„Слоу фуд Македонија“ од 22 до 26 септември на Тера Мадре Салон дел Густо-најголемиот и најинтересниот глобален настан посветен на земјоделството и храната.

 

 „Слоу фуд Македонија“ ќе се претстави со своите репрезентативни и автентични производи, президиуми, работилници и презентации. Во павилјон од 100 метри квадратни со организирана кујна, сала и саемски изложбен простор ќе се прикаже традиционалното гастрономско благо- преку вкусната храна и кулинарски специјалитети карактеристични за нашата земја, како и македонска гостопримливост преку презентација на првиот водич „Слоу Фуд гостилници“.

Слоу фуд Македонија како дел од глобалната мрежа Слоу Фуд Интернешенел  годинава учествува на овој важен настан за иднината на храната во светот со повеќе од 50-члена делегација составена од  производители, едукатори, готвачи, активисти и членови на ова движење.

 Тие ќе ја претстават земјата низ многубројни презентации, локални производи, работилници, информативни дебати: „Арката патува низ македонските планини, долини и езера“. Меѓу другите, ќе бидат презентирани и дегустирани автентични македонски производи на кои им се заканува опасност од исчезнување, како и дегустација и оценување на најпознатиот извозен бренд во Италија, овчеполското јагне во организација на земјоделската задруга „Еко Овчеполка“. Потоа, традиционални сирења произведени од сурово млеко, а ќе бидат раскажани и македонски овчарски приказни за животот на високо, директно од хероите на млекото. Претставување на македонската медоносна пчела, дискусија за важноста и иднината на пчеларството и дегустација на мед и пчелни производи, а преку ритуалот на подготовка на свадбарска погача ќе се презентира - чурек и слатко од диви смокви.

Организирана е и презентација на првото издание на водичот Slow Wine и дегустација на одбрани вина, потоа -  „Училишните градини- зелени училници на иднината“, „Новите дечки на стариот занает“ -преку традиционалните и иновативните дестилати и уште нешто од традиционалното: во Торино ќе се сучи охридскиот комат.

Многубројните посетители и сите учесници на саемот ќе можат да ги вкусат јадењата карактеристични за македонската кујна: тавче гравче, пинџур, ајвар, тикварник, домашен леб... што ќе ги подготвуваат готвачите од македонската алијанса на Слоу фуд. 

Презентација на Слоу фуд гостилници ќе го долови нашето традиционално гостопримство преку гастрономската тура низ Македонија, потоа, на самото место ќе се проследи подготовка на ширден - најпознатиот прилепски специјалитет, ќе има претставување на новата пивска сцена и дегустација на  занаетчиски произведени пива.

На македонската Слоу фуд презентација во паркот Дора, на 14-тото издание на Тера Мадре ќе се случуваат и: „Алхемија на вкусовите“, резервирана за новите иновативни производи на младите производители, „Македонското сточарство и млекарство, преку- млеко, планини и традиција“, а македонските президиуми на панелот Slow Food Travel Balkans ќе се обединат околу можноста Балканот да има заедничка туристичка понуда и ќе дебатираат како да се валоризира наследството на храна.

Тера Мадре е најважен настан посветен на културата и храната што се организира на секои две години, а на манифестацијата ќе присуствуваат преку 50 делегати од мрежата на Слоу фуд Македонија: производители, професори, готвачи, активисти и членови на Слоу фуд кои заедно ја креираа програмата.

Настанот се реализира со финансиска поддршка на  Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу фуд интернационал, како и со поддршка на  „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко Овчеполка“ и логистика на македонската заедница во регионот Пиемонт.