Долгорочните проблеми на противпожарните бригади ширум земјава доаѓаат до израз речиси секое лето кога во државата беснеат пожари. Тоа е и меѓу ретките теми за нивното функционирање кои не се присутни во јавноста само на одбележување значајни датуми.
На 20 мај, македонските пожарникари го одбележаа Денот на пожарникарството. Меѓу нив и Боби Вељановски, пожарникар во скопската бригада и дел од Независниот синдикат на пожарникари. Во делот на надлежностите кои градот Скопје ги има над бридагата, вели дека е на солидно и задоволително ниво.
„Има усогласување на платите, генерално се решени сите наследени проблеми од актуелното раководство. Економскиот статус е решен во моментов за плата и примања, ноќни и викенди, сето тоа се плаќа. Проблемите што ги имавме се надминати комплетно, дури последните три години домаќински се работи“, изјави Вељановски.

Од минатиот месец, има 31 ново вработување на пожарникари во скопската противпожарна бригада. Нивниот број во моментов изнесува 203. Сепак, тоа е далеку од законски потребните 380 пожарникари, но, како што напоменува Вељановски, тоа е нереална бројка и не може да се достигне.
„Оптималната бројка која има можност да се достигне е 250 пожарникари. Очекувам да се примат уште 40 нови пожарникари, се надевам да биде пуштен огласот за нови луѓе“, вели тој.
Во дел на опремата, состојбата е непроменета, но, како што напоменува Вељановски, град Скопје не е виновен за тоа, бидејќи ингеренциите паѓаат на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Од железо злато правиме, ги одржуваме старите возила. Дојдени сме во ситуација, да го одржуваме старото максимално колку можеме. Сега некој да рече дека ќе купи нови возила, би му биле потребни две години. Бидејќи, не постои производител во Европа кој за помалку од 9 месеци ќе испорача. Прво треба да нарачаш, да се направат, да се почне тендерската постапка уште 12 месеци. Ова што го имаме, да го одржуваме. Горд сум што одржуваме се и да ги завршуваме работите, како алхемичари сме“, вели Вељановски.
Припадниците на скопската бригада и врачија благодарница на градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска по повод 20 мај – Денот на македонските пожарникари за унапредување и модернизација на условите во бригадата и за подобрување на екипираноста, обезбедените соодветни обуки за пожарникарите, кои се битни за зголемена подготвеност при интервенции.