се 100 електрични возила, со специјално обележани паркинг-станици на 20 локации низ градот.
Возилата се стартуваат и се враќаат на посебно обележани паркинг-станици, со цел да се олесни пристапот и да се намали хаосот во градскиот сообраќај. Паркинг-местата се на приватни локации и се обележани со посебна боја, а во иднина се планираат уште повеќе станици, вклучително и на универзитетите и во други општини.

Како функционира системот?
Системот е едноставен: симнување на апликацијата, резервација, потврда на возачка дозвола, избор на најблиска станица и старт на вашето еко-патување. Сите настанати штети или прекршоци се евидентираат, а корисниците имаат 24/7 поддршка преку контакт центарот на „Avant2Go“.
Моделот на споделување автомобили е дизајниран за луѓе кои имаат потреба од автомобил само повремено, овозможувајќи им да плаќаат само за времето и километражата што ја користат. Оваа услуга е поевтина од такси, 20% поекономична од сопствено возило, и значително ја намалува потребата за купување втор или трет автомобил во домаќинството.
Електричните автомобили не испуштаат штетни гасови, се потивки од класичните возила и придонесуваат за почист воздух и помалку бучава во градот.
Планот е за две до три години бројката да порасне и до 1.000 електрични возила, а услугата да се прошири и во други градови. Засега споделувањето на автомобили е најконкретниот чекор кон одржлива урбана мобилност.
Додека скопјани сè уште чекаат на функционален и модерен јавен превоз, електричните автомобили за изнајмување се првиот вистински сигнал дека градот може да чекори кон европските стандарди – со повеќе избор, помалку загадување и поголема слобода на движење. Скопје конечно има шанса да се трансформира во град што е зелени, поекономичен и побрз од било кога досега.