„Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“- оваа инспириративна мисла на Алберт Ајнштајн е мото на годинашниот Слоу фуд салон, каде ќе се истражува длабокиот однос помеѓу човекот и природата.

-Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, Слоу Фуд ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и еко-системот. Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми, стои во соопштението.

Посетителите ќе може да уживаат, истражуваат и вкусуваат на Саемот на производи на храна – запознавајќи ги локалните и регионалните производители од целата Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна. Тука е и Салонот на пијалоци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата, стои во соопштението.

На Слоу фуд арената, како што информираат организаторите, ќе се одржат и три форуми каде ќе се разменат различни спротиставени идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата:

  • Едукација за одржлива иднина,
  •  Агроекологија и Слоу Фуд фарми –
  •  Слоу Фуд Травел.

Најавени се атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на Миксологијата – локалните пијалаци во нови комбинации, потоа школо за готвење – новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна, а вистинска авантура ќе биде да се истражи павиљонот „ Маслинкарник“…

Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната:

  • „Шепот на природата“
  • „Природна сложувалка“
  • „Разговор со природата“
  • „Малите чувари на живиот свет“

Слоу Фуд Салонот е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.